недела, 20. јуни 2021. Вести денес: 99
home Колумни

Никој за ништо веќе не ви верува

Никој за ништо веќе не ви верува

Едно нешто за кое веќе мислевме дека е завршена работа од минатото, беа лажните политички ветувања.  Можете што сакате да кажете за владеењето на претходната структура која ја водеше државата повеќе од 10 години, но едно нешто за кое треба да им се симне капа е држење до изборната програма и ветувањата во истата. Дали чекорите и политиките кои ги водеа беа исправни и добри, тоа времето ќе покаже. Не, дека се држеа во огромна мера до тоа кое го ветуваа и се бореа да го остварат, апсолутно е така.

Доколку ги видите сите оние нешта кои ги актуелната власт ги дава во два наврати на парламентарните избори и на изминатите локални избори, и што од истата реализирала, се ќе ви стане јасно. Одозгора на сето тоа и едек куп одлуки, мерки, законски решенија и проекти кои никаде никогаш не ги ветиле, а ги тераат и не отстапуваат.

Според чекорите кои се влечат, повеќе од очигледен е очајот во кој владејачките структури влегуваат. Место да си ги засукаат ракавите и да отворат фронт кон владеење на право, правна држава, инфраструктурен развој на цела земја, инвестирање во кадри, Мерит систем за раст во кариерата меѓу јавните и државните службеници, власта се занимава со анализа на опозицијата и медиумите дали биле против нив, и зошто.

Се изнаоѓаат инстант решенија, се купува социјален мир, тонеме во долгови како држава, а продуктивноста е никаква. Само се купува време, за да се преживее на престолот. Се закочија еден куп инфраструктурни и развојни проекти, а само селективно се довршуваат дел од проектите на претходната власт. Никој веќе не зборува ни за загадувањето, како преку ноќ таа тема да е вон видокругот на „загрижените“.

Законските решенија кои се носат преку ноќ, со притисок кон опозицијата, се само гол популизам и борба за рејтинг, без визија, без желба за напредок. Очигледно европската агенда е само фиктивна, затоа што не можеме да видиме ништо во реалноста што ќе не направи конкурентни.

Медиумите пак се посебна приказна. Жално е да се види колкумина го напуштаат новинарството и медиумите, а секој пат кога новинар ќе постави прашање кое е критичко, наидува на напад. Секаде во светот, новинарите се лица со образ и авторитет, само тука се држачи на микрофони.

Луѓе, сфатете дека медиуми кои се про владини послушници, не се медиуми, туку пи ар служба на власта. Секој медиуми треба и мора да е со критички став кон власта, а колку е по жесток, а сепак објективен, дотолку подобро. Тоа е и работа на медиумите, да бидат коректив на власта, прашањето е само дали ќе се благи или жестоки кон она што власта го сработува. Најголемиот проблем кај нас е полтронството и интелектуалната сервилност.

Навистина не ги сфаќам министрите и функционерите кои тераат контра на народот и јавноста во моменти кога јасно им се става до знаење дека мерките и политиките кои ги водат наидуваат на општо незадоволство. Зарем ќе не убедуваат дека тоа што го прават е во наш интерес, ама сите ние ништо не разбираме?

Како не сфаќа власта дека после сите глупости кои ги направи и спроведе, дека обичниот народ едноставно, не им верува?! Џабе менуваат партиски тела и членови, џабе прават рокади на одредени позиции, кога главните лаги ги кажа токму оној кој ја предводи и Владата и владејачката партија. Едноставно, кредибилитетот е изгубен, а враќање нема.

 

Александар Ристевски

ЕУРО 2020

Македонија