петок, 20. мај 2022. Вести денес: 151
home Колумни

Ни Стево, ни девојка

Ни Стево, ни девојка

Најновиот македонски сообраќаен знак вели: „Внимание, луѓе чии зборови не соодветствуват со нивните дела!!!“ Знаете чиј лик е на знакот? Фер, има голема конкуренција…

И така, верувале или не, Стево Љубави не се сретна со Македонци туку со бугарски граѓани?! Ова е зезалица, нешто ко „Бугари ушли у Софију!“, нели? Не, второто е шега, ова е полошо. Ова е крајно лицемерие. Да, Пендаровски, кој без проблем му изјавуваше љубов на Бојко, сега не се сретна со МАКЕДОНЦИТЕ од ОМО Илинден Пирин, јок. Никако, нема шанси. Оти, така ќе го навредеше другар му Радев. А за чувствата на стоката/народот, Стеки мува не го лази. Докажано…

Лицемерие е кога се преправате дека имате убедувања, мислење и стандарди кои, всушност, ги немате. Кога ги мамите другите дека ги поседувате. Ви текнува на некои северџански дејанија и ликови од претходниот опис? Милион…

Не бадијала, за луѓе кои седат на две столици и немаат став, македонскиот народ вели „Ни риба, ни девојка.“ За лицемерни и дволични претседатели кои немаат став, пак, новата поговорка е „Ни Стево, ни девојка.“ Заслужено. Љубави… Оној истиот хипокрит, кој за да не го навреди Киро Петков излажа дека е во карантин, па не се сретна со „бугарските граѓани“ од ОМО Илинден Пирин, за да утредента чудесно оздраве, го прекине карантинот и се сретне со пола бугарска влада. А Пецаков на правдина доби кривична, Пендаровски не. За заразување бугарска влада нема кривична. Така вели северџанската логика. Е сега, за да повторно, не дај Боже, не ги вознемири чувствителните ушиња на шовинистите кои ја блокираат иднината и го негираат минатото на неговото столчено племе, Стеки најде Соломонско решение. Се сретна со бугарски граѓани и зборуваше за нивните човекови права. Срцепарателно, нели. Се растреперивте, разнежнивте и расплакавте од  напливот на емоции, гарант. Алан Форд и Монти Пајтон вода да му носат. Башка, тие се смешни. Ова не е ни трагикомично, само трагично е…

Се сеќавате како северџаните, тогаш во фаза на полноглавци или шарени дилајли, погрдно го нарекуваа претседателот Иванов: Фикус. Епа, ако Иванов бил фикус, а не беше, тогаш Стево е грмушка која зборува. Да, имаше една таква токму во Монти Пајтон, иако нивната е Мурти Зајтон (Муртински Заев) во чест на ликот и неделото на идолот им, пародија која одлично им одговара на кловновите Шпендаровски, Црпко, Таче и целата ступидна државна направија од циркусот на „С“. Знаете, по навика, со прстот најчесто покажуваат оние со валкани раце…

Сепак, во сета оваа хипокризија, некој требало да му каже на Стево дека патриот не се глуми. Или си или не си, проѕирно е. А дали си, се познава од авион. Море од вселената. Затоа наликувате на слонови во пижами. Човечето кое многу мавта со рачињата кога зборува, пред две години рече дека Гоце Делчев е Бугарин, а советникот му Малески тоа го вергла секој ден. Така патриот не се станува. Исто ко другарчето му Димитров. Можеби помакедонувањето е во мода, особено кога гледате дека престолонаследникот на Муртинхаузен оди кон окончување на македонското прашање и мазохистички анекси на и онака идиотскиот договор со Бугарија. Можеби, пак, го напуштаат бродот кој тоне, пловило  чии дупки и кратери во коритото ачик се видоа при локалните избори. А знаете кој прв го напушта бродот кој тоне? Заев, Шеќеринска, Димитров, Пендаровски, Царовска. Не, оние сивките со голи опавчиња  на кои сигурно прво помисливте се благородни животинки, веројатно и повеќе си го сакаат родот свој од северџанските политичари…

Сето ова се случува истиот ден кога Петков најави дека гушнати заедно со престолонаследникот Таче ќе ја чествуваат 150-годишнината од раѓањето на македонскиот апостол на слободата, Гоце Делчев?!?! Премногу, нели. Гарант, кумановскиот Ќуран (такој Ковачевски го викаф кумановци) уште е под импресии од ВЕЛИЧЕНСТВЕНИОТ ПРЕЧЕК во Софија, како што самиот воодушевено кажа.

Искрено, после се’ и по секој следен чекор назад кој го прават Заевци и неговите рикверц-пулени, една работа е се’ посигурна. Фројд, дефинитивно, бил во право. Недостигот на срам е апсолутно првиот симптом на нечија недоветност.  Владејачиве оперирани од срам, гордост, чест и достоинство се најдобар пример, а недоветноста е и најблагото објаснување за нивните злодејанија. Исти се како денарче. Дволични (две лица) и безвредни…

Факт е и дека дерман немало, нема, ниту ќе престанат да не срамат преку командите на Заев, сега испратени од грчка плажа. Се’ е исто, само него го нема. Во влада. Единствена сатисфакција е што не му го гледате натопореното муртинско фацуле кое излегуваше и од фрижидер.

Велат, ќе имаше многу помалку лага и проблеми доколку лукративните, ограничени, празни и затворени умови доаѓаа во комплет со затворени усти…

Коронавирус