понеделник, 10. август 2020. Вести денес: 6
home Колумни

НЕМА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, НЕМА УРЕДБИ СО ЗАКОНСКА СИЛА!

НЕМА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, НЕМА УРЕДБИ СО ЗАКОНСКА СИЛА!

Претседателот Пендаровски денес соопшти дека нема да прогласи нова вонредна состојба иако бројките на новозаразени лица се алармантни. Смета дека државата функционира добро, дека има доволно економски мерки за следниот период, дека има залихи на медицински материјал. Вонредната состојба истекува утре, на 13 јуни на полноќ, што значи дека веќе од недела, 14. јуни Македонија се враќа во редовна состојба со примена на Уставот и законите.

По престанокот на вонредната состојба, согласно член 126, став 2 од Уставот, престанува овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила.

Со оглед на фактот дека уредбите со законска сила се врзани со овластувањето на Владата да ги носи овие акти само во време на вонредна состојба, со престанокот на вонредната состојба престануваат да важат и уредбите со законска сила.

Ова не е само уставна логика извлечена од уставната одредба дека овластувањето дава моќ, легалитет и легитимитет за носење на уредби со законска сила, туку и мислење на Венецијанската комисија во кое јасно се наведува дека „уредбите треба да го изгубат својот правен ефект во моментот на престанокот на вонредната состојба“ (Compilation of Venice Commission Opinions and Reports on States of Emergency https://www.venice.coe.int/webforms/documents/?pdf=CDL-PI(2020)003-e, (стр. 21).

 

Што практично значи престанокот на вонредната состојба во наши околности?

Освен престанокот на важењето на уредбите со законска сила, повторното враќање на правната состојба во земјата во редовен колосек ќе значи дека ДИК, од недела 14 јуни кога престанува вонредната состојба, повеќе нема да биде обврзана да ја следи првата уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, ниту втората, уредбата со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес. Ова практично значи дека ДИК ќе мора да работи исклучиво во согласност со Уставот и со Изборниот законик.

Со оглед дека Изборниот законик не познава институти како „прекинување на изборни дејствија“ и „продолжување на изборните дејствија“, впрочем не го познава ниту терминот „изборни дејствија“, сите изборни рокови ќе мора да се вратат од почеток ако сакаме изборите да бидат легални, легитимни, фер, демократски и кредибилни.

Во Македонија нема нов, законски утврден изборен ден.

12 април, кога беа закажани предвремените избори, како термин е одамна поминат, исто како што е поминат и уставниот основ од 60 дена за нивно организирање. Значи, уставниот основ организирање избори 60 дена од денот на распуштањето на Собранието повеќе не постои.

Владата со уредба не може да го запре времето, ниту да ги прекине роковите.

Со уредба не може да се утврди нов изборен ден, бидејќи согласно член 67, став 4 од Уставот „Претседателот на Собранието распишува избори за пратеници и избор на претседател на Републиката“.

Ова практично значи дека треба да биде утврден нов изборен ден врз основа на претходно постигнат партиски консензус. Претседателот на Собранието има административен капацитет да донесе ново решение за распишување парламентарни избори.

Тој административен капацитет го влече од член 63, став 1 од Уставот каде стои дека „Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав“. Со оглед дека решението за распишување на изборите е административен (управен) акт кој го донесува исклучиво претседателот на Собранието по донесувањето на одлуката за распуштање на Собранието, административниот капацитет на Џафери му дава за право, врз основа на веќе донесената одлука за распуштање на Собранието од 16.2.2020 година, да донесе ново решение за распишување избори со изборен ден што претходно ќе биде утврден со партиски консензус.

Денот на изборите од секогаш е прашање на партиски консензус и е техничко прашање со политичка тежина.

Врз основа на тоа ново решение, ДИК ќе биде должен да направи нов изборен роковник по кој ќе ги утврди роковите за сите со закон утврдени изборни активности што треба да бидат преземени (прочистување на Избирачкиот список и внесување на сите лица кои во меѓувреме наполниле 18 години, овозможување на дијаспората повторно да собира гласови за добивање можност да кандидира свои пратеници во Собранието, отворање на уставната можност сите граѓани кои во меѓувреме навршиле 18 години да можат да се собираат потписи за своја кандидатура за пратеници (пасивно избирачко право), и слично).

Државната комисија за спречување на корупција ќе мора од понеделник да отвори итна постапка за испитување на законитоста на сите мерки што владата ги презема како исплати на т.н. трет сет мерки за финансиска поддршка на одредени категории граѓани согласно уредбата. Во член 7 од уредбата за прашањата од изборниот процес јасно е наведено дека чл. 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик, како и чл. 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси не се применуваат до престанокот на вонредната состојба.

Со оглед дека вонредната состојба престанува во сабота на полноќ, од недела повторно се враќаат во правен промет забраните утврдени во чл. 8-а од Изборниот законик и чл. 33 и 34 од Законот за спречување курупција и судир на интереси. Како што е познато, согласно овие члена забрането е да се вршат вонредни исплати на буџетски средства во предизборен период, како и вработувања на нови лица во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување.

Ако владата продолжи да врши вонредна исплата на буџетски средства тоа ќе повлече кривична одговорност за сите инволвирани лица и органи.

Враќањето кон Уставот и законите ќе значи почитување на уставниот принцип на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните. Искуствата од првата вонредна состојба во земјата допрва ќе бидат анализирани, иако и сега може да се даде незадоволителна оценка за работата на владата во справувањето со последиците од епидемијата. Владата во најголем дел арбитрерно се постави во вонредната состојба, излезе од доменот на своите и онака ограничени овластувања, имајќи предвид дека станува збор за техничка влада и не ги почитуваше европските стандарди што се однесуваат на вонредната состојба. Донесе многу уредби со законска сила за прашања кои немаа никаква врска со вонредната состојба што допрва ќе биде предмет на оценка и одговорност на владата од страна на соодветните институции.

 

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

 

Коронавирус