недела, 20. септември 2020. Вести денес: 41
home Колумни

Не биди ѓубре

Не биди ѓубре

Знаете, најлошо е кога ќе седнете да пишувате, во главата имате еден куп теми, почнувате, застанувате, и така се навраќате неколку пати.

Не знам од каде да почнам. Дали од тоа што ние во културата веќе два месеци немаме плати и што не така мал дел (вклучувајќи ме и мене лично) поради бог знае какви околности доживеавме да и покрај колективен договор со кои се креваат платите останеме без ништо, дали за тоа што расте цената на струјата и сите попратни трошоци, дали од тоа што ни се правеше филм за граѓански концепт, ни наметнаа мултинационална, а добивме бинационална држава, дали поради ерозијата на вредности, дали од еден куп глупости што секојдневно ни маваат шамар, ама што попрво.

Јас денес ќе почнам од основното. Од ѓубрето. Драг мој сограѓанину, сожителу …те молам, НЕ БИДИ ЃУБРЕ. Те молам, контролирај се од поривот да фрлаш и расфрлаш, да си го чистиш ѓубрето од дома каде сакаш, да одиш на излет и оставаш отпад, да фрлаш пикавци, салфети, шишиња, да тресеш чаршав од балкон, да плукаш, р’каш, да стариот мебел го оставаш пред зграда и до контејнерите, да кога го реновираш станот вреќите ги фрлаш по некоја удолница …едноставно, престани. За се има чаре. Е да, се плаќа. Иако одредени услуги и се гратис, ти ги покрива општината, градот, разни здруженија. Неретко, ни трошок немаш, само не треба да бидеш стока. Треба да се грижиш за својата земја, своите соседи, да не бидеш себичен.

Многумина прво ќе рипнат, со ставот: „А бе, еден куп луѓе не се бунеа за името, за договорите со Грција, Бугарија…“ Драги мои, човек кој не се грижи за својата околина, за својот влез, за својот двор, за паркот, за шумата, за околината во која играат неговите деца, гајле му е и за државата и за се пропратно што доаѓа.

Мало дете додека расте му се наметнува дисциплина, ред, хигиена и одговорност, а сувопарен патриотизам. Детето на кое сте му ги наметнале овие вредности, патриотизмот ми доаѓа природно, сам по себе. Во земја во која секој прави што сака, во земја во која нема ред, дисциплина и воспитување, но и почитување на соседот, на околината, нема ништо. Ни родољубие, ни патриотизам, ни ништо.

Како што и ни кажа Западот: Бевме Заробена држава, а сега сме Хибриден режим.

Оправете се! Излезете од вашите домови. Самоорганизирајте се, месни заедници, локални совети, куќни совети, комшии, пријатели. Кажете си добар ден. Земете исчистете си ја околината. Пријавете прекршител. Воспитајте си ги децата. Ете така ќе докажете дека ви значи и дека ја сакате Македонија.

Станавме мрзлива и летаргична нација. Чекаме политиката и партиите да решат се. И секој за се е крив, ни ние самите не. Мора да се реформираме самите, како нација, и да ги земеме работите во свои раце. Во спротивно, ќе останеме да бидеме заложници на разни политички елити. Демократијата доаѓа од долу, од плебсот, од народот. Ѓубрето, хаосот, оштетената урбана опрема се знаци на ниско цивилизациско ниво и немаше основна култура, а следствено на тоа и отсуство на родољубие и патриотизам, а присуство на ксенофобија, национализам, радикализам, фундаментализам.

Ајде да си ја исчистиме Македонија! За нас, наша си е, затоа што ја сакаме! Сите до еден. Без популизам и камери, без пи ар и маркетинг, без партии, без било каква задна намера. За нас.

Биди човек, не биди ѓубре. За Македонија!

Александар Ристевски

Коронавирус