среда, 29. јануари 2020. Вести денес: 127
home Колумни

Над пепелиштето од мојата земја

Над пепелиштето од мојата земја

„Таа земја,
сега што ја чекорам,
таа земја,
в пролет што ја буди југот,
таа земја – своја не ја знам,
таа земја,
простете: е туѓа!“

Не сум одличен познавач на Македонската поезија, но соочени со нашата национална трагедија која немушто ја гледаме како замајани, невообичаено за мојот стил на пишување, немам чувство дека една елегична колумна можеби ќе допре до чувствата нечиј. Впрочем, целта на оваа колумна не е да разбудува нечиј одамна изгубени човечки димензии, туку едноставно да погледне со моите чувства кон нашата земја.

Надвиснат над пепелиштето од мојата земја, низ уши ми прозвучија стиховите на Вапцаров за „мојата земја“. Патем, според мене, „Прошталното“ негово е најубавиот стих било кога напишан во светската поезија. Можеби веќе и Вапцаров го продадоа? Но, пепелиштето, за него ми беше збор, кое, со брзина достојна за Гинис, го создадоа властодршците наши, ми создава чувство дека оваа земја не е моја, не можам да ја препознаам мојата Македонија. Дури и не требаше да бидам изненаден, сето ова беше за очекување. Се започна со октроирана власт со подлога ефеменистички наречена коалиционен капацитет, а политички отелотворено како „Тиранска платформа“, а продолѓи со многу други познати и непознати, но генерално неразбирливи Истамбулска конвенција, Маракешки договор, Договор за добрососедство, Договор од Нивици, Закон за двојазичност, СЈО, „Рекет“, Корупција и.т.н, и.т.н, нормално се насочено да се пеплоса Македонија. Гледајки го пепелиштето останува надежта дадена во стиховите на Бранко Миљковиќ дека „ништо не е изгубено во огинот, само е збито во пепелта“. Последните случувања ми даваат мала надеж на потврда на овие стихови, можеби легендата за воскреснатиот Феникс од пепелта, не е само легенда. Впрочем и Него го распнаа и „Воскресна на третиот ден, според словото“. Таков е и Македонскиот код креиран од дамнина низ сите векови.

Легендата вели дека воените победи на Александар Македонски се темелеле на неговите генијални стратегиски замисли, битката кај Херонеа до ден денес се изучува на светските воени училишта. За оние кои не го познаваат Македонскиот код, тајната на успехот била во една основна, длабоко во себе вгнездена кај секој Македонец, Македонска стратегија. Имено, по започнување на битката секој Македонец бил генерал и дејствувал без хиерархиски ред на наредба, секој во секој момент дејствувал самостојно во интерес на Македонската кауза или самоиницијативата била клучна во екот на битката. Токму последните настани даваат потврда за Македонската стратегија. Она што се случи во Венецијанската комисија не беше некоја планирана стратегија – комплот (за елоквентниот ни премиер ова може и да биде компот и уште доколку е од Мамас, тамам е) на стратешки делувања од повеќе правци и позиции против актуелната власт. Напротив, ова беше изблик на националната цврстина на еден МАКЕДОНСКИ ГЕНЕРАЛ кој самостојно делуваше во рамките на Венецијанската комисија и надвор од неа, со целосниот негов интелект и научен капацитет во заштита на Македонската кауза.
„Благодарение“ на пандемониумот (место каде егзистираат сите можни демони), а кој го создаде оваа власт, како целосно нефункционирање на „системот“, се изродија „МАКЕДОНСКИТЕ ГЕНЕРАЛИ“. Суверенот (народот) мора да ја превземе судбината во свои раце. Прашањето е дали суверенот, а што е многу можно, поради когнитивниот дисонанс на власта, директно ќе се судри со октроираната власт и ќе си ја поврати украдената држава. Ваквиот стихиен развој на настаните може да има исклучително негативна рефлексија врз опстојувањето на државата преку некапацитетноста на институциите и појавата на други контратежи во политичко-мафијашка смисла. Пепелта ќе ја однесе ветерот создаден од политичките волунтаристи, егзибиционисти, но секако, преставниците на суверенот, неговите никогаш не инаугурирани „Генерали“ ќе ја продолжат борбата.

Некогаш, најчесто, невидливи-безимени, како членовите на ОМД, преку нивните успеси во Конгресот на САД, спротивставувајќи се на најразличните лоби групации, а најповеќе против лобито на власта во Македонија носат „зачудувачки“ успех. Понекогаш, тоа се и оние бизнисмени што, како сол на рана врз „отворена пупка“, го пеплосаа правниот первертиран систем, разобличувајки ја перверзијата на судката каста. Кастата која поради лични благодети го тргнаа превезот од очите на Јустиција и се подчинија на власт,а но не и на законот и уставот. Тука се и спортистите („ГЕНЕРАЛИТЕ“ Стоилов, Лазаров, Пандев) кои секаде го бранат, никогаш до крај не доистражениот, Македонскиот код. Да не ја заборавиме плеадата на Македонци, професори („ГЕНЕРАЛИТЕ“ Каракамишева, Котлар, Ќулавкова, Росоклија, Јацева –Улчар и многу други знајни и незнајни, промовирани и не промовирани колеги) кои го чуваат вековниот завет на дедовците за Македонското име и јазикот наш.

Громогласен е крикот на обезправените кој што се слуша од секој агол во Македонија. Доста е со политички шарлатани, политички авантуристи, некомпетентни аматери, кои како туристи дојдени набрзина го собираа азното на државата.

Нашето азно не се материјалните вредности, кои можат да ги украдат, не, нашето духовно азно нема да се дозволи никому да го разменува како џамбаз на Ат пазар заради нечии лукративни цели.

Полн со надеж дека имаме доволен број на “Генерали“, би воскликнал, како што тоа го прават навивачите на Селтик „ Т.А.L.“ (TiocfaidhAr La) – НАШИОТ ДЕН ЌЕ ДОЈДЕ.

На денот на Св.Андреј Првоповикан

Вонреден професор д-р Оливер Андонов