Дали намерно или случајно, ама не знам зошто сите велат дека на денешен ден е кодифициран јазикот наш македонски?
Претпоставувам мислат на современиот, стандарден, литературен македонски јазик и на писмото, кои на денешен ден пред 80 години се кодифицирани и стандардизирани. Писмото, поточно кирилската македонска азбука. Јазикот си постоел и претходно.
На кој јазикот пишувале Пулевски, и Крсте Мисирков, и еден куп пред и по нив?! Абецедарот во Грција објавен цели дваесетина години пред стандардизирањето на писмото, на кој јазик бил? Секако на македонско но се пишувал со латински букви. Еден куп луѓе пишувале на македонски со грчки букви. Кој кое писмо го знаел, тоа го користел но мислите/думите му биле македонски.
Еве, Турците пред реформите на Ататурк, кога презеле латинско писмо користеле некаква арапска форма на јазикот, османски турски. Империја имале со векови. Дели тоа значи дека и тие не постоеле и се „измислени“?
Небулозно е тврдењето на некои ликови, посебно од соседните земји кога сакаат да го деградираат и потценат постоењето на македонскиот јазик.
Уште по жално е кога ние самите поради немарност, или пак можеби и свесно и тенденциозно, самите влегуваме во лексички замки од кои после самите треба да се „переме“.
Писмото е кодифицирано, јазикот станува стандарден. Зошто тогаш? Затоа што тогаш добиваме држава, која е дел од една федерација! Јазикот нас постои со пишани извори стотици години претходно, а најмногу е зачуван преку црквата.
Најстарата запишана Македонска љубовна поезија потекнува од костурско, Беломорска Македонија, напишана на костурски дијалект, напишана е во 16тиот век во речник кој е составен во Костурско, а денес се чува во Ватиканската библиотека.
„Тако ти бога девојко“
Тако ти Бога, девојко,
как те зовет на име?
О, Душко, ле, жиф ти очи,
ходи овамо зарви ме,
Твојто ти целивање,
ти се молам дарви ме,
Што си лепа, што си, ле, бела,
Што си бела, што те љубам девојко!
Ела мое паригорие,
да те целивам во устата,
Како овоштие ме мирисет,
Штото роди крушата,
Тако ти вишнего Бога,
Не ми везми душата.
Што си лепа, што си ле бела,
Што си бела, што те љубам девојко!
До кога серденце моја,
Скривом да се љубиме,
Со страхови преголеми,
Денови да се губиме,
Ела, станви, поврага, ходи,
Да се вземиме.
Што си лепа, што си ле бела,
Што си бела, што те љубам девојко!
Песната „Тако ти бога девојко“ е напишана на старо македонски јазик, со грчки букви, без превод на грчки јазик:
…Τάκο τι μπόγα ντεβόῑκο,
κἂκ τε ζόβετ νά ῑμε…
Александар Ристевски