понеделник, 9. декември 2019. Вести денес: 27
home Колумни

Молк на интелектуалната и академска јавност

Молк на интелектуалната и академска јавност

Во Македонија работите не одат на добро, а една од многу значајните причини која придонесува за зголемување на ваквиот негативен тренд е недостигот на критички однос кон глупостите на власта. Поттикнувањето и артикулрањето на критички однос е обврска на интелектуалната и пред се на академската јавност која е коректив на етичките и моралните норми во општеството, односно чувар на законитоста во релациите во општеството. Тоа не е обврска на Комисијата за антикорупција, тaа е државен орган, тоа е обврска токму на академската јавност која врз основ на етиката и моралот на почитување на општествените норми и квалификација на знаењето треба да го насочувa јавното мислење и трендот на критика кон се она што власта го права аморално и неетички во својата трка за пари и злоупотребата на моќ.

Оваа критика не треба да биде политички мотивирана туку токму академски и интелектуално со цел зачувување на националната ментална и морална хигиена. Кога зборувам за национална ментална и морална хигиена не мислам исклучиво на Македонскиот народ, туку на сите граѓани на Република Македонија кои без разлика на етничкото потекло ја сочинуваат Македонската нација и директно се загрозени од порастот на неетичност и неморалност за кој тренд интелектуалната и академската јавност молчат.

Зарем само професорите, колегите Каракамишева и Калајџиев, како и инспекторот Илиевски се единствените кои се подготвени отворено да пишуваат, коментираат, аргументирано критикуваат или како инспекторот Илиевски согласно своите законски овластувања да преземаат мерки за попречување на општествената неетичка и противзаконска девијација?

На ова хипотетичко прашање не е можно да се даде ниту конкретен одговор, бидејќи во прашање е чувството за општествена одговорност кое го носиме во себе како интелектуална и академска јавност. За жал тоа чувство очигледно го немаат многу од колегите кои на времето беа исклучително гласни во разно-разни професорски, студентски или еснафски пленуми. Очигледно дека целите и намерите им беа лукративни, така што сега добро и упорно, „мудро“ молчат. Во исто време најлесно е да го критикуваат колегата Мицкоски кој е дел од академската јавност, но како лидер на најголемата политичка партија во Македонија е најмногу на удар. Не навлегувам во исправноста на политичките одлуки на опозицијата, но поентата е да му се помогне, не како на политички лидер, туку како на колега универзитетски професор, а се со цел за да се вратат моралните вредности во општеството и да може истата таа академска заедница и интелектуална јавност да реагира и на евентуално идните грешки на колегата Мицкоски како Премиер. Тоа е морално и етички, а во служба на нацијата, државата, општеството, граѓаните.

Во вакво невреме во кое се урива државниот правен, правосуден и обвинителски систем, исто како што се урива и образовниот систем (преку незаконското унапредување на колеги на Тетовскиот универзитет), сите овие недела и неетичност, пртоивзаконитост и обиди за неказнивост, неможе и нетреба да поминат во молк на академската заедница и интелектуална јавност. Поедините „крикови“ во насока на освестување на јавноста несмеат да останат изолирани. Неакадемски и неморално е да се воспитуваат идните академски граѓани, а во исто време да се молчи пред неспорните факти за страшни скандали во обвинителството, судството, владата, образованието и јавна демонстрација на незнаење, неграмотност и интелектуален дефицит на оние кои се власт.

Исклучително неетично е да колегите министри, заменици министри и директори кои противзаконито добиле унапредување во академската заедница, молчат и покажувајќи политичка моќ се обидуваат да се пресметаат со инспекторот Илиевски, а при тоа егзекуцијата (исклучиво лукративно – политички мотивирана) да му ја препуштаат на директорот на Државниот Просветен инспекторат. Ова се чекори кои ја уриваат државата и нејзиниот систем за нормално функционирање, а воедно не воведува во сферата на неказнивост и нееднаквост пред законот или хаос на владеењето на правото на посилниот-помоќниот. Затоа и свесни за оваа можност во самата академска заедница ќе се судираме со самоволие на ректори, сопственици на приватни универзитети и други самоумислени моќници кои надвор од законска процедура ќе делат откази на професори и нема да им исплаќаат плати, надоместоци и придонеси, односно ќе се однесуваат понижувачки кон академскиот наставно-научен кадар.

Свесни за ова, сепак колегите од академската заедница молчат, гласно молчат чувајќи ја својата умислена позиција, авторитет и углед, а всушност ги чуваат своите приходи и комоција, додека во реалноста студентите нашите идни академски граѓани гледаат што се случува во општеството. Како тогаш почитувани колеги очекувате нашите млади колеги да останат и да творат во Македонија кога гледајќи ја хипокризијата уште во самата академска и интелектуална заедница веднаш на почетокот губат надеж за иднина во Македонија.

Контекстот на реакции заради зачувување на доблеста и етиката во општеството требаше да биде громогласен поради сето она што ни го приреди власта. Поради Катица за чија неморалност и нестручност надалеку се слушаше, а за жал сега и се гледа колку и невешто да се обидуваат да ја сокријат вистината дека „царот има козји уши“, требаше да реагира целиот Правен факултет Јустинијан први, (не само колегите Каракамишева и Калајџиев), а по него и сите акредитирани правни факултети во Македонија како и поединечно сите доктори на правни науки без разлика дали имаат наставно звање. Нема да ги споменувам сите силни правници, професори, адвокати и незнам кој уште што со сите сили се бореа против „режимот нели“, а сега ги нема никаде удобно сместени во своите „заслужени“ кабинети. Трагично е академската јавност, срамежливо да „реагира“ во сопствените кулоари, а во медиумите да се гради лажна приказна (полека и најпрво срамежливо) дека Заев е тој што е на челото на борбата против организираниот криминал, „пријавувајќи“ го случајот Рекет. Во исто време се забавува јавноста со боледувањето на Катица, намерно свртувајќи го вниманието на јавноста кон тривијалности. Молчи академската јавност и срамежливо тук-таму кулоарски коментира дека истрагата за Рекет треба да опфати повеќе лица од СЈО, а за тоа дека овој случај ја отвори целата слика за суштината на оваа СЈО и неговата политичка намена за потребите на Заев нема да слушнеме ниту збор.

Одтука, насушна е потребата сега и веднаш академската јавност да даде поддршка за итен престанок на било какви активности на СЈО и да се преиспита целокупната досегашна работа на Катица и СЈО во сите претходни предмети, особено во однос на доказите поради што е вршен и сеуште се врши прогон врз многу луѓе. Во една прилика напишав една колумна „кој ќе им суди на Катица и Заев“, сега издадена во мојата книга „Премрежијата за едно историско време за Македонија“. Ве молам пронајдете ја за да се потсетиме на веќе кажаното.

За трескањето глупости од страна на Заев (не е ниту прв ниту последен пат), повторно нема стручна, интелектуална и академска реакција. Се јави Милчин и секако лицемерно Лилјана Поповска од ДОМ за да каже нешто. Доколку реакцијата на Поповска е искрена можеше да реагира со напуштање на парламентарното мнозинство и со тоа да даде личен пример. Нема реакција ниту од колегите од историските науки.

Сето ова е жално. Нашиот конформизам ја уништува државата, го разјаде општественото ткиво на Македонската нација и го уништи системот за функционирање на државата. Одржувањето во живот на државниот систем и нацијата е задача на интелектуалната и академската јавност. Тоа е наша историска, општествена, морална одговорност.

Ги замолувам сите колеги од академската заедница, а особено колегите од правните науки да бидат храбри и да ја заштитат законитоста во Македонија, како и колегите од историските науки за да ја заштитат фактичката историја на Македонскиот народ и на Македонија, нашата лукративност драги мој колеги скапо не чини веќе, а доколку продолжиме по овој пат нашите наставно-научни звања ќе станат беспредметни и ќе бидат за потсмев сега и засекогаш, бидејќи покажуваме недостојност. Да се запрашаме каков ни е реалниот авторитет пред нашите помлади колеги, студентите идните членови на академската заедница.

Молкот е неподнослив и срамотен чин кој не доликува на академска и интелектуална јавност во било кое општество и под било каква закана врз личните интереси и цели.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов