петок, 18. октомври 2019. Вести денес: 66
home Колумни

Моќ

Моќ

Стара вистина е дека животот на човекот го управуваат три работи: однос кон секс, однос кон пари и стравот од смрт. Тие три нешта решаваат во наше име. Кога човек ќе успее, ако успее, трите работи да ги избалансира и здружи во функционална целина, во синергија, тогаш пред него доаѓа финалето: желба за моќ!

Моќта е врската помеѓу човекот и божественото. Таа создава сила одлуката на поединец да има влијание врз животите на другите луѓе. Големата моќ на оној кој е на врвот има влијание врз иљадници, врз милиони други. Меѓу него и Господ е – само небото.

ОК, а што потоа. Што со моќта. Што со моќ без контрола?

Како на човек кој во оваа работа, во срцето на политиката плива над триесет години верувајте ми на збор: Оние кои демонстрираат најголема моќ во македонската политика беа, и се уште се, најголемите полтрони пред помоќните од нив, пред се оние во пар амбасади и гости на функции во тие држави што повремено доаѓаат кај нас за да заработат поен повеќе во своите кариери на наш грб.

Дека со моќта забегале прво ќе забележите по тоа што за себе зборат во трето лице: зборат за себе употребувајќи го своето име како да зборат за некој друг. Прв со таков став за себе, како за некој друг, почна Бучковски кога беше премиер. Продолжи Заев кој зборувањето за себе во трето лице го применува постојано. Заради многуте гафови и себедемантирања оваа појава поминува некако недоволно забележано. Но, дали е поради водата од чешмата на Бихаќка, или некој им има ставено уроци таму, и Пендаровски уште како кандидат – повратник почна за себе да збори во трето лице.

Зборењето во трето лице за себе кога имаш моќ е отворено признание дека себе не се доживуваш како човек кому местото му е на врвот. Не се препознаваш себе во таа функција туку се гледаш отстрана: дека е некој друг таму горе во твое име, а ти длабоко во себе си се уште долу, на дното. Дека се е измама и привид. Моќ која е привремено подарена.

Веројатно најголемиот блам на оваа кампања досега е изјавата на Пендаровски: не ме казнуваат полицајци поради пребрзо возење бидејќи ме знаат од телевизија!!!

Пази, човекот е правник, плус и полицаец со кариера и сака да биде претседател на држава и ужива дека полицијата не го казнува како сите други затоа – што го знаеле од телевизија. Тој е воодушевен од себе дека го имало на телевизија! Да има правила во СДСМ би му ја одземале кандидатурата уште вчера, ама и ние и тој знаеме како е избран и без да се кандидира според правилата, па од тоа нема ништо.

Нема ништо и затоа што во СДСМ, особено во партискиот врв, знаат дека за нив нема ни суд ни казни. Тие правила важат за другите, за нас, за тебе, ама не и ако си од СДСМ, а особено ако те знаат од телевизија. Кој не верува, ако не е од врвот на СДСМ, нека стисне гас на црвено па нека провери кога ќе го запре полиција дали пред законот е еднаков со Стево.

Плус, и не е затоа што го знаат од телевизија. Мене ме знаат уште од кога Стево полагал матура, ама имам повеќе од триесет сообраќајни казни платено досега. Сепак, не го казнуваат Стево и неговите затоа што се од СДСМ, а не заради телевизиските фаци.

Тоа е она од почетокот на текстот: кога човек ќе забега од сопствената моќ, кога таа ќе му го помати умот. Моќ која сега ја има елитата на СДСМ е досега невидена во Македонија, најголема и најбрутална во демонстрирањето додека други институции ти го штитат грбот и им ги врзуваат рацете и устите на твоите политички противници.

Тоа не е политичка борба. И нема да трае уште долго.

Еве, да има сето ова поента и завршница да најавам дека после изборите оваа власт и овој состав на влада кој сега го гледаме – нема веќе да го има. Аналогно на тоа, ни правилата кои досега ги гледавме, изживување врз противник со врзани раце и залепена уста.

После изборите ќе следи нова влада, во проширен состав која некои ја нарекуваат “влада на национален спас“ иако називот не соодветствува со приликите. Спас може да даде само друг лекар со нова дијагноза и лекови, а не оној кој довел до состојба на кома, и за кој не важат закони. СДСМ го знае ова и полека се подготвуваат за симнување од власта, особено како досегашната.

Во тие подготовки се обидуваат да ја завршат работата со измама. Проширената влада “за национален спас, или за национално помирување“ да биде решена така што на двајца бивши министри од владата на Груевски да им се дадат функции во владата на Заев и да се замачкаат очи.

Но, тешко дека работите ќе функционираат на тој начин. ВМРО на претседателските избори ќе освои многу гласови, со релана опција и за победа во првиот круг на Гордана Сиљановска иако, од другата страна, се наоѓаат заедно СДСМ и ДУИ. Тоа ќе значи дека СДСМ е поразен, а Мицковски е бетониран на лидерското место и создавање проширена влада без негова согласнот отвара криза која се затвара со – предвремени избори на есен.

Атмосферата на политичка криза и постојана најава на предвремени избори на есен го намалува притисокот врз медиумите, бизнисмените и судството кој сега СДСМ и неговите институции за партиска логистика го применуваат до максимум врз сите од другата политичка страна. Никој не е луд да не ја искористи слободата од притисокот која ќе му се даде, и да заглави како соработник на окупаторот кој се подготвува за повлекување.

По европските избори во мај во Брисел ќе ги нема ни Хан ни Могерини, туку на власт ќе бидат луѓе од кампот на народните партии каде што е и ВМРО ДПМНЕ, а нема да има ни почеток на преговорите со ЕУ во јуни што СДСМ го најавува и продава како своја заслуга, за на крај да го прими како своја казна и трагедија. Турција најави дека нема да брза со ратификација за членството на Македонија во НАТО, па и тоа што изгледаше сигурно не е веќе на дофат.

И, да се вратиме на почетокот. Рекламата за гумите Пирели вели: Моќ без контрола завршува во ендек. Треба да им се верува, имаат еден век искуство со таа работа.

Има крај, и тој не е далеку. За добро пакување се уште најдобри се Самсонајт куферите.

Драган Павловиќ-Латас за ВЕЧЕР