понеделник, 22. октомври 2018. Вести денес: 0
home Колумни

Мојот живот, мојот идентитет и моето богатство се Република Македонија

Мојот живот, мојот идентитет и моето богатство се Република Македонија

Во предвечерјето на најголемото предавство на Република Македонија, упатувам последен апел за разум и за достоинство.

Нема подобар спас за нас – Македонците, од тоа да си ги сочуваме името и идентитетот. Тие немаат цена. Колку и да си добар бизнисмен и колку и да си кооперативен и компромисен, за име на држава и за нејзиниот идентитет не се прават компромиси и бизнис зделки.

Никој нема да опстои без идентитет и име. Промена на име значи капитулација.

Утрешниот ден нема да не огрее посилно сонцето и нема да се чувствуваме погорди и побогати, доколку ни ги сменат името и идентитетот. Да, тие не се материјални нешта, тие не се гледаат или купуваат, но се чувствуваат и те прават посебен и горд на она што си. Доколку некој не се чувствува за посебен како Македонец и доколку не се гордее затоа што е Македонец, нека си замине од Република Македонија. Нема тука ништо зло. Но, зло е ако некој се токми да ни го смени името, како тоа да е име на фирма или улица. Па, дури и за ваква промена, потребни се задолжителни процедури (Централен регистар, Совет на општина и слично ).

Луѓе мои, се работи за промена на име, од дедо и прадедо наследено. Зарем треба и воопшто за ова да се дискутира и преговара? Ако на некои им пречи историјата на Република Македонија и Македонскиот јазик и идентитет, нека си живеат со таа пречка. Нивен проблем.

Не смее никој, па ни тој, да се дрзнува да преговара за името на нашата држава. Нема право. Нема за тоа ниту поддршка од граѓаните на Република Македонија. Се повикува на Референдум, кој би се правел отпосле. После свадба, џабе се тапаните. Ова е велепредавство. Ова е се, само не мислење и правење добро на својот народ и својата земја.

А, народ без земја, е како куќа без покрив, како уста без зборови, како очи без видело…

Тоа сакаат да ни го направат, да не обездомат, да не онемат, да не ослепат.

Последен апел за македонска мисла, за македонско обединување, за Република Македонија.

Република Македонија поминала низ многу времиња и бремиња, видела многу херои и предавници, и сите тие се запишани во нашата македонска историја. И ова што ни се случува денес еден ден ќе биде запишано во македонската историја, но нема да се слави, туку ќе се проколнува. Македонец да си ја продаде Македонија – тоа е најголемото предавство. Нема поголемо.

И нема да има ни утре, ако ова се случи. Зашто утре, тоа би значело некоја друга држава, некој друг народ и јазик, некоја друга иднина.

Благодарам, но јас не сакам такво утре и таква иднина. Мојот живот, мојот идентитет и моето богатство се Република Македонија.

Дафина Стојаноска – пратеничка