петок, 23. април 2021. Вести денес: 40
home Колумни

МИЛА ПО СЕШТОЛОГИЈА

МИЛА ПО СЕШТОЛОГИЈА

Како и се овие три години  во „блескавата“ држава, се претставува дека и образованието е во нагорна линија, но фактичката состојба на терен е многу поинаква. Руинирани школи, без тоалети, тавани што уште не прозбореле, училници без врати, табли од Дедо Ное. Учебници понови и постари од одлични кон најлоши. Се на се, една тажна приказна и со право наречена  слична на Субсахарска Африка или заборавена британска колонија.

И наместо сето ова да се промени прво системски, последниот период сме сведоци на некаква си финска реформа која нема врска со државата Финска, ама убаво звучи за јавност, нели?

Нит е фина, нит нешто на фино ќе смени. Напротив, полошо не чека.

Ајде викам, поделени се мислењата во јавноста за истата, иако морам да признам, негативните реакции и коментари се побројни, решив да видам кој тоа ќе спроведува реформа, па прочепкав по биографиите на „недопирливите реформатори.“

Имав и што да видам… ШОК!

Прво, како може поранешен компромитиран директор кој моментално е во пензија да влијае врз одлуките за најавениот образовен концепт, давајќи поддршка на ваков начин?

Второ, директори кои срамежливо ѕиркаат на сликата и по некој наставник. Политичкиот притисок е огромен и мора да имаме разбирање и за нив, погрешно да не се разбереме. Трето, поранешен просветен инспектор и директор на основно училиште, со неетичко однесување кон родители, ученици и наставници? Со наводни неправилности во работењето?

Што да одам понатаму, си викам не за џабе нашиот народ често знае да каже дека „ рибата смрди од главата“, па реков да ја видам биографијата на министерката која се јавува како, божем, главен иницијатор на реформата. И? Пa, што да видам, one (wo)men show, мулти Мила или што би рекле учениците кој? – Мила бе, Мила по Сештологија!

Најголем успех – активист и советник за ХИВ работилница спроведува реформи во образованието? А некој научен труд? Истражување? Некаква врска со образование претходно?  Нормално дека ништо од тоа! Само скапо платен ПР, фино спакован проект (ама не со финско потекло) и 200 пати во една реченица „Северна“. Па од тука воопшто не ме чуди тоа што докажаните и успешни Македонци во државата и низ светот не ја користат срамната и понижувачка придавка. Не сум изненадена нити од папагалското повторување на власта за да не навикне на истата.

Логично ми се поставува прашањето како може некој да прави реформа во образование а нема допирна точка со образованието? Тоа е исто како јас, на пример,  доктор на економски науки, да спроведам реформа во здравството. Па уште јавно, без срам, да им кажувам на некој што поминал малтене, 20 години едуцирајќи се, како специјалист по кардиологија, што треба да направи при операција на срце?!

Дали советникот за ХИВ работилници некогаш отворила наставен дневник и дали знае што се запишува во него? Како се следи процесот на развој на еден ученик?

Милиони прашања, а ниту еден одговор.

До кога во нашата напатена држава ќе трпиме несоодветни кадри , кои само заради политички апетити се поставени на позиции кои не само што не ги заслужуваат, туку и треба да отворат YouTube да видат како изгледа нивната работа. Тоа е исто како со гореспоменатата операција на срце, ама со помош на YouTube.

И од тука, имам потполно разбирање и за професорите и за учениците и за студентите а особено за матурантите. Сигурна сум дека многу нивни родители се прашуваат дали почитуваната министерка знае како се полага матура? Дали полагала и што памети од полагањето? Која е суштината на матурата и за што ги спремаме идните студенти? За учење на памет, сигурно не!

Епа, драги матуранти, во право сте! Живеете во 21-ви век, имате пристап до секаква информација како се развива светот и доволно сте свесни дека овде кај нас, нешто не е како што треба. „Папагал метода“ на учење и јавен настап, не носат ништо добро.

Доста ве заплашуваат со „Дечки, ќе ве отстранат од школо, ВКЛУЧЕТЕ СЕ, не ставате нас класните во непријатна ситуација” и слично. Вие сте иднината на оваа наша земја. Не дозволувајте да ве замолчат. Експерти по Сештологија имало и ќе има, ама сето тоа е само краткотрајна гола политика. Бунтот е оправдан и истерајте го до крај!

Коронавирус