сабота, 6. јуни 2020. Вести денес: 22
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Колумни

Мицковски направи разлика – покажа лидерство!

Мицковски направи разлика – покажа лидерство!

Умот (сфатен како рацио) е појдовна точка на секое наше размислување, зборување, одлучување, дејствување и борба. Да! И борба! Водиме борба за зачувување на здравјето на луѓето и спасување на нивните животи. Но, и за спас на економијата, која создава вредности и продукти за нашата животна егзистенција. За успешноста во оваа битка треба да се има соодветна стратегија, сеопфатен и конкретен план и ефикасни мерки.

Умеењето сето тоа да се имплеметира и реализира се подразбира. Борбата бара работење со енергија, посветеност и страст. Притоа, треба да покажеме одлучност за акција. Ама и искреност, конзистентност, смисла за интегративност и заедништво. Подготвеноста да се прифати одговорноста е повеќе од неопходна. Императив кој безусловно се прифаќа.

Ајде сега да видиме на кои парадигми сме сведоци во овие времиња на корона наезда – наезда која ни го загрозува здравјето и не соочува со грозоморите на смртта. Имаме вонредна состојба, која правно е регулирана многу оскудно, само со два члена во Уставот. Во неа влеговме директно од предизборна кампања, без претходно да прогласиме кризна состојба. И да не заборавиме, имаме техничка (Пржинска) влада, а вонредната состојба, во состојба на самораспуштеност на Собранието ја воведе Претседателот Стево Пендаровски. И сега парадигма прва: Што да мислиме и што да се каже за техничката влада, за кризното тело, за нивното задоцнето реагирање и постапување, за неадекватните, нецелосни и неефикасни  мерки што ги предложија. Незнаење што е вонредна состојба. И  немање способности и обученост,  компетентност и  стручност да се води кризен менаџмент.

Да претпоставиме дека моите изразени мислења се нерелевантни. Ама како да ги цениме реакциите на не задоволство и не прифаќање на мерките од страна Организација Македонија 2025, Организацијата на потрошувачи, земјоделците, сточарите, луѓето од транспортот, угостителството и туристичките организации, синдикатите, стопанските комори и бизнисот.

Не сум сигурен дека сите овие субјекти и нивните ставови и предлози, треба да бидат прогласени за нерелевантни и тотално игнорирани. А токму тоа го прават Оливер Спасовски, Венко Филипче, Радмила Шеќеринска, и милиот им Вожд, Зоран Заев. Па луѓе мои, имаат ли тие рацио, знаат ли што е одговорност, каде им е моралот, што се случи со нивната совест. За нив во оваа прилика толку.

Ајде сега да погледнеме една друга парадигма. Однесувањето на Мицковски, неговиот тим и опозицијата.

Уште во раната фаза на кризата негов фокус на размислување, говорење, укажување и дејствување, и под број еден му беа итни, ама и битни и неодложни мерки за спасување на секој еден живот. Под број два, предлагање на ефикасни мерки за ублажување на последиците од рецесијата и економската криза и спасување на економијата. Погледнете ги датумите на предупредувања со изјави и стручни елаборации, и ќе видете дека први во тоа беа професорите Христијан Мицковски  и Трајко Славевски. Под број три воведување на кризна состојба, а потоа, ако е неопходно, прогласување на вонредна состојба. Се спротивстави за земање од граѓаните (намалување на и така ниските плати) и не се случи плата од 14 500,00 денари за секој вработен во јавната администрација. Ајде, да бидеме искрени и да признаеме дека тој и за оваа мерка прв се побуни, затоа што  најдиректно ја загрозува егзистенцијата на сите што имаат и така мали примања.

И понатаму упорно покажува грижа за стопанството и компаниите. Се залага компаниите да добијат помош од државата во висина од 50 проценти на бруто трошоците за плата по вработен, односно највеќе до 27 илјади по вработен или последно исплатената просечна нето месечна плата за декември месец 2019-та година.

И сега, еден момент, кој сите го премолчуваме: Мицковски прв и единствен, предложи воведување на кризна состојба во Македонија, а тоа беше одбиено од техничката влада, советот за безбедност и претседателот Пендаровски. Тој добро објасни дека, состојбата на криза е целосно и детално законски регулирана со Закон за кризи. За неа  има и специјални институции, формирани со закон, со вработени и раководители, обучени и опремени за справување со најразлични кризни ситуации. Тогаш премолчевме, а некои и цинично го коментираа тој предлог.

Сепак денес доблесно е да признаеме дека тоа бил паметен и вистински предлог од неколку причини: како прво, ние денес сме во голема криза и ако имавме прогласено кризна состојба на цела територија, превенцијата и подготовката за криза ќе дадеа резултати; понатаму, за кризна состојба во Македонија имаме целосно поставен систем (Центар за управување со кризи,  Дирекција за заштита и спасување, и нивни подружници во сите општини), кој на време ќе беше активиран и подготвен за справување со кризата; И секако, техничката влада ќе постапуваше согласно постоечки закони, а не да прави уставно-правни лупинзи, носејќи Уредби со законска сила, кои менуваат закони, што се носат со двотретинско мнозинство, наместо со тие уредби времено да ги уредува односите, што е и смислата на тоа уставно решение и дејствување во вонредна состојба. Со право, денес професорот Александар Нацев прашува: дали затаи системот за рана детекција на кризата? Сето ова “салто морале“ на техничката влада, на Зоран Заев и СДСМ, веќе ита кон “салто мортале“, во буквална смисла кога се во прашања жртвите од пандемијата, и во метафоричен контекст, за нивните погубни политики.

Во едни такви услови се случуваат интервјуата за ТВ Канал 5, на Зоран Заев и Христијан Мицкивски и помошта од Словенија за Македонија, договорена и обезбедена од Мицковски. Класичен нокаут од Мицковски за Заев, Спасовски, Филипче, Шеќеринска, Димитров и останатите, протагонисти, антагонисти и статисти од СДСМ. Тоа ти е техничка влада во технички нокаут. И што да ви кажам за Заев: тој со смртоносната корона се справува со две стратегии “Чекан“ и “Танц“ , кои во следната секунда ги преименува во “Чекич“ и “Данс“(Инаку станува збор за една стратегија “ Hummer and dance“, од која мерките на техничката влада се далеку светлосни години). А Професорот Христијан Мицковски и покрај некоректниот однос од новинарот кој во  голеа мера поставуваше провокативни прашања, поткрепени со цинични дообјаснувања, смирено и одважно ги даваше одговорите, засновани на неговите стручни елаборации, за се во врска со пандемијата, кризата, однесувањето на владата, Зоран Заев и СДСМ, и за мерките кои тој ги предлага за заштита на економија, зад кои стојат голем број на експерти од повеќе области. И дека човекот не зборува напразно, туку го красат и дела и конкретни акции, еве ја хуманитарната помош (побарана и договорена од него) од Словенија и Јанша, која и не е така мала. Напротив. Најголема! Бидејќи досега се  само две: таа и онаа од амбасадата на Кина за нашето МВР. И мукла!

Никој, ништо ни да бекне. Како да не се случила хуманитарната помош. А работите стојат поинаку. Ветената помош од 5.7 милиони од ЕУ, и од другите десетици милиони, уште ги нема. Помошта пак од НАТО ја има само во глупите спотови во кои напразно зборуваат Спасовски, Шеќеринска и Димитров и во време на пандемија и вонредна состојба лажат и сушат, живеејќи во илузии дека некој им верува. А од една до друга меѓународна хуманитарна помош, обезбедена од Мицковски, што се случува: Рашковски организира “хуманитарни“ чартер летови, кои дебело ги плаќаат нашите луѓе со пари крваво заработени во странство; Заев танцува со короната и се расфрла со чекичи; на Филипче неорганизираното и неопремено здравство му се распаѓа; а онаа техничка-меѓународна-натовска тројка и понатаму снима спотови според сценарија и во режија од некој/а македонски/а Лени Рифенштал.  А, ги заборавив Мила Царовска, потпретседател на влада за ЕКОНОМИЈА, и министерката за финансии, Нина Ангеловска. Добро, и не е некоја греда: на првата економијата и е во рецесија и ита во провалија, а втората и така никој, ниту сериозно ја сфаќа, ниту пак со внимание и почит ја слуша. Замислете, овие ликови со нивните негативни парадигми, на изборите, што се одложија, имаа сериозни намери да не убедуваат да гласаме за нив.

И каков апсурд, ни го понудија слоганот “Можеме!“(“Со мерките и политиките во Програмата градиме економски силна и стабилна земја. Праведна, правична и правна држава, членка на НАТО, земја која успешно преговара со Европската Унија. Зелена, еколошка, дигитализирана, иновативна држава која има што да им понуди на своите млади. Развиваме држава за достоен живот. Држава со пристојна живеачка за сите. Градиме систем во кој трудот на работниците се вреднува и плаќа. Плата од која останува и за живот. Сакаме држава во која младите остануваат и напредуваат. Држава која младите ги развива рамо до рамо со нивните врсници од Европа. Ако можевме за две и пол години да ја извадиме земјата од финансиски колапс и да обезбедиме највисок раст на платите до сега, сигурни сме дека во следниот мандат можеме уште повеќе и уште подобро“).

Е па покажаа и видовме колку можат. Само слепо се држат до нивната слоган-стратегија “There is no alternative“(“Нема алтернатива“) и упорно од никој и ништо не прифаќаат, без разлика дали се работи за конструктивни политики и ефективни мерки. И така за неполни три години ни донесоа правен галиматијас(уставна и законска криза), неврендинг политичка рошомонијада, и морална шарада, која инклинираше во аномично општество. Нормален закључок:  Не можат!(Не знаат! Не умеат!).

А богами видовме и кој може, умее и сака. Како што стојат работите додека други само блебетат и млатат празна слама, професорот Мицковски договорил и друга помош, овој пат од Унгарија и Орбан, која еве денес треба да пристигне во Република Македонија. Во областа во која напишав четири книги и еден толковник (бренд, брендинг), важи правилото: Направи разлика и покажи лидерство.

 

Сотир Костов

Коронавирус