сабота, 14. декември 2019. Вести денес: 18
Во живо

ВО ЖИВО: Прес-конференција на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски

home Колумни

Метла

Метла

Ете завршија претседателските избори, се измерија силите, се постави високата цена која како и да се заврти Заев ќе мора да ја плати. Ќе бега Заев, ќе „глуми“ лудило во однос на ДУИ, но сметката ќе мора да им ја плати. За тоа колку всушност ние сите ќе платиме ќе почекаме малку за да видиме, доколку за неколку дена или недели откако Пендаровски ќе седне на претседателското столче. Веќе во понеделник ќе потпише се што си имаат ветено и ќе заигра метлата, но не онаа на Заев во СДС-то или не дај Боже во владата, туку онаа во кабинетот на Иванов, Агенцијата за разузнавање, Народната банка и Генералштабот.

Колку и да изгледа чудно Заев функционира без разлика на подценувачкиот однос кон него, а особено без разлика на тоа дека е манипулант, недоветен, мимикричар и многу што друго во негативен човечки и политички контекст. Се поставува прашањето: „Кој е луд, а кој збунет во Македонската приказна“? Одговор на оваа прашање ќе треба да си дадеме самите. Колку побргу се освестиме толку подобро за нас, а освестувањето некако тешко ни оди, за жал.

Сепак да се вратиме на изборните резултати по вториот круг на претседателските избори и на фамозната „метла“ на Заев која во кампањата симболично и додворувачки (повеќе ова второто), а за краткорочни политички цели му ја предаде Драган Спасов-Дац.

Резултатот од приближно 380.000 гласови за ВМРО-ДПМНЕ е сосема солиден и претставува раст во однос на резултатот од претходните локални избори, но лично сметам дека нема простор за некое преголемо задоволство. Ова го кажувам од неколку причини:

Прво, ВМРО-ДПМНЕ практично ги изгуби изборите – според апсолутните бројки иако морално е победник и со овој резултат се врати на политичката сцена, односно се крена и факторизира како најголема политичка сила во Македонија, а што претставува добра основа за понатамошна работа.
Второ, овој резултат на ВМРО-ДПМНЕ го факторизира колегата Мицкоски како лидер, што му дава многу простор за пошироко и поагресивно делување против Заев и СДС.

Трето, добиениот резултат според мене се должи пред се на револтот на граѓаните против политиките на СДС во сите области во изминативе две години, а за жал и не на препознавањето на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и конкретната работа на терен, а што треба да биде мотив кај ВМРО-ДПМНЕ за позасилени теренски активности и приоѓање до граѓаните.

Впрочем, да беа препознаени политиките на ВМРО-ДПМНЕ резултатот ќе беше сосема поинаков и ќе победеше колешката Силјановска. Поради овие констелации на политичката сцена во Македонија ВМРО-ДПМНЕ и лично Мицкоски имаат причина да бидат задоволни, но не и опуштени дека на следните парламентарни избори победата е загарантирана. Треба да се знае и да биде јасно дека оваа надри власт на СДС и ДУИ нема да падне самата од себе, туку единствено и само доколку ВМРО-ДПМНЕ одработи на терен кај граѓаните и ја врати довербата во меѓународната заедница. Лично сметам дека народот – граѓаните, гласачите се на прво место и тука треба да се работи силно и посветено за да се објаснат и доближат стратегијата, целите и политиките на ВМРО-ДПМНЕ како визија за Македонија од 2020 година понатаму.

Од друга страна СДС и Заев имаат многу причини за грижа колку и да се обидуваат да се прават среќни и задоволни. Тие добија претседател на за нив Северна Македонија, но и неколку пораки и тоа:

Прво, дека граѓаните не ги прифаќаат нивните политики и дека силно се чувствуваат последиците и негативностите од нивното збеснато владеење.

Второ, и самата ДУИ нема поддршка кај Албанците да биде самостоен фактор па вака се шлепаат еден на друг.

Трето, дека се покажа како може на СДС и ДУИ да им функционираат и заеднички листи за парламентарните избори и дека ова им беше само проба во пракса, а ова може да биде и најопасната работа за успехот на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори и поразително за напредокот на Македонија.

Како и да е оваа „љубов“ помеѓу СДС и ДУИ е полна со меѓусебен натпревар и себе докажување во јавноста, но кога се во прашање остварувањето на нивните лукративни цели, а тогаш главната цел доаѓање или задржување на власта е неприкосновена и над се, за очекување е дека ќе ги заборават „малите непријатности“ во меѓусебните односи и отровни зборови. Ништо не значи отворената порака на командант Вентиљи (алијас Садула Дураку) на привремена работа министер во владата на Заев, кој му кажа метлата да си ја чува за по дома и во нивната куќа да не им се меша, бидејќи таму баба е Али.

Така малку по малку се соголи излитената облека (иако маските тешко ќе им паднат за да им го видиме грдото лице на СДС и ДУИ), но барем може да кажеме и тоа со факти дека „Царот е гол“.

Затоа не се надевајте на метла иако овде е потребен „Кирби“ за длабински да се исчисти. Нема да има ништо од метлата на Заев. Ова е само реприза на Бранко и неговиот „Октопод“ на свети СДС и слични лажачки за народот. Како што Бранко успешно се справи со октоподот чија глава беше тој самиот, така и Заев успешно ќе измете кај него во дворот. Во куќата на ДУИ нема ни да проба. Веројатно ќе има некои мали поместувања кои се веќе претходно договорени помеѓу ДУИ и СДС за замена на ресори, неколку смени (или прифаќање на претходно поднесени оставки) во веќе договорената внатрепартиска шема на СДС, а секако и неколку лични пресметки на поедини високи функционери на СДС со луѓе од пониските ешелони или во рамките на институциите со кои раководат и толку. Доволно за замајување на народот во пресрет на јунскиот извештај на ЕУ и летните одмори.

Не може повеќе да се постигне, односно измете, едноставно не може Заев самиот себеси да се измете, физички е неизводливо, како што Бранко не можеше самиот себеси да си ја скине главата, тоа ќе беше самоубиство исто како и Заев јавно да признае дека е „ѓубре“ и потоа да се измете и на крајот фрли во контејнер и заврши на буништето на политиката и историјата (онаа националната) или еднакво на самоубиство, а тој сака да владее, во тоа е целата смисла на неговото однесување и функционирање.

Единствено што може да се очекува од метлата на Заев е да удри уште посилно врз членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, односно повторно да гледаме политички мотивирани активности на пропаднатото СЈО и институционален прогон на секој кој не се согласува и ги критикува политиките на Заев и СДС.

Затоа народе мој, сограѓани мои нема потреба да се самозалажувате дека Заев ќе направи напредок почнувајќи од „метла“ во СДС, не се тревожете и мирно и спокојно чекајте ја есента кога повторно ќе се соочиме со страшната економска авет на СДС токму кога сите трошоци по поминатото лето и одмори ќе ни дојдат на глава.

Искрено се надевам дека барем ВМРО-ДПМНЕ ќе преземе интензивни активности кои ќе придонесат кон зацврстување и окрупнување на партиското ткиво, препознавање на нивните политики и нема да бидат самозадоволни од постигнатиот резултат во вториот круг на претседателските избори, поради што ќе покажат брза и одлучна организациска активност и ќе предизвикаат масовен активизам кај граѓаните во Македонија за да се урне оваа анти власт на СДС. Само на овој начин може да се надеваме дека СДС и ДУИ набргу ќе паднат од власт па дури и да одат со „во љубовта изнудени“ заеднички листи на следните парламентарни избори.

Христос Воскресе!
Навистина Воскресе!

Вонреден професор д-р Оливер Андонов