недела, 29. март 2020. Вести денес: 41
Во живо

Во 12 часот прес-конференција на Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

home Колумни

Манџуриски (муртински) кандидат

Манџуриски (муртински) кандидат

Се прашувам: „кој е премиер на Владата на Република Македонија“? Дали можеби тоа Заев од сенка е премиер и Спасовски добива задачи од Заев како да се однесува, односно кои мерки да ги преземе владата. Интересен политички дискурс кој другарот Заев се обидува да ни го инсталира во Македонија, а нели тоа беше некоја појава во опозицијата или јас нешто погрешно сум разбрал.

Прашањето во овој контекст е во основа психолошко, а се однесува на тоталитаристичката патократска психопатија во редовите на СДС, односно во однос на обидот на Заев да се врати на власт како премиер и повторно без избори, но овој пат преку влијание врз Спасовски. Впрочем, тоа и беше неговиот план, Спасовски требаше да опстои технички до изборите, а сега како што е извесно дека нема да има избори и не се знае кога ќе има повторно сме пред две реални состојби и тоа:

Прво, оваа влада не функционира како техничка туку како политичка влада која воспоставува „мека диктатура“ за потребите на СДС преку донесувањето на уредби со законска сила до степен на менување на законски одредби дури и во Законот за избори.

Второ, намерно не се свикува Собранието за да се воспостави контрола врз работата на владата иако е јасно дека оваа состојба ќе трае барем до Јуни, а што меѓу редови може да се прочита во изјавата на Заев кој пак билдајќи го својот рејтинг издава задачи на владата на очиглед на целата јавност.

Откако направија галиматијас во политичката состојба, односно направија таков политички хаос со против законити  одлуки, на прво место со прогласување на вонредна состојба без изјаснување на Собранието, сега другарот Заев и СДС се обидуваат да не убедат колку тоа се одговорни и колку си ја сакаат татковината, а всушност се работи за едноставна операција за зачувување на сопствената политичка кожичка.

Сериозна држава нема да го свртува вниманието на граѓаните кон недефинирани и нејасни полумерки во економијата, туку сериозно ќе се зафати со спречување на ширење на вирусот особено кај најзогрезените (медицинскиот персонал, полицијата и армијата, како и вработените во продавниците за храна и комуналните претпријатија). Жално е што овие категории граѓани немаат добиено заштитна опрема заради нормално извршување на задачите, а од нив се бара максимална ангажираност и ризик по сопственото здравје и живот.

Од друга страна и понатаму не е јасно зошто министерството за здравство заедно со министерството за одбрана не ги активира воените стационари (воените амбуланти) за згрижување на заболените од корона вирусот, а кои стационари не се употребуваат од армијата, но се наоѓаат во касарните и можат физички да се обезбедат.

Очигледно е дека Заев ова не му го пренел на Спасовски за да овој може да дејствува, како што е очигледно дека единствено што му пренесува е во функција на фамилијата која веројатно ќе земе дел од државната помош на приватни компании, за да го ублажат економскиот удар секако. Главната „дилема“ е дали откако се ова ќе заврши и ќе се смени власта на СДС, одговорноста за незаконските и противуставни и криминални дејанија ќе ја преземе Заев? Гарантирам дека нема, затоа и е тенденциозен кога предлозите кој му ги дава на Спасовски ги кажува јавно како премиер од сенка, но формално како лидер на СДС.

Знае тој што прави, веќе еднаш напишав дека не треба Муртинскиот да го потценуваме. Билда рејтинг пред народните маси ставајќи си маска на хуманист, а воедно пред законот само дава предлози (наивно нели, како секој загрижен граѓанин кој си ја сака татковината на дело, што би рекле неговите медиуми), а предлозите ќе треба во „законска“ процедура со уредба да ги спроведе Спасовски како премиер на „техичката“ влада. Тоа заначи дека de facto и de jure одговорноста за се паѓа на Манџурискиот кандидат Спасовски, но доколку не дај Боже работите тргнат во позитивна насока за Заев, тогаш ете го Муртинскиот кандидат на сцена како незаменлив домољуб и спасител.

Добро го смисмил ова Заев како да спечали политички поени, а да не си ги изгори рацете. Зошто да си ги гори рацете кога си го има Спасовски, по истиот терк го употребуваше и во 2016-та само што тогаш Димитриев требаше да биде виновен и недемократ за недемократското и противзаконско однесување на Спасовски. Само што сега не сум сигурен дека Манџурискиот кандидат ќе се извлече како што се извлече тогаш за своите противзаконски дејствија.

Забележливо е дека сите клучни активности во однос на справувањето со Корона вирусот кои се пласираат во јавноста имаат за цел да ги оправдаат планираните задолжувања од шестотини милиони евра. Никаде нема да слушнете конкретни активности, а не пак ефекти во здравствен аспект што ќе ја намали паниката и загриженоста на граѓаните, а не пак да го сопре ширењето на вирусот. Тој аспект е само формалност, а се форсираат таканаречените економски мерки. Се е во обратна насока. Наместо да се дејствува во насока на ригорозни, брзи и ефикасни медицински мерки се манипулира со популистички мерки. Видливо е дека владата на Спасовски нема контрола врз ситуацијата и чека да добие од Заев пред се насоки за економски мерки. Токму затоа и не се свикува Собранието затоа што нема да може така лесно Заев да биде „паметниот и хуманиот“, а Спасовски само едноставен извршител.

Многу е лесно да се спроведуваат економски мерки на грбот на граѓаните и да се трошат без контрола парите од народната мака. Потешко е да се смисли начин како да се биде ефикасен за да се заштити населението и да се применат ефикасни мерки за справување со кризата.

Да не биде дека сум критизерски настроен, еве преку прашање ќе дадам еден конкретен предлог. Зошто владата на сите оние приватни фирми кои своите вработени ги имаат пријавено во АВРМ и плаќале плата и придонеси во изминатава година не им додели по една просечна плата започнувајќи од Март? Најпогодени се малите семејни бизниси и угостителите, особено оние кои работниот простор го имаат земено под закуп и мораат да заработат за плати, придонеси, даноци и ќирија.

Во тој контекст еве уште еден предлог до владата. Би било добро да закупнината за деловниот простор со уредба ја суспендирате, односно да интервенирате во законот за облигациони односи и на овој начин им помогнете на малите семејни бизниси да преживеат.

Општествената одговорност кон граѓаните не е популистичка приказна за покажување на моќ дека се владее од сенка и дека се диктираат задачите на владата од друг, партиски центар на моќ. Доколку Заев сака да провери дали навистина е толку умен и популарен нека дозволи да се свика Собранието и ќе може да го слушне гласот на народот, дури и гласот на своите пратеници. Вака остануваме во состојба на „мека диктатура“ и злоупотреба на настанатата состојба од здравствениот хазард, а во рамките на диктатурата прва жртва ќе биде вистината и секако медиумската слобода што на дело го гледаме преку однесувањето на владата кон подобни и неподобни медиуми.

Многу прашања се пред нас, а одговорите се ограничени како и ресурсите, а особено времето кое го имаме на располагање.

 

Во третата недела на Великиот пост (Крстопоклона)

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов