среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 0
home Колумни

Македонското здравство помеѓу ветувањата и суровата реалност

Македонското здравство помеѓу ветувањата и суровата реалност

Поминаа повеќе од три години од парламентарните избори во 2016-та година на кои победи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, меѓутоа, благодарение на силните притисоци и постизборниот инжинеринг Владата на Република Македонија ја состави поразениот СДСМ .

Почна да тече тајмингот во кој требаше да се исполнат бројни предизборни ветувања кои партискиот караван на СДСМ ги ветуваше на македонските граѓани. Ќе се обидам во кратки црти да прокометирам неколку бомбасти ветувања на СДСМ во здравството кои за жал ( или за среќа), се уште чекаме да се реализираат. Бидејќи ветувањата беа многубројни и за анализа ќе ми треба многу простор, ќе се задржам на неколку од нив , кои  за мене се побитни.

  1. Изградба на нов Универзитетски Клинички центар.

Република Македонија иако е скоро 30 години независна држава нема репрезентативен, современ и функционален здравствен капацитет во кој на едно место ќе се добиваат сите здравствени услуги а воедно ќе биде и врвна едукативна институција во која своето знаење ќе го стекнуваат идните здравствени работници.

Во 2016 година требаше да отпочне со градба нов , современ Универзитетски клинички центар на просторот на стариот со изградба на нови објекти, реновирање  на оние кои се уште имаат функционалност и поврзување на сите делови со т.н ,, топли мостови,,. Објектот требаше да имаа 855  кревети од кои 720 кревети за  болничка нега, 101 кревет за дијагностика, интензивна нега и рехабилитација и 34 кревети во дневните болници. Проектот беше дизајниран за 2200 посетители дневно и околу 800 00 посетители годишно. Целиот проект финансиски ќе чинеше околу 70 милиони евра а крајната изведба со инфраструктура и опрема ќе чинеше 128 милиони евра.Покрај тоа што проектот требаше да почне со изградба откако беше комплетирана документацијата, со доаѓањето на власт на СДСМ проектот беше стопиран, документацијата поништена и беа раскинати договорите со странските изведувачи. Таквиот непромислен потег на новата Влада  граѓаните ги чинеше 5, 5 милиони евра казнени пенали и 1,5 милиони евра поништена проектн документација,.

Иако ветуваше, СДСМ веќе две години најавува виртуелен клинички центар кој би се градел надвор од Скопје, на простор помеѓу населбата Ѓорче Петров и Тетово и би чинел фантастични 500 000  милиони евра.

На граѓаните на Македонија им е ускратено правото да добијат нов, современ, функционален здравствен објект по светски стандарди благодарение на кусогледоста на менаџескиот тим во Министерството за здравство кои сметаа дека проектот кој претходно го започна Владата на ВМРО ДПМНЕ треба да се поништи.

  1. Враќање на концептот на единствен Универзитетски клинички центар

Во предизборието во 2016 година многу се зборуваше за враќање на концептот за единствен Универзитетски клинички центар, со повторно интегрирање на клиниките под централно раководење на една управа. Притоа се најавуваше и укинување на двојните директорски места.

Не само што не се споија клиниките  и не се врати стариот интегриран клинички центар туку не се укинаа и економските директори за кои се говореше дека скапо го чинат здравството. Се продолжи со поставување на нови економски директори и на клиниките кои дотогаш немаа назначено човек на тоа место.

Уште една голема  предизборна лага на актуелната власт.

  1. Замена на „мој термин“

Еден од најкритикувани проекти на Владата на ВМРО ДПМНЕ беше проектот ,, Мој термин,, кој се покажа како ефикасен, ги намали турканиците пред амбулантите и кабинетите и во голема мера ја подобри организацијата во здравстевните институции.

Во периодот пред изборите 2016 година се најавуваше укинување на концептот ,, Мој термин,, како нефикасен, штетен и нефункционален.

Уште една шарена лага. Не само што не се укина туку во овие три години се направија обиди да се подобри и да се внесат некои новини во работата на „мој термин“.

  1. Реформа на Итната медицинска помош

Службата за итна медицинска помош треба да биде  столбот на  ургентната медицина и институција која треба да е носител на итната неодложна помош на пациентите. Се ветуваше самостојна јавна здравствена установа со седиште во Скопје која ќе ги обедини сите служби за итна медицинска помош од државата и ќе ги поврзе сите болници во Македонија, набавка на два санитетски хеликоптери, нови возила за итна помош, современа опрема за пружање на итна неодложна помош кај животозагрозувачки пациенти, контринуирана едукација на медицинскиот кадар.

После три години владеење на СДСМ нема трага од хеликоптери,  болнички возила има се помалку а не се набавуваат нови, нема ниту најава за едукација. Единствено, се направија напори оваа служба да се приватизира по теркот на ,, јавно приватно партнерство,,.

  1. Враќање на дијализата во рамките на државното здравство

Хемодијализата е една виталните постапки која во живот одржува пациенти на кои недоволно и комплетно не им работат бубрезите. Често оваа постапка се користи и за детоксикација на пациенти затруени со различни отрови и може да биде пресудна во тоа дали пациентот ќе преживее или ќе го изгуби  животот. Службата е приватизирана по теркот на ,, јавно приватно партнерство,, веќе неколку години.

Се ветуваше враќање на оваа служба под капата на државата и подобрување на условите за пациентите и вработените.

Не само што тоа не се реализира туку се започнаат процеси за приватизирање на лабораториските  и службите за стерилизација на ниво на цела Република Македонија.

Има уште многу да се пишува за шарените , нереални ветувања, за подобро , поквалитетно и пофукционално здравство, со среќни и задоволни пациенти и здравствени работници како што се: соодветно решавање на проблемите на специјализантите и младите лекари, подобрување на снабдувањето со лекови, покачување на платите на лекарите и останатиот медицински и немедицински персонал, бесплатно болничко лекување и многу други ветување кои останаа само празни зборови кои веројатно служеа за билдање на партскиот рејтинг и обид по секоја цена да се дојде на власт.

Проф. д-р Андон Чибишев