вторник, 26. јануари 2021. Вести денес: 0
home Колумни

МАКЕДОНСКО – СЕКОГАШ НАШЕ А НИКОГАШ ВАШЕ!

МАКЕДОНСКО – СЕКОГАШ НАШЕ А НИКОГАШ ВАШЕ!

Деновиве, често по социјални медиуми наоѓам разни слики од декларација на  македонски производи кои се продаваат низ светот. И немаше да бидам толку испровоцирана на темава, ако моето истражување за докторската дисертација не беше „ Меѓународната маркетинг комуникација како фактор за брендирање на Република Македонија и нејизните производи.“

Како млад доктор на науки, кој својот научен пат штотуку го започнав, забележав дека никој во оваа држава скоро и да не се грижи за заштита и унапредување на брендот „македонски“ иако секојдневно се појавува некој кој сака да ни го земе, да ни го извитопери, да ни го прекрсти. Аналитичкото истражување на мојот докторат исто така покажа дека, македонските компании не знаат или немаат доволно средства за да го промовираат својот бренд, скоро и да немаат канал на комуникација со меѓународниот пазар, а кога станува помошта од државата, не само што ја немаат, туку и таа што ја имаа до пред 4-5 години, преку дипломатско-конзуларните претставништва, не функционира со замрзнувањето на концептот-економски промотори. Доказ дека тој концепт беше одличен и одлично функционираше е и двегодишната најава од страна на поранешниот вице-премиер Кочо Анѓушев дека истиот ќе го оживее. Секако, како и многу други ветувања, така и тоа остана само на хартија.

Пред една година,  во 75-минутното обраќање, тогашниот грчки премиер, акцентот го стави на заштита и промоција на брендот „македонски„. Прашањето кој секој свесен Македонец во тој момент си го постави,  беше „за кој македонски бренд зборувате?“. Дополнително, уште една дилема која виси во воздух од тогаш па до денес е што направивме ние како држава за да го заштитиме. Едно големо „брендирано“ НИШТО!

Премиерот Заев летово, најави дека во октомври месец оваа година „ коморите од Грција, од Солун и Атина ќе бидат во Скопје за да разменат идеи, а потоа експертската група ќе продолжи да бара решение на оваа проблематика .“  Еве денес веќе и ноември поминува, за преговори не слушнавме, а за договори може и ги има, но најверојатно се од оние во 4,6 или 8 очи. За тоа ќе покаже времето, исто како што покажува моментално за сите работи од потпишувањето на, како што не убедуваа, добрососедските договори.

Само за споредба, во 2006-та година, Македонија донесе одлична национална стратегија за развивање и промоција на национален бренд. За таа цел во рамките на Министерството за надворешни работи се преземаа низа мерки во насока на промоција на Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции, промоција на предностите за правење бизнис, како и поттикнување на македонскиот извоз и зајакнување на земјата како доверлив бизнис партнер. Исто така, за да се зајакне презентацијата на Република Македонија на меѓународно ниво во делот на реализација на наведените активности беа направени сериозни чекори за зајакнување на перформансите на Агенцијата за странски инвестиции, при што беа ангажирани економски промотери кои имаа задача да ја промовираат, а со тоа и подобрат перцепцијата за Република Македонија, нејзините убавини, нејзиниот идентитет, нејзината култура и нејзините производи. Благодарение на тоа, насекаде низ светот можеше да се купи македонско вино, македонско брашно, а и имаше добра понуда на аражмани за посета на македонските природни убавини.

Во ова време на рапродажби, изгледа како покрај се друго, така и македонскиот бренд е ставен „на тезга“. Меѓутоа, како и за многу други работи, со сопствениот бренд не смее да се тргува бидејќи брендовите се дефинирани од самата личност. Тоа се всушност внатрешните чувства и емоции на личноста за некој производ. Играњето со емоциите на сопствениот народ е всушност играње со чувството на припадност.

Како крајна порака сакам да ја испратам следната: ова е Македонија, држава во која се зборува македонски јазик, ние сме Македонци, дишеме македонски воздух, јадеме и уживаме во македонската храна со прекрасен македонски поглед. Поинаку нит било, нит може да биде!

 

Викторија Трајков

доктор на економски науки

 

Коронавирус