понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 96
home Колумни

Македонскиот пат кон Западот заглави на Исток

Македонскиот пат кон Западот заглави на Исток

Сево ова што се случува со нашиот источен сосед, навистина станува смешно. Едноставно, човек да не знае кој пат попрво да го фати, и на што повеќе да се чуди или смее. На глупоста на актуелната власт која што мислеше дека и тука ќе се „истезгари“ како со јужниот сосед, или на обидот на официјална Софија да Македонците се самоукинат и побугарчат.

Ајде да почнеме да ги гледаме причините зошто токму сега, Бугарија вака реагира. Проблемот е во целата идеологија и митовите за самата „бугарштина“ која својот пик го доживува во изминатите 60 години, а постои од самото формирање на современата Бугарска држава, со одредени успони и падови.

Имено, во самата основа Македонците се сржта на современата бугарска држава. Премиери, министри, пратеници, градоначалници, генерали, војсководци, писатели поети се Македонци и по потекло од Македонија. Токму затоа на Бугарија и е потребна формата на двојниот идентитет, правејќи го „македонството“ нешто што е регионална форма и географска одредница, за население кое е според нив бугарско. Ако малку подлабокото прочепкате, ќе видите дека токму Македонците во Бугарија се оние кои се врзувачкото ткиво на таа нација, која како и секоја има бројни контрадикторности во креирањето на националните митови во текот на 19 и 20 век.

Бугарите го оспоруваат минатото на Македонците и го исмеваат самоидентификувањето на истите со Антиката и Македонците од тој период, но од друга страна се самоидентификуваат со име на народ од турската група на народи, кои ден денес функционираат по течението на Волга во Русија. Се доведовме до ситуација да обичниот народ меѓу себе се понижува и навредува, место да градиме мостови на сплотеност и пријателство.

Бугарија денес е заложник на своите митови, на своите служби и она што сака да го наметне. Основата на тоа е што доколку отстапи од истото, се она што го градела зад „Железната завеса“ ќе падне во вода. Повикувајќи се на пишани материјали во кои целата плејада на македонските преродбеници, но и револуционери, се пишувала за бугарска или се изјаснувале како Бугари заборава еден важен момент. Историската конотација и причините за тоа, но и самата содржина на писанијата, документите и делата. Како и да е пишано и забележано, тоа истите не ги прави помалку Македонци. Нивната идеја е македонска, и целиот нивен стремеж.

Факт е дека во периодот на креирањето на нациите и државите со етнички предзнак, во текот на 19 век, Македонецот меѓу последните го започнал тој пат задно со Албанскиот народ. Во период во кој примарната цел била одвојување од Отоманската империја, која се посилен бил притисокот од грчкото влијание, и јазично и црковно, период во кој и Србија покажувала аспирации кон овие простори, Македонецот се насочил кон престолнината на државата која физички му била најблиска, нај сродна и во која веќе имал база и логистика. Токму ради тоа, и ден денес Софија е градот кој е силно поврзан со сето она што е сржта и срцето на Македонeцот.

Бугарскиот народ не е крив за ова што се случува. Македонецот во Бугарија и меѓу самите Бугари треба да гледа близок народ со која треба и мора да гради пријателски односи. Бугарија е земјата која прва не’ призна како држава, Бугарија е земјата која ни даде во воена помош за време на кризата 2001, и многу пати покажала дека Македонецот е добредојден таму. Проблемот, повторно ќе кажам, е во политиките на самата држава, национал романтизмот и желбата за експанзионизам, која нема никогаш да се случи, која само креира омраза, фрустрации и делби.

На што личеше ветото? На што личеше оној несреќен чин каде се’ што е славјанско/словенско во Собрание беше прогласено за бугарско? Како можете на некого пред 1200 години да му дадете етничка припадност? Фарса невидена! Фашистички чекор. Бугарија со ликови како Захариева, Каракачанов, но и ликови како Ковачев, Џамбаски, нема иднина. Да биде трагедијата уште поголема ниту опозицијата и ликови како Слави Трифунов, немаат намера нешто да променат. Ја имаат истата жестокост и анти македонство. Луѓе, помирете се со вистината и реалноста. Македонецот не дава да биде асимилиран, ниту потчинет, ниту мајоризиран. Престанете да се вадите дека сите сме тука србомани или гркомани. Македонци сме. Македонци со свој јазик, своја музика, своја култура, свои обичаи, свои наречја, менталитет, храна, народни носии… автентични, автохтони. Потврдени, забележани, заштитени, светски и меѓународни признаени. Терајќи инает само креирате омраза и делба.

Зад сево ова што го правите сепак стои едно друго нешто. Захариева вели да Македонија официјално се откаже од барање на македонско малцинство во Бугарија. Драга моја, Македонија како држава тоа не го бара, Македонците од целиот свет тоа го бараат, но најмногу самите Македонци во Бугарија. Репресијата која ја вршите е срамна. Патем, велите во Македонија има 200.000 Бугари со ваши патни исправи. Како не сфаќате дека во Македонија, Бугарин не е етничка припадност, туку професија. Јас лично, познавам лица кои се чувствуваат Бугари, тие немаат бугарски документи. И никој со нив нема проблем, се до моментот додека истите не почнат да ги убедуваат сите останати дека не се Македонци. Доколку како што Софија вели, тука Бугарите се обесправени, зошто ставовите не ги артикулираат политички и не излезат заедно? НА последниве избори имаше две партии со такви ставови, и двете немаат повеќе од 2-3000 гласови. Едноставно, затоа што тука бугарско изјаснување е од лукративни причини, за лична корист. Да делеше Финска пасоши, Финци ќе се пишеа. Треба да знаете дека купишта Македонци имаат Грчко државјанство, ради некоја баба или прабаба Хрвати или Словенци стануваа, имаме и Чеси, Полјаци, Романци… Едноставно, во периодот од 1991 наваму, секој си го бараше чарето да отиде во светот, да заработи и да си на нахрани фамилијата.

Драги соседи Бугари. Велите сте ни биле браќа. Ова брат на брата, не го прави. Брат на брата, не се заканува, не понижува, не репресира. Па, дури и да е само братучед. Ви се обраќам сега вам, на обичниот народ во Бугарија, сите вие Бугари, Турци, Роми, Ерменци, Македонци…на сите. Разбудете се од сонот, излезете од филмот и сфатете дека Македонците се тука, во Македонија, но и околу вас, во самата Бугарија. Дека не се ниту со испран мозок, ниту дека ви мислат лошо. Дека сакаат подобра иднина за себе и за своите најблиски, и дека сакаат да се дел од европското семејство, од Европската унија. Престанете да досадувате со вашите „историски вистини“, затоа што само будите револт и негативна енергија. Бидете што сакате да бидете, оставете не да бидеме тоа што сме. Живеејќи во минатото, ни ја уништувате иднината, а имаме одвратна сегашност. Наместо да изигрувате експерти по историја, посетете ја Македонија, уживате во нашата прекрасна храна, култури и обичаи, и пренесете добра мисла во Бугарија, овие политичари кои ве водат, но и тие кои се надеваат дека ќе дојдат, не ги бива. Дека со ваква фашистичка реторика, правите проблем онаму каде не треба да го има. Вашите политичари успеаја во едно нешто кое не можеше никој да го направи: Ги обедини сите Македонци во Македонија, но и Албанците, Турците, Бошњаците, Србите, Ромите, Власите против вас. Вашата актуелна политичка гарнитура направи таква штета во македонско – бугарските односи, како ниедна претходна.

Македонија е Балканот во мало. Како што вели и нашата химна „Македонците се борат за своите правдини…“. Туѓо не сакаме, свое не даваме. Бугарија не смее да си дозволи, да од најголем сојузник, стане најголемиот душман, ради шака искомплексирани политичари.

Бугарското вето не смее да не обесхрабри да работиме на себе како држава. Да имаме закон и владеење на правото. Да се отстранат од политичката сцена неспособните и мешетарите. Премиерот Заев како што вети, да си даде оставка. Да престанеме да тргуваме со националните интереси. Европската унија конечно да изнајде начин и модалитет како ќе ги исфрли уцените и заканите од пакетот услови за членство. Нема како поинаку. Вака не може.

 

Александар Ристевски

Коронавирус