четврток, 21. ноември 2019. Вести денес: 66
home Колумни

Македонската историја ќе ја пишуваат македонски историчари

Македонската историја ќе ја пишуваат македонски историчари

Фељтон: Раздавање, распродавање или крадење на македонската историја?(2)

Друговерци, Другоземци, Френци или Немци сте,
Вие не гибајте нарави наши, с клети луди моди ваши

Рајко Жинзифов

Ако дозволиме друг да одлучува за разликите и крајностите помеѓу нас самите, за контрадикциите и спротивставеностите помеѓу нас и тој што преку уцена сака да ја ретушира нашата историја, ние всушност го отвораме патот до нашиот нов национален раскол, до нашето самоуништување. За нас – Македонците, за нашата држава – Република Македонија, за нашиот историски идентитет, и во овој момент особено за нашиот историски континуитет има, мора и треба да одлучуваат Македонци. Туѓинци, во никој случај и под никоја цена. Зошто? Па затоа што, повеќе од јасно е дека нивната цел е, и ова Емпедоклово Едно (Република Македонија) што за нас е светло, свето и неделиво, да го поделат што е најдобар начин за нашето крајно уништување.
Мораме да знаеме, и да се потсетиме дека јазолната поделба во нашата историја и во историската национална свест се случуваше во некои клучни судбински настани во 20от век и 21от век.

Тука пред се мислам на АСНОМ, 1944г; на Референдумот, 8ми септември 1991г; недефинираната војна од 2001г.; Охридскиот рамковен договор; и Срамните и понижувачки договори со Грција и Бугарија. Овие настани ја покренаа, и безмалку до крај ја донесоа нашата судбинска дилема за вградување на македонскиот континуитет во историјата. И кога веќе помисливме дека конечно успеавме да обезбедиме прелевање на старото во новото, како гром од ведро небо ни се случија неколку деструкции и анихилации, во смисла на Тиранска платформа, диктат, дури и уцена од Бугарија за Договор за пријателство, добрососедство и соработка, регионалната трилатерала во Солун на Грција, Бугарија и Србија со што конечно на Грција, Бугарија и Албанија на опструкциите и сопките кон Македонија се приклучи и Србија.

И сега некој, а тоа е ненародно востоличената државна власт на СДСМ и албанските партии, како да упорно се труди да ја напушти логиката на македонскиот континуитет. Тоа е штетно и погубно за Република Македонија. Тоа е разорување – имплозија на македонската државотворност од внатре. Од самата себе. Откажување и уништување на најсвоето – идејата за Македонија, идејата за Македонизмот. Свесни сме дека историјата никогаш не е само некое праволиниско движење, некое рамномерно течење или пак структуирана од само една историска матрица и идеологија. Исто така не треба да заборавиме дека нашата историја е исполнета со големи дупки, темни зони и не докрај расветлени и разјаснети настани. Но, не треба да ги заборавиме и тешките пранги, сургуните, голготите, диарбекирите, голиотоците, насилствата, ѕверствата, асимилациите, преселбите и раселбите, не само на луѓето, туку и на коските и на гробовите на предадените, загинатите, покојните. Токму тоа ни го правеа воените хунти на Грција, егзархистите, врховистите и царските дворови на Бугарија и асимилаторските режими од минатото на Србија.

Ако дозволиме други да одлучуваат за нашата историја, тогаш дефинитивно влегуваме во нова заблуда и запаѓаме во историски ќорсокак. Тогаш зошто имаме своја држава и национални институции. Нели е тоа дерогирање на уставот и законите и предавање на суверенитетот. Па луѓе мои, и студентите од прва година на правен факултет знаат дека првата лекција по уставно право е дека суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив(член 1, став 2 од Уставот на Р. Македонија). Не смееме да дозволиме во нашата историја и историографија да се врати политикантското, субјективистичкото, тенденциозното, во вид на постмодерна големобугарска пропаганда. Да се присетиме дека Хегел ваквите историографии ги споредува со животните, кои ги слушаат сите тонови на некоја музика, но до нивната свест не продира хармонизацијата на тие тонови. Пак ли ќе се претвориме во боиште покриено со коските на умрените?

Повторно ли едно историско раздобје ќе го негира она претходното и тоа толку жестоко, што повторно ќе не фаќаат тешки јанѕи од тие безумни, разјарени, крвожедни квалификации и дисквалификации. Па луѓе бре нели еднаш за секогаш се самоосвестивме. Конечно, не сфативме ли еднаш за секогаш дека секоја историја е историја на своето време и длабоко условена од него. Нели е понижувачки и голем национален срам, Бугарските историчари да ни кажуваат што е што во нашата историја и кој е кој во неа – во македонската историја. Никој ли нема слух и чувство дека тоа е ставање сол на нашите вековни рани, оживување на јанѕите, предизвикување на нови болки. Зарем повторно, и повторно, друг да ни кажува и одлучува за нашите историски вистини и хероите во нив, за кодошите, за предателите. Зошто да трпиме нови цензури и да создаваме непотребни автоцензури?

И сето тоа од постмодерните интелектуални дервиши и историски далтонисти. Домашни и инострани. Повторно ли ќе капитулираме пред инвазијата на кетманите: националните кетмани, кетманите на револуционерната чистотија, кетманите на професионалната работа, кетманите на метафизиката и етичките кетмани. Не ли ни беа доволни 45 години страдања од нив? Тие, најпрвин ќе ни приредат само балкански магми и магли, а потоа ќе не втурнат во фатални хомоциди, етноциди и геноциди. А тие гнили процеси веќе се започнати. Та само тоа и го знаат и можат ментално шугавите и морално алипните историчари, кои само што не пристигнале од Бугарија. Пак ли ќе преживуваме стравови и ужаси? Несмисливи, незамисливи, шокантни.

Повторно ли во нас ќе се насели историскиот чемер и јад? Ќе ги преживуваме ли одново и одново, а сосема непотребно, болните и трагични историски трауми на нашето национално битие? Ќе сфатиме ли еднаш дека сите наши ужаси, цинизми и интелектуални лицемерија, безпотребно самите си ги создаваме? Ќе се опаметиме ли, еднаш за секогаш, да не дозволуваме соседите да ни предизвикуваат и наметнуваат национализми, шовинизми, шизофрени заговори и расколи и масовни кланици, кои сите заедно не втурнуваaт во dance macabre. А тоа е еден чекор до нашето соочување со смислата и бесмислата на нашиот земен опстој.

И доста туѓи сурати да ги размрсуваат се уште неразмрсените македонски јазли. Да не заборавиме дека историјата не обедини во Република Македонија. И сега, после се, после сите наши маки и болки, ќе дозволиме туѓинци со зла намера до нашата историја да направат пивтиеста смеса, која секој што ќе посака ќе ја меси според своите потреби и интереси? Па тоа ќе биде исполитизирана историја до максимум, која ќе заприлега на стар, истрошен и искршен автобус што јури и кружи низ Македонија во балканската темна ноќ како некое сениште, и во него, на некои постојки, едни се качуваат, други се симнуваат, едни се уфрлуваат насила, други се исфрлаат зорле.

Е па не бива! Нам ни е потребна историја која ќе не помирува и обединува. А таа е можна и нужна. Нормална историја ни треба. Нормална. Неисполитизирана и неидеологизирана. Во никој случај наметната. Историја во која се што се случувало ќе е пред нас на показ и увид. А тоа е историја на македонскиот дух и сите негови творби, на неговите подвизи, падови и на неговите беспатици, кои што никаква политика, домашна и инострана не ќе може да ги избрише. Тешко на онаа историја што ќе ја пишуваат и арбитрираат субјекти кои црпат моќ од наметнати и уценувачки договори. Таа ќе дојде во судир со времето, кое е единствен судија – судија кој нема да ја верификува. Едноставно, само ќе ја поништи, како воопшто да не постоела – бидејќи никогаш и не постоела.

Сотир Костов