четврток, 22. јули 2021. Вести денес: 204
home Колумни

Македонска кауза

Македонска кауза

За ова сум пишувал многу пати, и повеќе од очигледно е дека треба повторно и повторно да се навраќаме на некои теми додека не се освестиме.

Немањето кауза, или подобро би рекол напуштената кауза и идеали се она нешто што ја прават Македонија како држава ранлива и дисфункционална. На Македонија и треба обединување зад заедничка цел и мисија, и етничка помеѓу етничките Македонци, и национална за ситеостанати Македонци, според нација.

Што сакам да кажам? Многу често етничките Македонци забораваат дека во Македонија има околу 35% други. Македонци по нација, но не и по етничка припадност. Неретко, поради севкупното лошо однесување на сите засегнати страни, дојдовме до таква поларизација на односите и интер-етнички конфликт, по што чувството да се биде Македонец национално, речиси исчезна.

Во Европа речиси да не постои држава која е етнички чиста или моно етничка, иако повеќето држави се национални држави со носечки мнозински народ. Доколку сакаме да станеме функционална држава, ќе мораме да се ослободиме од стегите дека некој нешто ќе дели, одземе, отцепи, присвои, треба сите барања на етничките заедници да се прифатат, но за возврат да строго законски се бара почитување на она што претставува унитарна и суверена држава. Тоа мора да е почитување и примарно користење на македонскиот јазик и кирилското писмо на целата територија на државата, без исклучоци, истакнување на државните симболи секаде и секогаш, на секоја точка од државата, без исклучоци, и примена на сите закони доследно на секоја точка од државата, без исклучоци. Од друга страна, треба да се почитуваат и јазичните права и придобивките како етникуми на другите, каде и да живеат во Македонија, и нивната севкупна општествена застапеност.

За да се смени севкупниот квалитет на живеење, и за да секој почне да се поистовети со државата, мора да се воспостави ред, закон, пред се во она што е функционално живеење, ред, поредок, со други зборови покачен квалитет на живот, за сите, на целата територија на Македонија. Затоа што во самото Скопје имате делови кои колку толку имаат некаков ред и стандарди, а на само неколку стотина метри урбани гета.

Потребно е носење на урбанистички планови, за целите градови, а во брза следна фаза и за селата и викенд населбите. Поставување на систем и критериуми, ограничување на индивидуални градби, без изведувач, стручно лице, проекти и дозвола за градба. Зајакнување на инспекциските служби, прочистување на дисфункционални кадри, зголемување на ингеренциите, но и детална внатрешна контрола во секоја област, комунална, пазарна, градежна, санитарна…

Средени и функционални паркиралишта, реновирани и искористени подземни гаражи, враќање во првобитна состојба на паркинг простори кои се пренаменети во маркети, теретани, клубови и што ли уште не. Санкционирање на секој кој загадува воздух, испушта звук на предвидените законски децибели, без оглед дали е тоа кафетерија, верски објект, моторно возило или било што е звучно над пропишаните норми и стандарди.

Македонската нација, и македонскиот народ како носечкиот дел од истата, треба и мора да имаат зацртани стандарди, црвени линии и јасна агенда каде се стремат. Кога македонскиот народ, а и севкупната македонска нација ќе застане обединето, никој и ништо, никогаш не ќе може да ја скрши.

Фудбалската репрезентација е токму тоа, токму оној обединувачки фактор кој може да не сплоти сите и обедини. Она ниско подметнување со боите, не проаѓа. Наметнување и на име на навивачите не проаѓа. Навивачите се МАКЕДОНСКИ ЛАВОВИ, никој сам не се ословил себеси за рис. Едно нешто и симнувам капа на Федерацијата што во ниту еден момент не проба да не „посеверџани“, но не успеа да го преплави пазарот и народот со шалови, дресови, маици, и црвено жолти бои. Несфатливо ми е зошто се сликани репрезентативците во бели дресови за албумот за Панини. Нашите бои се црвената и жолтата. Мора да се прекине со експериментирање.

Како што гледате и самите, секој обид преку Евровизии, други настапи, преку кошаркарската репрезентација или некои други манифестации да се промовира „северџанењето“ и концептот на граѓани на Република „ С“ Македонија не проаѓа, и нема да пројде. Не смееме меѓу себе да се караме и навредуваме, не смее македонскиот народ да се кара и навредува со помалите етникуми, туку сложно, сплотено и заедно да покажеме дека ја сакаме и цениме Македонија, и да ја направиме вредно место за живеење.

Македонија своите перспективи треба и мора да ги гледа на Запад. Вака или онака, членки сме на НАТО, но сепак, правата цел кон која се стремиме од почетокот на независноста е Европската Унија. Но, тоа мораме да го достигнеме не со свиткана кичма, турнати гаќи и етнички и национално понижени. Најмногу си патиме од клиентелистите и кариеристите, кои за позиција и моќ, не Северна Македонија, туку Екваторијална Гвинеја ќе се самонаречат. Не смееме да дозволиме како нација во нашето секојдневие да бидеме вовлечени во дневна политика, во борба за асимилација на некои соседни или подалечни држави. Доколку глобалната политика ни наметнала некои одлуки на хартија, тоа не значи дека треба да се самоконтаминираме и труеме во секојдневието.

Македонија е се’ што имаме! Со срце за Македонија! На Европско и секаде каде што треба, да покажеме дека си ја сакаме државата, сите обединето, цела македонска нација, и македонскиот народ и сите останати, Македонски Албанци, Македонски Турци,Македонски Роми, Македонски Власи, Македонски Срби, Македонски Бошњаци, сите заедно сплотени и единствени … за кого, за МАКЕДОНИЈА!

Александар Ристевски

Коронавирус