понеделник, 9. декември 2019. Вести денес: 44
home Колумни

Македонија – Земја на чудата

Македонија – Земја на чудата

Неодамна, на еден македонски сајт прочитав една листа на контрадикторности за нас како земја, напишана од некој американец кој тука престојувал. Според сеќавање дел ќе ја цитирам, дел ќе ја надополнам со нови „забавни“ факти за нашево напатено и чудно државиче.

Македонија, земја во која сите негде брзаат, а секогаш каснат. Земја во која сите се зафатени, а ништо не работат. Земја во која тие кои возат скапи коли и имаат големи станови, се гребат за цигара и кафе, а оние кои постојано честат и се „елита“ одат пешки. Тие со пари, не излегуваат на истите места. Македонија е земја во имаш неплатени сметки со месеци, но одиш на одмор.

Земја во која пола население е неписмено, но има магистратура. Земја во која чистачка или чувар во државно јавно претпријатие, се платени повеќе од универзитетски професор. Држава во која здравството е бесплатно, а сите нешто плаќаат и пак не е како што треба. Држава во која докторот јаде ќотек доколку не ги слуша инструкциите од пациентот или неговите блиски, како да биде лечен (го помешале со фризер). Земја во која се препишуваат 10-15 илјади рецепти на Дијазепам секој ден.

Земја во која фраер е тој кој не плаќа паркинг, кој поминува на црвено, врти полукружно на две полни ленти, кој вози 110, каде што е 50 дозволено, кој се паркира на тротоар, пешачки или сред улица со муабетот, имам нешто работа, на 5 минути сум.

Нашево Македонииче е земја во ти се смеат доколку си чесен. Земја во која ги исмеваат учените, а на оние кои искрени искажуваат став им се вели дека многу зборуваат. Ние сме земја во која полтроните одат гора, а работниците и професионалците се потценети се додека не им пукне филм да напуштат. Македонија е земја во која три четвртини од студентите студираат за да се иселат во странство. Ние сме земја во која секој доктор сака да ја напушти за Германија, а секој обичен работник за Хрватска или Малта. Земја сме во која сред градежна сезона работниците даваат отказ и бегаат на Запад, било каде.

Земја во која ти се смеат ако кажеш дека штедиш, ако си одговорен. Тука се е сметано за „превара“. Сите сакаат брз профит и брзи пари. Земја во која имаш вода, сонце и плода земја која раѓа се, а седи необработена. Земја во која прекупците се богаташи, а земјоделците клошари. Македонија е земја во која земјоделецот е „сељак“,а не тој кој рока ноќе српско и турира со моторот или количето купено на старо, по Партизанска.
Ние сме земја каде детектиран и пријавен криминал не се гони, туку се санкционира службеното лице затоа што го процесуирал без да праша. Земја во која се преиначуваат или укинуваат затворски казни со политичка одлука, земја во која обвинението се креира според тоа колку некој „треба да го јаде“. Ние сме држава во која секогаш едната страна е крива, држава во која секогаш има еден државен непријател.

Оваа земја реагира во лавина и сатанизира за нешта во која и самата не верува. Ние сме држава со лажен морал, лажни вредности, фиктивни бракови, паралелни врски, нејасни сексуални ориентации и политички гледишта, но први сме да ги осудиме другите. Ние сме фејсбук револуционери, твитер критичари, а тие кои одат на протести и демонстрации, или им се смееме или ги шибаме дали ги пратиле од партија и дали добиле сендвич и сокче.
Македонија е држава во која има закон за се, а не се применува. Во Македонија можеш да пушиш каде сакаш, прашање е само дали и кого некој одлучил да го казни. Доколку во оваа наша земја почне за се спроведува закон, 90% ќе завршат на суд, а половина во затвор. Само во Македонија си јавно крив, дури и ако само има истрага, а нема ни обвинение. Земја во која притворот не е заштитна мерка за претпазливост, туку начин некој да се казни, понижи, деградира.

Ние сме земја во која политичките елите се, а тие кои се на власт ја контролираат цела економија. Земја сме, во која огласите за вработување се фиктивни, а Агенцијата за вработување служи строго за евиденција, нешто што може да го тера и Завод за статистика. Земја во која 99% се пријавуваат во Агенцијата за да добијат „бесплатно“ здравство и ако „имаат човек“ да лапнат и некаква државна помош.
Ние сме земја во која Премиерот јавно глуми историчар и кажува што не му се допаѓа, и како тој не се согласувал, па требало да прифатиме репресија и нови историски гледишта. Земја во која научниците етнолози, историчари, археолози ќутат и уста не отвараат, задоволни од тезгичето што го фатиле, или пак уплашени од „црно под ноктите“ (да се живи и здрави лигвистите македонисти, иако доцна им текна).

Земја сме на лажни вести. Земја во која пет пати кажана лага, станува вистина, а фактите никого не го интересираат. Земја со најмногу медиуми по глава на жител, каде што еден ја покрива веста, а 100 портали и 10 телевизии за преземаат, секако без дозвола и без да платат. Земја во која агрегаторите на вести се помоќни од самите медиуми, и за тоа наплаќаат, додека оние кои р’мбаат не. Земја во која пуштање на чешма или шахта, е побитно од голем културен или спортски настан.

Ние сме земја во која не се почитува волјата на народот. Ние сме земја во која законите се толкуваат, а не се применуваат. Ние сме земја во која притисокот и усната наредба се извршува, а потоа оној кој ја применил се чуди доколку е гонет законски за прекршокот.
Драги мои, ние сме земја на чуда и парадокси, и нај жалното е што немаме намера ниту желба да се смениме. Секогаш некој друг е крив, само ние самите не.

Имаме корумпирани души, и заматен дух. Живееме денес за утре.

Македонија веќе не е Македонија.
За тоа сме криви сите ние. Сите до еден, што не сме сложни, единствени, и што немаме национална свест, што не знаеме да се договориме, помириме, обединиме. Затоа што дозволуваме да не водат единичари, медиокритети и маалски фраери. Ете затоа. Затоа што велиме: „не се замарам со политика, не гласам, што сакаат нека прават.“

НЕ! Сите вие имате одговорност пред себе и кон своите деца, да се мешате сегде, да имате став, да барате отчет за вашите пари, да притискате за приоритети и да се борите кој ќе ве претставува.

Листата можете да ја продолжите. Очекувам да чујам од вас и за нови фарсични парадокси кој би ги „опеал“ во некое следно продолжение.
Бидете креативни! Македонија вечна!

#никогашСеверна #самоМакедонија

Александар Ристевски