четврток, 28. јули 2022. Вести денес: 181
home Колумни

Македонија – ќе не биде или не, прашањето е сега!

Македонија – ќе не биде или не, прашањето е сега!

Од старт неколку битни нешта. Македонија уште во 1991 во целост преку речиси сите најзначајни политички субјекти, а со целосна тогашна поддршка од народот одлучи да се стреми но европска и атлантска воена и економска интеграција. Целите тогаш беа да живееме во плурализам, демократија, пазарна економија и можноста сите Македонци да се обединат во една држава, без граници.

Од 1991 навака, имавме многу предизвици. Околни воени конфликти, криминална приватизација и распродавање на јавните добра, внатрешни немири, промена на устав во неколку наврати, и за крај промена на името на државата ради спорот со Грција, на насилeн начин, само за влез во НАТО, барем за сега како што гледаме. Сето тоа, без никакви гаранции, ниту пак реципроцитет од другата страна, исто како што сега се тера процесот со Бугарија.
Се ова што ни се стави на маса, вчера, денес, и во изминатиот период, покажува неколку нешта.

– Прво, дека Европската Унија не е она на кое се надевавме, дека е заедница на вредности и народи, сплотени независни држави кои почитуваат различност. Врелиот костен е кај нив.

– Второ, дека механизмот за проширување и примање нови членки е дефектен, и дека секогаш оној кој прв влегол има можност да се изживува и да ги малтретира новите, за да си ги исправи сопствените историски или идеолошки утки. Тоа мора да се смени.

– Трето, дека не ни е потребна ЕУ за да не среди и оправи, или само за да кажеме дека сме во неа, туку ни треба функционално општество, слично како Швајцарија, Исланд, Норвешка, кои не се во ЕУ, а се вредност самите по себе. Но правецот сепак е тој кон кој се стремиме, со или без ЕУ.

– Четврто, дека немаме национални линии, дека немаме функционална дипломатија, дека имаме многу малку, речиси ич пријатели, и дека самата Европа не’ не цени и почитува, туку гледа како проблем кој мора да се реши, на наша штета.

Самата Европа не покажува дека е кадарна, ниту има знаење и капацитет да решава спорови. Само потврдува дека доколку не е влијанието на САД, како своевиден светски полицаец, кој постојано отвора и затвора теми, самата воскреснува некои идеи заглавени во 19тиот и почетокот на 20от век, кога се уште одлучувале братучеди од некои кралски семејства.

Она што денес се кажа во Бугарското Собрание само покажува каде стои моментално Бугарија како држава. Народот си е во ред. Обичниот Македонец и обичниот Бугарин, особено оној со македонски корени, еден со друг, проблем немаат. Проблемите ги креираат очигледно оние на кои етникумот и националноста им се професија, па мораат да креираат спор, затоа што доколку истиот ги нема, тие ќе останат без лепчето.

Соработка мора да има. Култура, образование, спорт, здравство, преку гранична и општинска соработка, инфраструктурно поврзување, но да се кажа цврсто и строго, дека на тема македонски јазик и дали тој постоел или не, или бил дијалект, тука простор за преговори нема. Дека разликата за историски теми, и историски ликови е нешто кое треба сеопфатно да се разговара, како долгогодишен помирувачки процес, а не вака, на ниво на некои комисии, во кои од бугарска страна има ликови кои и покрај нивната стручност, тераат политика.

Бугарското општество дефинитивно е многу по лоботомирано и затруено од нашето, по прашањето на соседниот народ. Ние пак си имаме наши болести и бубачки, кои произлегуваат од некои претходни пропаганди, но и како рефлекс од нападите кои ги трпиме, па возвраќаме. Нашиот медиумски простор е во целост контаминиран со содржини од Србија и од Косово, музички исто така, но и пропагандно. Концептот за Отворен Балкан времено ги задоволува етничките приказни на Албанците и на Србите, но дефинитивно не и на Македонците. Вон Македонија, најголем дел Македонците се во Бугарија и Грција, така да логична е македонска аспирација да биде кон ЕУ.

ЕУ стремежот останува тука, но пред се идејата дека мораме да ја зачуваме унитарноста на државата, јазикот, културата, идентитетот, обичаите. Она што го потпишавме со Грција беше сериозен удар, но наше е дали ќе се покориме и ќе потонеме, или ќе се воздигнеме посилни.

Бугарската Влада падна, денес ја изгласаа декларацијата за дозвола за откочување на преговори. Дали и колку ќе се најде начин процесот да продолжи, без да бидеме унаказени како народ и обезличени, ќе видиме следните денови.

Еве ги дополнувања на Бугарија за предлогот на Франција, кои беа вметнати при гласањето кое помина со 170 гласа ЗА:

– Појаснување на текстот на нацрт-заклучоците на Советот за да се обезбеди вклучување на Бугарите во уставот на МКД во одредбите во кои се споменуваат и другите народи, на рамноправна основа со овие народи

– Подобрување на предложената нацрт-преговарачка рамка и нацрт-заклучоците на Советот, со цел појасно да се одрази фактот дека ништо во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ не може да се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на постоењето на македонскиот јазик.

– Гаранции дека добрососедството останува хоризонтален критериум во текот на процесот на пристапување на Mакедонија кон ЕУ, за чие спроведување Европската комисија треба да го информира Советот пред секоја меѓувладина конференција

– Вклучување на референца од Договорот за добрососедство од 2017 година и записници од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија во врска со одобрувањето на заедничките позиции за меѓувладините конференции ЕУ-МКД од Советот на ЕУ.

Како ќе се тера понатаму, останува да видиме. Како Македонија ќе го тера процесот, дали ќе го продолжи или запре, не знаеме, но речиси е сигурно дека со оваа владејачка структура е завршено и кај нас, и дека треба некоја нова Влада, со нови сили, кадри и идеи, да се обиде да ги заштити националните интереси, а Македонија да ја интегрира со остатокот на Европа. Но, ќе мора да покажеме знаење, стабилност, искуство, моќ за преговарање и секако цврсто да стоиме зад се што не дефинира и како народ и како севкупна нација.

Македонија пред се’!

Александар Ристевски

Коронавирус