сабота, 24. август 2019. Вести денес: 60
home Колумни

МАКЕДОНИЈА КАКО ГАСНА КОМОРА

МАКЕДОНИЈА КАКО ГАСНА КОМОРА

Македонија се гуши заради енормно загадениот воздух, а актуелната власт се уште не покажува интерес да преземе некоја посериозна мерка за да го намали или ублажи загадувањето. Загаденоста на воздухот во Скопје, Битола, Прилеп, Струмица, Куманово секодјневно руши рекорди и неколкупати ги надминува границите на загаденост според ЕУ стандардите. За жал, болниците секојдневно се полнат со граѓани од сите возрасни групи кои заради респираторни или кардиоваскуларни потешкотии барат спас од тегобите кои ги имаат заради загадениот воздух.

Граѓаните се гушат, а власта е посветена на други активности за кои смета дека се поважни од здравјето на граѓаните. Наместо да се превземат конкретни мерки со кои барем малку ќе се ублажи алармантната состојба со загадувањето, власта се моли да дувне ветер за минимално да го растера загадениот воздух и со тоа нивото на загаденост да се намали.

Локалните власти во скоро сите поголеми градови во Република Македонија ништо не превземаат за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух иако поминаа скоро две години откако тие ја превземаа власта и одговорноста да ги решаваат реалните проблеми на граѓаните. СДСМ од опозиција ветуваше дека имаат решение за загаденоста на воздухот, дека експресно ќе го решат загадувањето. Секојдневно нивни функционери шетаа низ градовите со маски на лицата и импровизираа дека се гушат, меѓутоа по доаѓањето на власт проблемот го заборавија, го турнаа под тепих и секојдневно ги убедуваат граѓаните дека проблемот само што не го решиле.

Немаше јавен собир на кој што не ветуваа планински воздух, чиста животна средина, чиста вода за пиење, а сега на секојдневните реакции на граѓаните најдрско им одговааарт дека решението на овој проблем е наследено, дека не може веднаш да се реши, дека тоа не е реално шоу. А, поминаа скоро две години.

Загадувањето е по неколкупати поголемо од нормалата, а освен неколку импровизации властите не превземаа ништо поконкретно. Градоначалникот на главниот град ветуваше спроведување на краткорочни и долгорочни мерки меѓутоа до сега во реалноста видовме само критики и перење од одговорноста со тоа дека за загадувањето е одговорна претходната власт. Загадувањето е неколкупати поголемо од дозволеното, Скопје неколкупати оваа година беше најзагаден град во Европа а Градоначалникот освен еднократно воведување на бесплатен градски превоз не спроведе ниту една друга мерка со која барем малку ќе ја ублажеше и онака алармантната состојба.

Загадувањето со ПМ 10 и ПМ 2,5 честички како и загаденоста на амбиенталниот воздух со јаглероден моноксид, јаглероден диоксид, азотни оксиди, сулфурни оксиди, пареи на тешки метали го загрозуваат здравјето на граѓаните, а посебно на децата и младите. Зголемувањето на бројот на кардиоваскуларни и респираторни заболувања, мозочни инциденти, малигни заболувања се резултат на ваквата состојба со загадувањето.

Актуелната власт ветуваше живот, решавање на проблемите на граѓаните, а скоро две години нема ниту траг ниту глас од животот, а уште помалку најава за решавање на актуелните проблеми на граѓаните.

Андон Чибишев