Колумни значителни придобивки за македонија

Македонија и Емиратите – време за вистинско стратешко партнерство

Во време на глобална прераспределба на моќта, кога традиционалните центри на влијание се соочуваат со предизвици, Република Македонија има историска шанса да ја постави својата надворешна политика на нов, пореалистичен и прагматичен колосек.

Македонија и Емиратите – време за вистинско стратешко партнерство

Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, минатата недела оствари официјална посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), каде што се сретна со највисоки државни претставници, вклучително и со претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, и со потпретседателот и премиерот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум. Според информациите од ,,Gulf Today” во рамките на посетата, беа потпишани два меморандума за разбирање: еден за економска соработка и друг со Академијата за дипломатија „Анвар Гаргаш“.

Оваа посета има потенцијал да донесе значителни придобивки за Република Македонија, вклучувајќи:

  • Економски развој: Потенцијални инвестиции од фондови како „Abu Dhabi Developmental Holding“, „Mubadala“ и „Masdar“ во сектори како инфраструктура, агробизнис, обновливи извори на енергија и туризам.
  • Трговска соработка: Размена на искуства и можности за проширување на трговските односи помеѓу двете земји.
  • Образование и култура: Соработка во областа на образованието и културата преку размена на студенти, академски програми и културни настани. Универзитетите од Абу Даби и Дубаи веќе имаат меѓународни кампуси – зошто не и во Скопје или Охрид?
  • Дипломатски односи: Зајакнување на дипломатските врски и меѓусебна поддршка на меѓународната сцена. Ова ќе овозможи Македонија да има посилен глас во глобалните форуми и да ја унапреди својата позиција на меѓународната сцена.

Оваа посета претставува важен чекор кон продлабочување на односите помеѓу Република Македонија и ОАЕ, со потенцијал за долгорочна соработка во различни области,  а инвестиции можат да ја унапредат инфраструктурата на државата како и да создадат нови работни места во клучни индустрии. Македонија може да ги искористи Емиратите како врата за поблиска соработка со Блискиот Исток и поширокиот регион.

Во време на глобална прераспределба на моќта, кога традиционалните центри на влијание се соочуваат со предизвици, Република Македонија има историска шанса да ја постави својата надворешна политика на нов, пореалистичен и прагматичен колосек. Една од најлогичните насоки во овој момент е продлабочување на односите со Обединетите Арапски Емирати – особено со Дубаи, Абу Даби и другите водечки емирати што се трансформираа во глобални хабови на капитал, технологија и меѓународна логистика. Македонија има што да понуди – геостратешка позиција на Балканот, пристап до европскиот пазар, стабилна политичка слика и нова влада која јасно демонстрира волја за реформи и отвореност кон нови сојузништва. Но ова партнерство мора да се гради на сериозни основи и конкретни механизми, не декларативно и формално. За таа цел, дметам дека е потребно да се формира Заедничка економска и инвестициска комисија Македонија–ОАЕ, која ќе работи на идентификување и реализација на конкретни проекти во секторите енергетика, агробизнис, ИТ и туризам.

Токму затоа, вреди да се потсетиме на неуспешниот обид за продлабочување на односите со Катар во времето на претседателот Ѓорге Иванов. Иако дипломатските контакти беа интензивирани, а посетите на највисоко ниво беа добро медиумски покриени, недостигот од стратегија, континуитет и институционален механизам за соработка доведоа до тоа сè да остане само на убави зборови и фотографии. Немаше реални проекти, ниту координација меѓу министерствата и бизнис-заедниците. Дополнително, недовербата на катарската страна стана поголема поради нестабилноста во македонските институции, како и нашата пасивна позиција во иницирањето на заеднички иницијативи. Лично сметам дека ова беа клучни фактори за неуспехот на оваа идеја.

Тоа искуство треба да ни послужи како поука – дека во денешниот свет не победуваат оние што само се додворуваат дипломатски, туку оние што нудат визија, конкретност и спремност за акција. Македонија треба да понуди платформа за инвестиции во енергетиката (особено во обновливи извори), во ИТ-платформи, агробизнис, туризам и логистика. За таа цел, формирањето на долгорочна програма за размена на експерти и студенти, како и иницирање на регионални технолошки центри и образовна соработка, би биле клучни чекори кон зајакнување на односите со ОАЕ.

Дополнително, можеме да иницираме долгорочна програма за размена на експерти и студенти, со отворање на можност за регионални технолошки центри и образовна соработка. Универзитетите од Абу Даби и Дубаи веќе имаат меѓународни кампуси – зошто не и во Скопје или Охрид?

Оваа нова ориентација не треба да значи откажување од европските интеграции, туку нивно балансирање со сојузи што се засновани на заемна почит и интерес. Емиратите се прагматични – со нив нема уцени, нема историја од минатото што нè дели, и нема празна реторика. Тие работат со оние кои нудат стабилност, визија и фер игра.

Македонија има што да покаже – време е да направиме чекор понатаму и да изградиме вистинско стратешко партнерство со оние кои ја разбираат вредноста на довербата, стабилноста и визијата за иднината.

 

22.04.2025                                                                        Проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

 

To top