среда, 25. мај 2022. Вести денес: 134
home Колумни

Македонија е мала бара, а крокодили многу

Македонија е мала бара, а крокодили многу

Тешко е да се испофаќаат сите недоследности, настани и скандали кои секојдневно се случуваат. Ги има толку многу што максимата „секое чудо за три дена“, делува како да е смислена баш за тука, и за овие времиња. Трагедијата да е поголема, ќе се крене ука-бука, и се ќе се заташка. Завршница нема, а надлежните институции затајуваат. Очигледно судот на јавноста, мора да биде и посилен и поголем. Да почнеме по ред:

  1. Министерот македонски Крешник Бектеши, се навредил од албанската новинарка затоа што го ословила со македонски министер. Тој бил Албанец од Северна Македонија. Го навредило што му рекле македонски министер. Некој треба да му објасни на министерот да не меша нација, народ и етничка припадност. Не сфаќам како може да си дозволи вакво бламирање јавно, и за себе, и за државата, а и внатрешно да ги поларизира состојбите меѓу народот. Но, што човек да очекува од некој кој организираше чартер летови од странство за да општина Кичево не падне во рацете на „лошите Македонци“, со муабетот „Кичево е наше, не го даваме“. Вака, нема напред. Министеров треба да сфати дека треба да е министер за сите. Ваков каков што е, мој министер не е.
  2. Стевчо во Карпош ги разбранува емоциите на неистомислениците. Човекот решил проектите кои ги предвидел, да ги реализира, а пари се помалку, ради огромните сметки за струја, ради слабото прибирање даноци од претходникот и севкупното недомаќинско работење. За таа цел, се прави рез во набавките и ненаменското трошење, а струјата на локалните улици се гасне после 1 по полноќ. Збеснаа некои ликови кукајќи дека среде ноќ им било темно. Не знам за вас, ама јас поубаво спијам. Тешки нека заштеди и нека ги реализира планираните ветувања. Со последното уште толку се запенавеа други против него. Дацата чии родители не се жители на Карпош, не може да одат во градинките во Карпош. Џабе рипате и скокате. Стевчо одговара пред гласачите кои го избрале, а вие не сте тие. Не може 800 деца карпошанчиња да останат незапишани во градинка, а деца од цело Скопје да бидат носени во општината. Извинете, ама проблемот ќе мора да го решите во вашето место на живеење.
  3. Полу признавањето или поддршката на Вселенскиот патријарх Вартоломеј ги крена сите. И Бугари, и Грци, и Срби, и Руси, а и нас самите, Македонците. Мојот заклучок е следен: Чим сите се незадоволни, тогаш е добро! Значи нешто се размрдало, се сменило, мрднало од мртва точка и оди некаде. Да, и мене ми пречи што е само Охридска архиепископија, бес предзнакот македонска и она МПЦ, ама кој е верник, а дел од било кој религиска концепт, знае дека религиското е над етничкото, а етничкото се брани преку културата, јазикот, обичаите, и самите Македонци. Така да, за промена почнете да цените се што е македонско, да пишувате и твоите македонски, па после дразнете се за тоа кое, како и што е направено. Патем, не знаев дека толку многу побожни луѓе и верници сме имале. (одењето во црква за Велигден и кршење со јајца, не ве прави верник).
  4. Градоначалниците од опозицијата, предводени од ВМРО ДПМНЕ мака мачат да излезат со напластените проблеми од своите претходници. Иако истите Владата пред некоја година им ги исчисти долговите, тие до локалните генерирале нови, некаде и милионски, а тие кои се дел од владејачките структури и си продолжија во истиот стил. И додека опозициските градоначалници се трудат од едно две да направат, па преку своите јавни претпријатија сами прават клупи, реквизити, бркаат донации, ги чистат општините од корен и се трудат да ги решат најгорливите проблеми на обичниот човек водовод, канализација, пристапни патишта, паркинг места. Од друга страна го имате Мерко во Струга кој си купи пред избори Ауди А6, и троши без усул. На крајот се‘ се сведува на едно: Како сте избрале, така ќе живеете! Вашите општини се одраз и на вашата изборна култура. Какви луѓе гласате, таква општина имате. Каква општина имате толку ќе ви вреди имотот. Тоа ние кои сме од Чаир, најдобро го знаеме. Иако имотот ни е на километар два од центарот на Скопје, квадратот ни вреди помалку од стан во Маџари, Драчево или ГеГе. Од друга страна, вредноста на стан во Карпош вртоглаво расте и е барем дупло поголема. Така да, партискиот, етничкиот или верскиот избор веќе не проаѓа. Време е народот да се освести, и да сфати дека секоја општина е приказна за себе, со свои специфики, и да престане да верува на ликови од високата политика за локални проблеми, туку да бира луѓе со чест и образ, луѓе кои ќе се грижат за обичниот народ и неговите интереси, а не на бизнисмени и инвеститори.
  5. За крај, Андреа. Девојчето на Евровизија. Убава песна, интересен филм и имиџ. Ама заборави и таа и тимот околу неа дека треба прво да ја купи сопствената јавност, па да брка странска поддршка. Отиде без поддршка од народ, туку од жири. Никој не ја познава, затоа што нема претходни песни и хитови. Несмасно се изглупира и го фрли знамето. Извинувањето личеше на се, на извинување не. Крива е делумна самата, уште повеќе тимот кој ја води. Повеќе делуваат ко туристичка екипа на екскурзија, отколку на државна делегација во својство на национален телевизиски сервис. Можеби е и паметно да одмориме една, две, три години. Ем фрламе пари, ем фидбек нема, ем се праќаат претставници зад кои народ не стои, ем… крај нема! Џабе се палите, никогаш нема да победиме.

 

 

Александар Ристевски

Коронавирус