среда, 22. јуни 2022. Вести денес: 141
АКТУЕЛНО

Падна владата во Бугарија, Кирил Петков повеќе не е премиер

home Колумни

Мајмунски работи и сипаници

Мајмунски работи и сипаници

Додека Македонија е во очекување доктор Сали со изим на престолонаследникот Таче на голема врата да ги врати маските поради новиот светски баба-рога уплав наречен „мајмунски сипаници“, мајмунските работи во државата продолжуваат со несмалено темпо. Турбо…

Њујорк е веќе под маски, Брисел исто така се залета да се маскира и карантиносува. А ние како вљубеници во ликот и делото на гореспоменатите, не смееме да бидеме покусо, нели? Имајќи предвид дека кај нас владее она старото „ко прле пред магаре“ следено од вечното подигање на жабјата нога која го видела коњот како се потковува, македонското маскирање е само чисто прашање на време. И онака нон-стоп прават мајмуни од нас, па чуму не сега и со мајмунски сипаници и ред други мајмунски работи (monkey business или мајмунски работи како светски синоним за нечесна работа и дејанија), супер ќе ни прилега…

Целата оваа забегана нова светска маско-еуфорија, едноставно, ве тера да се запрашате: Па толку ли бре ви зафалија пустите маски??? Се навикнавте на нив, а? Имате залихи? Или, поверојатно, некому толку многу му се бендиса и му недостига стравот, контролата, послушноста, пресметливоста и „убавината“ на корона-карантините, па само ќе ги замениме со мајмунски карантини? Непребол за ујдурми со насила затворен народ…

Во минатите две години и кусур минавме тешки идиотштини, помајмунски здравје, кој стигне ни мереше температура, изигрававме Зоровци по работа, продавници, каде ли не, ни одземаа право на слободно движење со ступидни карантини, полициски часови трпевме, не вакцинираа со што ќе им текне без абер што има во истото, па со маски и на отворено ко идиоти се шетавме, полиција казни се изналепи и? И требаше ли да се случи Украина за да короната „исчезне“? Путин ја победи или Зеленски (според цензорите де)? И сега, никому ништо?

Арно ама, велат дека кога мазохизмот и стокхолмскиот синдром ќе ви влезат под кожа, тешко нормален човек се останувало. А кога ќе создадете армии на уплашени хипохондрици по урнекот на Јеремија од Алан Форд, многу е лесно да манипулирате со истата таа армија. Само свикајте: ВИРУС! И оп, послушно летаат маски, карантини, па забрани за движење, па полициски часови, па вакцини, кризни состојби. Малтретажа за некого, тарапаана за друг…

Сценариото е познато, на памет и наизуст го знаете. Мајмунски работи колку сакаш, ама не мораа да ни потценуваат интелигенција токму со МАЈМУНСКИ сипаници, нели? Можеа да бидат поинвентивни и понебездушни со изживувањето. Можеа барем да бидат посуптилни – лавовски, змејовски, тигровски сипаници ли, барем подостоинствено ќе се чувствувавте, ама мајмунски?

И сега? Ќе го преспиеме најавеното менување на историјата, Тачевиот пазар со Петков и сите ујдурми во најава за кои и врапчињата знаат, задолжување на нашите прапрапраправнуци, уништување на Македонија каква што ја знаеме и целиот антимакедонски пакет, удобно скриени и амнестирани зад антимајмунските маски???

Она, чувството кога многу добро знаете дека некој повторно планира да направи мајмуни од вас и целата нација, а вие си свиркате и си лупите бананче…

И, што ќе им одговорите на презадолжените правнуци со сменета историја кои ќе останат без „М“ од Македонија и  македонски, кога ќе ве прашаат зошто ништо не сте сториле? Мајмуните се криви! Или: Епа, внучко, јас не знам, јас бев маскиран?!?!?!

„Браќата“, кои пред дваесет години исто не знаеја ништо, барем, беа во подрум…

Коронавирус