петок, 6. декември 2019. Вести денес: 102
home Колумни

Луди времиња

Луди времиња

Навистина е тешко во овие времиња на секојдневни скандали, човек да се сосредоточи и да анализира некоја тема или состојба. Секојдневно медиумски сме бомбардирани од информации за недоследности, неправилности, заобиколување на законот, злоупотреби, да обичниот граѓанин се праша, каде ли ова јас живеам?!

Сфаќам дека сево ова почна не баш случајно пред некоја година. Наталожените проблеми и системски дисфункции направија да бидеме како држава подложни на влијанија од надвор. Како нација сме поделени по секоја основа. Спортски, политички, партиски, верски, по сталежи, примања, професии, местоположба, образование, стил на музика и што ли уште не, и цела таа поларизација не прави подложни на сценарија за внатрешно разнебитување ко нација.

Колку и да сака актуелната гарнитура да прикаже дека спроведува „Живот за сите“ и „Едно општество за сите“ реалноста покажува дека се сменети 99% од сите кои беа до пред две и пол години во централната или до пред година и нешто во локалната власт. Зар секаде, во сите можни институции можете да ми кажете дека беа сите некадарни? Дека секаде дојдоа подобри од нив? Мој впечаток е дека има дел институции кои се потсмирија и опоравија, но на многу места има изгубени случаи кои не знаат каде тераат, или уште полошо, хиени кои дошле да „заколат здраво“ и да го наполнат чекмеџето.

Што сакам да кажам? Драги мои, се додека сите како нација, не се согласиме дека МОРА да се избираат на раководни места најдобри, најспособни, најкадарни, менаџери, професионалци, нема за нас да има иднина. Де додека јавно, на повик не ги повикаме сите расположливи сили да се стават во функција на државата за да не повлечат напред, ќе бидеме само нација која потпишала авто-деструктивен договор со сите соседи, се обезличила, а Европа и рекла НЕ, затоа што додека преговарала, околностите во системот и самото функционирање на оваа наша мала државичка отишле удолу и целат кон амбисот.

За мене е апсолутно за неверување дека ликови кои се во обвинителствата, судовите и слични тела кои треба да се столбот на државата, ќе влезат во криминални шеми, на изнуда и рекетарство. Непоимливо ми е кога луѓе кои треба да бидат скромни и неупадливи, пробуваат да станат медиумски и ТВ ѕвезди. Убаво еден мој пријател неодамна рече, очигледно ни треба или целосен ресет на цел апарат државен администрација, судство, обвинителство, образование, наука, па да видиме кој по тие стандарди ќе си го заслужи местото, или пак принудна управа од страна.
Ако се сеќавате, минатата власт пред некои 4 години имаше донесен закон, според кој, секој службеник требаше да знае минимум англиски добро, плус друг јазик, плус полагање тестови и слични услови за напредок, а ако не задоволи минимум услови, и тоа место кое го има, можеше да го загуби. Знаете ли кој го сатанизираше и спречи тој закон и одредба? Самите службеници од внатре. Самите, можеби 80 отсто сфатија дека или нема да мрднат ни чекор погоре хиерархиски никогаш, или ќе мора да си одат.

Почитувани, пред да почнеме да плукаме по секој друг, ајде секој во себе нека си каже што не чини во неговиот колектив и за почеток нека алармира и нека се крене да го реши проблемот интерно. Велите сакате во Европа? Во Европа, вакви никакви какви што сме, не со сменето име, со сменет личен опис, нема да не примат! Не сега, НИКОГАШ!

Кога е актуелната власт во прашање, не треба јас ништо да кажам. Самото тоа што се случува секој божји ден, покажува каде одат работите. Со нив е завршено. И со нив, и со вечните коалициски властодршци, од 2002 година навака. Сите џокери и шанси се истрошија, народот е уморен, напнат, револтиран, бесен.

Народот ќе го има последниот збор. Тој ќе одлучи, но овој пат не само бирајќи политички субјекти, туку бирајќи личности и програми со реални ветувања. Не верувам дека фиктивни идеи и концепти ќе пројдат. Овој народ секои десетина години некој успева да го прелаже, а потоа се дува и на јогуртот, ради наивноста.

Ни требаат професионалци, чесни луѓе и интелектуалци, без оглед на политичките ставови и идеологии, луѓе кои ќе би бранат интересите на МАКЕДОНИЈА и на институциите на системот, а не лоповчиња и преваранти, и секако, силни инспекциски служби како контролен механизам за нивното работење, целосно независни и не допрени од политичкото влијание.

Или ќе тераме така, или дај да му ставиме клуч на државичево, па нек му прават големите и соседите што сакаат.

За почеток, паркирајте се прописно, ѓубре во контејнер, не нарушувајте јавен ред и мир, прилагодете брзина на патот, платете си ги давачките, чекајте коректно во ред, намалете со лажење, кодошење и сплетки, едноставно, пробајте да бидете добри луѓе! Ако ништо друго, барем на корумпираниве големци им покажеме што од нив се очекува. Или ќе играат по желбите на народот, или ќе ги нема.

Знам само дека:

1. Што си правел, ќе ти прават.

2. Биди искрен, чесен и праведен и не отстапувај, без оглед на се.

3. Хиените сами ќе се изедат!

Да живее Македонија… ако преживее!

Александар Ристевски