петок, 13. декември 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Левијатан

Левијатан

Многу одамна, со падот на комунизмот и распадот на политичката креатура (амалгам во обид) СФРЈ, создавањето на независна држава Македонија, живеев во уверување дека Левијатан, (тоа митско суштество на Хобс или еден од четирити демони), замина од овие простори. Не е дека не се наѕираше, неговото присуство уште во почетокот на создавањето на Македонската држава, но се убедував самиот себеси дека тоа е лошото ехо од минатото кое постепено ќе исчезне, ќе замине во историјата.  Но, ѓаволот не спие, напротив денес живееме во време кога Левијатан го достигнува својот апогеј. Поради ова, ѓаволот Левијатан, и мислам дека најточниот поим за карактеризирање на системот на владеење на „нашите“ властодршци не може да биде ништо друго освен САТАНОКРАТИЈА, термин кој се користеше од страна на советските дисиденте за владеењето на Сталин е во својот врв на делување во Македонија.

Оваа мозочна еквилибристика ми беше потребна за да најдам заеднички именител на сите наши јадови, создадени од безумното владеење на владината коалиција. Нема ден да помине, а тие да не го потврдат погоре наведениот Левијатан преточен во нивното однесување кон државата, нацијата, граѓаните. Уморни од секојдневните афери, последната, со „аномалиите“ при полагањето на приемен испит за „Судската академија“ и кој се е примен на оваа академија, е подјадување на општествената плацента, а потоа да не се чудиме што некаде ќе сретнеме коментари дека „Македонија е несакано дете или мртвороденче на Европа“. Класичен абортус на едно битие, државната творба Македонија, кое требаше да биде фундаментот на кој требаше да се постави долго најавуваната „перестројка“ на овие простори, а која нашиот Левијатан не дозволи да се овоплоти.

Секако, не сум до тој степен идеалист, да очекувам расправа или барем реакција од „нашите интелектуалци“, секоја чест на исклучоците кои само го потврдуваат правилото, но Тие, режимски апологети, постојано живеат од она што им го подава раката на власта, никогаш не обидувајки се да излезат на „слободниот пазар“ на мислата. Никогаш и не биле ништо друго освен, како што ќе ги нарече Хајек „професионални продавачи на идеи од втора рака“. Или, да останам во рамките на контекстот со Левијатан, оваа наша „интелектуална елита“ е длабоко во прегратките на Паимон. Токму затоа логичкиот, философски и спознаен капацитет е таков каков што е.

Како се вели во премудрите мисли и беседи на Св.Јован Златоуст: „Да пиеме од длабокиот, непресушниот и огромен океан на Божјото познание и мудрост, а не од вадата на световната мудрост“. И токму таа световна мудрост е под „капата“ на Левијатан и неговиот Паимон.

 

Но, тоа е судбата наша!

 

А судбина не постои туку Божја промисла, бидејќи ние сме креатори на нашето битисување на земјата-државата.

 

Феноменот, кој се појави во просторот ослободен од „интелектуалците“ задоени од Паимон, а како антипод на Левијатан, е Црноризецот храбар. Да токму така, Црноризец храбар се појави да се спротивстави на Левијатан начекувајќи го со „Сариса параос“ (долгото копје на Александар Македонски), во најтемните ќошиња на неговите Потемкинови села (кои не даваат многу простор за криење). Токму така, очигледен е отпорот на народот напатен, намачен и зацрнет, но со добра колективна меморија, кој неорганизирано ги детектира сите аномалии на нашиот Левијатан, фаќајки го, како би рекол самиот народецот наш „со спуштени гаќи“. Благодарение на социјалните мрежи овие, би ги нарекол иреверзибилни штети по општеството, се појавуваат во јавноста ставајќи го во искушение Левијатан да избира, кој од трите можни одговори на „Дилемата на затвореникот“ е посоодветен.

Патем, кога ќе подразмислам, појавувањето на Левијатан во целосната негова „величина“, беше очекувано и беше само прашање на време. Имено, уште одамна, еден од нај остроумните историчари на нашето современие, Франсоа Фире, напиша: „Комунизмот во наследство остава само рушевини“. Што би можеле да очекуваме од децата на комунизмот, ја сменија појавната форма, заради замајување на неинформираните, но содржината остана недопрена. Вознесено, со цинична насмевка, лебдат над стварноста со која суверено владеат, секогаш, како Минервиниот був (како уште една метафора на Пеимон само во друг митолошки лик на многубоштвото) летнувајки во раѓањето на зората, пристигнуваат post festum на, неразбирливите за нив, општествено – историски случувања, како мудро би констатирале дека ништо не е по закон, се бара промена во склоп на нивните ретроградни размислувања. Рушејќи за еден ден, се што било создавано со децении, притоа надевајќи се на вечна слава, а всушност ја задобија „Херостратовата слава“.

Но, благодарение на нашиот Црноризец, Левијатан е целосно разголен. Остана уште еден мал смоквин лист кој, во стилот на нивниот главен гуру Маркс, како негација на негацијата ја разоткрива целосната грдотија на нашиот исцрпен-испразнет црпнат Левијатан. Или како што самиот некогаш зборуваше нели, за нечие грдо лице, а своето под илјада маски вешто го криеше, а сега дури и маските ги шминка и дотерува.

Сето ова, ме наведува на помислата дека е потребна јавна полемика, доколку се решат интелектуалците да излезат од безбедноста на конформизмот, а политичките контролори на јавниот медиумски простор дозволат, ќе се отвори слободен и насушно потребен простор за утврдување на природата на владеењето на Зоран Заев. Во спротивно затворениот круг ќе си остане затворен како заградена бара, но јавните и социјалните мрежи неможе да се затворат и таму секогаш че дуваат ветришта кои ќе го прочистуваат етерот. Секако, прашањето за полемика се однесува на идеолошката „легитимација“ на режимот. Проблемот е што нивните контроверзи не ни дозволуваат да ги вклопиме во ниедна позната типологизација на идеолошко класифицирани режими, како опис на системот кој го персонифицира Заев. Со исклучок на етикетирањето (кое во овој контекст на колумната го сметам за тривијално) дека се една обична криминално-апашка банда, а тоа секако не е идеолошко-политичка карактеристика, туку едноставно во прашање се многу пари за лични бели дворови копаат црни гробови што парафразирано ни го вели Рацин децении наназад.

Но, во крајна линија, мислам дека идеолошката легитимација за тоталитарен режим е секундарна работа и не треба да преставува проблем во разбирање на суштината на начинот на владеење. Имено, имаме работа со еден „просветлен“ диктатор кој не робува на ниту една идеологија, доколку воопшто го разбира поимот идеологија, циник, мизантроп, голем манипулатор, лице под илјада маски, кој се обидува да ја закрпи простирката од крпите позајмени од репертоарите на дваесет вековната тоталитарна идеологија, спакувана во светлечка украсна хартија и бласфемично однесување кон демократските придибивки на современите општествено-државни уредувања како резултат на емпиријата на човечкиот род во градење на држава и уредено општество со морани норми на однесување. Станува збор за инсталирање на систем способен да произведе само бескрајна беда, аморалност, чемер и јад (но, за ова пошироко во следната колумна).

Безидејноста и не капацитетноста како карактеристики на оваа власт се посебно изразени, но да се опишат и образложат сите негативни карактеристики (за позитивните неможам никако да се сетам, иако искрено ги барам со боринче) во една колумна е многу мал простор.

Го поттикнувам Црноризец храбар упорно да го користи Александровото копје за да го прободува Левијатан, да го разгорува факелот на слободата и со тој оган да ги изгори Потемкиновите села кои му ги изгради Левијатан. Тоа е патот кон слободата од стисокот на Левијатан, без разлика колку многу Паимон да делува на определена група „интелектуалци“ вгнездени во партискиот конформизам. Еден ден секако ќе се оди на суд пред народот, тоа е придобивката на демократијата, без разлика дали некој ќе се дрзне да организира или нема да организира. Реакција ќе има колку и да нема јавни полемики или соодветно третирани прашања во вистинско време. А, времето е во Бога и е неминовен показател и судија и лекар, но безмилосно, незапирливо тече, одминува и се троши.

 

На денот на Св.Свештеномаченик Антим

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов