недела, 16. јуни 2019. Вести денес: 26
home Колумни

Лажни промени

Лажни промени

Ветија Правда и Мир. Ама ништо од ветеното. Од правда нема ниту “п“, а штом нема правда, нема ниту мир. Се колнеа дека ќе има живот за сите во Македонија, и ете после две и половина години, и од тоа ништо. Сиромаси талкаат по контејнери колку сакаш, а бројот на млади и не само млади, што ја напуштаат Македонија, постојано се зголемува. Помеѓу двата изборни круга, ветија кадровски промени во Владата, министерствата, јавните претпријатија, и пак ништо.

Добро, имаше промени во СДСМ, сменети се сите од раководството, освен Заев и Шекеринска. Ама што имаме ние од тоа. Сменет е потпретседателот на СДСМ  Оливер Спасовски, ама не и министерот на МВР Оливер Спасовски. Сменет е потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, ама не и министерот во Владата на РМ, Дамјан Манчевски. И така натаму. И така поминаа 50 дена, а метлата не игра, не мети, не чисти. Ако го земеме во предвид и случајот со директорот на затворот, тогаш на метлата чекаме и повеќе од два месеци.

Е што е многу, многу е. И сега, неизбежно прашање: Што ни се случува? Што не снајде?

Кратко и јасно – го живееме принципот, стратегијата или ако сакате доктрината на СДСМ наречена Di Lampedusa. Тоа е демек менуваат се, или се преправаат дека го прават тоа, ама се останува исто – по старо. Признавам, тоа не е баш лесно. Најпрвин треба да се измисли промената. Потоа, треба да се залажат сопствените редови(членство, симпатизери, шарени револуционери), дека промените веќе се во тек.

Наредно “чудо“ е и противниците да се залажат дека состојбите се променети. На крајот, последна жртва, е јавноста. И се сервира лажна, спинувана информација дека безмалку е се променето. И сега, каква е оваа ситуација? – Би прашал Игор Џамбазов. Две и половина години ни велат дека се промениле, разбира се, кон подобро, а реално, ништо, ама буквално ништо не е променето. Од лошо, полошо. Од срамно, по срамно. Жално, бедно и јадно.

Ете тоа е и таква – никаква, е површинската стратегија на промени кон подобро, на СДСМ – наречена Di Lampedusa. Сето тоа во отсуство на  длабинска стратегија за вистински и суштински промени во државата и општеството. Обичен и срамен спин кој непромената ја претставува како најголема и најдлабока промена.

На крајот морам да појаснам од каде доаѓа изразот  Di Lampedusa. Ди Лампедуза е италијански книжевник, романописец, кој ја напишал познатата книга за Risorgimento во Италија. Книгата е објавена под име Il Gattopardo, на англиски  The Leopard. Двата главни лика се еден постар ултраконзервативен претставник на аристократска фасмилија, и неговиот внук кој се бори на страна на Гарибалди. Внукот запрашан од дедото зошто се бори на страната на револуционерите, одговара дека мора се да се промени, за всушност ништо да не се промени. Ете тоа е суштината на Di Lampedusa принципот, стратегијата или доктрината на непромените, која СДСМ ни ја подметнува како промени од голем обем и суштина.

Мојот заклучок е невиден срамен новоговор на СДСМ – новоговор во смисла на Џорџ Орвел. Да драги мои, ова е времето – орвеловско, што ни го стокми, Големиот Брат – СДСМ. Ова е револуционерниот  макијавелизам на Заев и СДСМ, кој од Република Македонија направи Deep state, во која Владата е единственото министерство за вистина. Значи, и 35 години после “1984“, Орвел во Република Македонија е актуелен повеќе од било кога. Ни претстои тешка и макотрпна борба против овој тоталитаризам на власта и борба против лагите за промени на Заев и СДСМото му.

 

Сотир Костов