вторник, 21. септември 2021. Вести денес: 151
home Колумни

ЛАЖЕЊЕ, КРАДЕЊЕ И СПИЕЊЕ НА ТАВАН

ЛАЖЕЊЕ, КРАДЕЊЕ И СПИЕЊЕ НА ТАВАН

На малите деца, за да им се укаже на лошите последици од лажењето, им велиме дека кој лаже, тој краде, вошки има и спие на таван. Арно ама, нивните лаги се ситни, за коцка чоколадо или украдена играчка, непрочитана лектира или ненапишана домашна задача. Детските лаги се за да се одбранат од лошото другаче, од мрзливоста за учење или желбата за нездрава храна. Што правиме со оние големите лажговци, од чии лаги ни отиде државата?

Лажеа за планот за живот, за едно општество за сите, за промената на името на државата, за бесплатното ЕУ здравство, за реформите во образованието, за субвенциите на земјоделците, за повисоките пензии и плати, за подобриот живот на младите во Македонија, за датумот за отпочеток на преговори за влез во ЕУ… Лажеа и уште лажат.

За крадењето, има ли нешто и некого, што не искрадоа? Имаме долг од 7 милијарди и 186 милиони евра. Имаме поскапа струја, поскапени масло, брашно и млеко. Има ли некој во Македонија што не е излажан и искраден?

Лани го донесоа највисокиот Буџет досега, вреден цели 4,25 милијарди евра. Сега, со ребалансот, го зголемуваат на 4,37 милијарди евра или за 120 милиони евра. Велат, 100 милиони ќе оделе за здравството, а 11,7 за зелените. Само буквата „З“ е нзс за овие два збора. Каква случајност или иронија, исто како и иницијалите на премиерот. 120 милиони евра за здравство и за зелените. И, велат дека продолжуваат со грижата за здравството и за економијата. Дали тоа значи дека и досега се грижеле за здравството и за економијата? Ако е така, тогаш, аманте, не се грижете повеќе! Доста ни е од вашата „грижа“!

За време на пандемијата од Ковид-19, оставени бевме сами на себе и на Господ. Од таа „грижа“ имаме близу 5.500 починати. Сигурно, 3.000 од нив се починати заради ненавремена набавка на вакцини. Додека Филипче пресметуваше добивки и профит од набавката на вакцини, ни испоумреа преку 3.000 наши сограѓани. Чекавме милостина и донации од соседните земји. Немавме никакви услови по болниците, не заради негрижата на персоналот, туку заради условите во кои тој персонал повеќе од година и пол функционира.

Лажење и крадење се единствените работи кои оваа власт знае најдобро да ги прави. И не, не спие власта по тавани. За жал, спијат по земја многу наши граѓани и живеат со по две евра на ден, благодарение токму на оваа власт. Додека власта ашикува за сметка на народни пари, народот во Македонија се’ повеќе осиромашува. Па, сега, пред избори, повторно ли ќе го поткупува власта овој народ со неговите пари? Знае ли народот дека секој ваучер, секој обид за поткуп, власта го прави со негови пари. Дека тие ваучери и пари самиот народ ќе ги отплаќа?

Ако лани и им успеа поткупот, а заради сиромаштијата во која македонските граѓани живеат, не знам дали и годинава истото ќе им помине? Зашто, со 100 или 200 евра ваучер или поткуп не се живее преку цела година. Тие 100 или 200 евра поткуп се само трошка од векните леб кои власта ги јаде, на сметка на осиромашените граѓани. И не се само векни леб, туку се многу фурни леб, фурни кои народот ги плаќа.
Затоа, освести се, мој народе! Освести се и не дозволувај повеќе никој да те поткупува или потплаќа со твоите пари. Нека ги изеде оваа власт последните фурни леб и нека и’ е доволно. И премногу изеде. И, ако не се засити и најаде од толку крадење и лажење, и ако, сепак, не спие на таван, тогаш сигурно ќе спие во затворски ќелии, каде е можно и вошки да фати. Така треба да заврши секој еден, кој го излажал и испокрал сопствениот народ. И ќе заврши. Прашање е само на денот и на одлуката на македонскиот народ. Дали ќе продолжи да се заситува со трошките, за сметка на фурните леб кои ги направи оваа власт или ќе му ги фрли во очи тие трошки на власта која ќе се обиде повторно со истите методи на поткуп и лажни ветувања.
Ребалансот само тоа го најавува, но народот на Македонија треба да се издигне над ситуацијата и да ги покаже своето достоинство и пркос. Доста се понижувања и потценувања на македонскиот народ! Време е за одговорни и чесни луѓе, луѓе кои нема да му фрлаат трошки на сопствениот народ, туку ќе му овозможат самиот да ги заработи и да ги јаде фурните леб.

Детските лаги и наравоученија нека останат за децата, оти така растат: учејќи на сопствените грешки. Но, водењето држава не е детска игра. А, наравоучение од последново актуелно раководење со Македонија нека ни биде дека не смееме повторно да го дозволиме истото.

Дафина Стојаноска – пратеничка

Коронавирус