петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 146
home Колумни

Куросава од “нашата држава”

Куросава од “нашата држава”

Режисерот Акиро Куросава го снимил култниот филм „Рашомон“ за кој има добиено Оскар. Во него се представува една состојба, каде што повеќе ликови толкуваат иста работа на различни начини и никој не може да разбере која е правата вистина. Нешто слично се случуваше во „нашата држава“ Македонија, која дојде во уште по замрсена состојба. Нобелова награда не беше добиена наместо Оскар, но да се надеваме дека барем Нано Ружин ќе стане амбасадор.

За среќа работите почнаа да се одмрсуваат. Имено, Зоран Заев изјави(барем за лидерите на ЕУ и САД) дека неговата влада, ќе биде мртва, ако Македонија не добие датум за преговори со ЕУ. На 20-ти Окромври видовме дека тоа се остварува и ќе има предвремени парламентарни избори на 12 Април 2021 година, а на трети Јануари ќе се формира техничка влада. Доколку не се користат валканите трикови за местење на изборите кои оваа власт досега ефикасно ги применуваше, може да се заклучи дека владата е веќе  „мртва“.

Главната причина за распишување на предвремените парламентарни избори, односно недобивање на датумот за преговори, е дел од Рашомонијадата која се случуваше во овие неколку години. Главното прашање што требаше да се реши е влегувањето во НАТО, но тоа не зависи од ниедна политичка партија, туку од западните држави кои одлучиле влегувањето да се случи токму сега. Иако, референдумското прашање беше, “Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Р.Македонија и Р.Грција“, јасно беше дека влезот во ЕУ нема никаква врска со ова прашање и никој не ни го гарантира датумот за преговори. Тоа може да се заклучи од видео изјавата на францускиот председател Емануел Макрон, од која е евидентно дека нема никакво ветување за отпочнување на преговорите со ЕУ. Напротив, во неговата видео изјава, тој вели  дека не може да се стави на наше место, затоа што само ние можеме и треба сами да одлучиме, дали сме за промена на сопственото име. Потоа, продолжува дека тој лично го подржува договорот од Преспа, бидејќи верува дека е добар за нас, за целиот регион и за Европа. Каде е тука ветувањето дека ќе добиеме датум за преговори со ЕУ? Но еве условно да земеме дека некои ЕУ политичари ветиле  нешто во таа смисла. За  секое ветување се бараат писмени гаранции. Во меѓународното право, на пример, 1986 година во Рејкјавик Роналд Реган му ветил на Михаил Горбачов дека НАТО освен во Источна Германија нема да се проширува на исток, но немало никакви писмени гаранции, денес НАТО е проширено во скоро сите поранешни држави на Варшавскиот договор.

Кај нас, двоецот Заев-Димитров, придружуван од Радмила Шекеринска, водени пред се од лични интереси, направија целосно фијаско. Нивното скандалозно преговарање, кое не беше во интерес на сопствениот народ, туку во интерес на центрите на моќ за кои одработуваат и од кои треба да профитираат, и нанесе сериозни штетни последици на Македонија. Промена на името и сите други услови што ги прифатија, сериозно го нарушија идентитетот на нацијата. Тоа не е  никаква храброст и постигнување на компромис, како што се обидоа невешто да го прикажат овие ликови, напротив тоа е покажување на слабост и откажување од сите придобивки на национален интерес кои беа градени последните 25 години. Кога еднаш ќе се откажеме од од тие придобивки, ја отвораме вратата за нови отстапки, кои Грција како искусна дипломатија допрва ќе ги бара, гледаме дека Бугарија има уште поголеми барања, а тука се и сеуште неисполнетите барања од тиранската платформа, сето тоа дури и да добиеме датум, би било условувано и во текот на преговорите. Според тоа, позицијата на Македонија по потпишување на овој договор е многу понеизвесна отколку што беше пред тоа. Затоа, сега Заев, предлага да играме поцврсто кон Бугарија. Тој тоа не може да го направи, бидејќи од пишувањата во бугарските медиуми може да се заклучи, дека тие играат мајтап со него. Нивните барања ќе бидат такви се додека е тој на власт, затоа треба час поскоро да заврши овој циркус.

Реформите кои често ги истакнуваат како позитивна страна се најголема причина поради која не добивме датум. Единствено образложение на ЕУ самитот беше дека и тоа што е направено не е е имплементирано, па затоа за некои прашања ќе треба да се враќаме назад. За какви реформи зборуваме кога 6 месеци власта и опозицијата не можат да се договорат за еден закон од областа на правосудството, а тоа е Закон за јавно обвинителство, а не можат затоа што власта не сака да направи ниедна отстапка, таа се плаши дека ќе биде разоткриена најголемата коруптивна афера во историјата која води до врвот на пирамидата во извршната власт. Ако не се направат отстапки за да се донесе суштински закон за ЕУ реформите, тогаш одговорноста е секогаш на страна на власта.

Да не говориме за спрегата на извршната власт со обвинителството и судството. Тезата дека еве сега се води кривична постапка за Рекет и сите други дела за разлика од порано е смешна. Постапките се водат за да се избегне одговорноста за функционерите од врвот во Рекетот, поради што се пролонгира и одолговлекува со цел да се изгубат дел од доказите и да не се обвинат тие што треба, а другите во замена за молчењето да поминат полесно. Дали е успех тоа што Специјалната јавна обвинителка е во притвор, а која покрај рекетирање, уценувала пратеници да гласаат за промена на уставот? Дали е успех тоа што потпретседателката на владејачката партија и на Собранието ви е во домашен притвор, а од бомбите гледаме, слушаме и читаме плејада на високи функционери но и други, се замешани во најголемиот корупциски скандал во историјата на Македонија?

Мислите дека Европа сето ова не го знае? Не, не е виновен Макрон. Don’t kill the messenger.