понеделник, 30. март 2020. Вести денес: 0
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Колумни

Крај за најлошиот парламентарен состав

Крај за најлошиот парламентарен состав

Конечно заврши и таа Голгота. Дојде крај на мандатот, на по мене, најлошиот парламентарен состав, иако по многу што конкуренција му прават диктаторскиот 1994-1998, и оние двата 1998-2002, како и оној 2002-2006 кога се делеа, менуваат дресови, бои, ставови …

Самото тензично време, бомбите, негативната атмосфера, општествената поделеност и придонесоа тие избори 2016 година да имаат такви кандидати. СДСМ отиде со целосен рез, смени се можно во партијата плус на листа стави еден куп ликови кои беа дел од бројни неформални здруженија и организации, кои масовно беа против дотогашната власт.

ВМРО ДПМНЕ од мене не разбирливи причини на листите стави многу функционери за кои на големо се говореше дека правеле злоупотреби, но и сериозна бројка на ликови кои се борци и теренци, и тие реално го издржаа најголемиот товар овие три и пол години.

Албанските партии претрпеа драстични промени. Останаа само неколку фиксни ликови од ДУИ, другите беа сосема нови лице, земено во предвид што се појавија нови политички субјекти, а ДУИ се сведе на само 10 пратеници.

Помалите партии како и до сега беа на листите на ВМРО и СДСМ со што и самите си го поткопуваат реалниот кредибилитет, и се доведува во сомнеж колку реално вредат на терен. За нив чаре е само да си се договорат за здружен заеднички настап или кај етничките заедници да се обезбедат фиксни 10 пратеници, нешто слично како во Србија или некои други земји, за да не се „шлепаат“ на грбот на двата блока, а и за да исчезнат одредени мешетари кои „гарантираат“ за нивната поддршка, строго по етничка линија.

Овој парламентарен состав ќе остане запаметен по многу нешта. Прво по нелегитимниот избор за негов Спикер без во моментот 61 глас, на нога, каде неколкумина кренаа по две раце. Второ, поради игнорирањето на волјата на народот, и насилнички донесените сите договори и резолуции, вклучувајќи го и оној за промена на името на Македонија. Лепењето етикети на секој оној кој е против истиот дека анти НАТО, а про руски настроен е во најмала рака смешен и дегутантен. Народот е против урнисувањето на унитарниот карактер на државата, урнисувањето на институциите на системот и се она што пропратно се случи.

Да не ги заборавиме моите „омилени“ одметниците. Не се ни први, веројатно ни последни, кои одлучиле заради личен интерес или за да си го спасат газот, да се свртат против волјата на народот чии избраници се. Арам да ви е!

Прво оние малите коалициони од етничките заедници, па разните Чедовци, Панчовци, Владанки, заедно со „осумтемина“ кои извршија нужда врз се она за што се залагале, врз сите оние кои за нив трчале, се бореле, гласале. Некои од интерес, некои за да не одат „апсаана“. Чим влегле во играва, несвесно и си ја признаа вината. Еве, и закон им помина со кој актуелната власт на некој начин ги амнестира. Повторно шверцерски, насилнички, со прегласување, во пет до дванаесет. Арам!

Срамно беше да се гледа овој парламентарен состав. Дали едвај 5-10 души покажаа карактер и опфатност да им ја шлапнат вистината в лице, и да покажат барем малку чувство за национална свест, но и за право, правна држава и почитување на законите. Оние кои го урнисаа системот, сега бараат да се почитува новото име, новиот Устав. Смешно! Секоја чест за Крсте Јовановски и Антонио Милошоски, и едвај една шака други кои покажаа заби. За оние кои го исплукаа народот, за оние кои ај што отидоа контра ставот на мнозинството, туку деновиве се осудија и да навредуваат, нека им служи на чест. Историјата ќе им суди, но се надевам некое реформирано судство и обвинителство. За претставниците на парламентарното

Мнозинство, што да речам. Има таму ликови кои се за почит, веќе не се! Нивниот образ и ставови, веќе пет пари не вредат. Да имаа барем малку морал, тивко и суптилно ќе си се повлечеа. Вака се само една обична гласачка машинерија во функција на еден хибриден режим. Останатите не се вредни да се споменат. Ликови кои веќе никогаш нема да имаат ист живот. Најголем дел веќе и не живеат во средините од каде произлегле. Евтини ликови, без грам чест и совест. Гласачка машинерија.

Се надевам дека никогаш повеќе нема да имаме ваков парламент. Бескрупулозен, безличен, анационален, поделен, превртлив. Актуелниот состав и неговото однесување беше слика на тоа што Македонија беше изминатите три и пол години. Се надевам дека партиите нешто сфатија. До душа од актуелната власт не очекувам НИШТО! Се надевам дека барем опозицијата нешто научи. Дека од сега ќе знае кој е за во законодавниот дом. Искрени борци, родољуби, патриоти, говорници и луѓе пред се со човечки капацитет, па потоа се друго.

Македонија тоа го заслужува! Претстои време да коренити промени. Го допревме дното! Да се надеваме на подобро. Само надежта ни остана!

 

Александар Ристевски