недела, 5. јули 2020. Вести денес: 100
МЕГА БОМБА

Нова аудио бомба: Се гледам со Вице, дадоа зелено светло да му се зaпaли колата, Трајче Заев даде црвен картон да не работи ништо

home Колумни

Корона кампања

Корона кампања

Евидентно е дека бројката на заболени од корона вирусот расте перманентно. Тие бројки се многу повисоки од оние кога почна кризата поради пандемија и дневно имаше по 3 до 4 заболени. Но поранешниот премиер, а по сите индиции и поранешен политичар повторно настапува во негов стил со ултиматум, уцени и закани, дека датумот на изборите мора да биде на 21 јуни поради уредба на Владата, без оглед на тоа што таквиот ултиматум не е во согласност со Уставот,  нема консензус кај ниедна друга партија и нема одлука на претседателот на собранието. Имено, според член 67 став 5 од Уставот на Република Македонија, претседателот на собранието распишува избори за пратеници и избор на претседател на републиката. Така беше кога се постигна консензус за изборите на 12 април, консензус имаше и за прекин на изборниот процес поради пандимијата на 16 март. Без оглед на тоа кога ќе продолжи изборниот процес, таа одлука ја носи претседателот на собранието, без да го свика пратеничкиот состав. Поради тоа, сите партии бараат консензус, како што тоа секогаш било досега, за да може да се донесе одлуката и од денот на донесување да продолжи изборниот процес во наредните 60 дена, како што предвидува член 63 став 3 од Уставот. Но, тоа не само што е во согласност со Уставот и што Владата нема право со уредба да го пропишува денот на изборите, туку и според сите показатели овој период е реално потребно да се спроведат изборите. Ова се разбира, вирусот да се запре со помош некоја  виша сила, на пример повисоки температури, бидејќи на “популарниот” министер Венко Филипче тоа никако не му оди, а на поранешниот премиер очигледно не му е важно дали состојбата ќе оди на подобро.

Всушност, претседателот на ДИК рече дека се врши огромен притисок врз комисијата, пред очите на целокупната јавност, да ги заврши сите дејствија за одржување на брзи избори, иако на сите им е јасно дека тоа е невозможно. Притоа, тој напомена дека не се работи само за ажурирање на избирачкиот список, туку и за здравствените протоколи, за кои тие се договараат со Комисијата за заразни болести, а потоа ќе бидат преточени во одлуки, за кои исто така ќе треба време да се спроведат. Има многу дејствија, кои треба да се преземат со ажурираниот избирачки список и кои можеби би можеле да се завршат во овој рок од 60 дена, во кои ќе се вклопат и тие 22 дена за кампањата. Се друго би биле небулози, кои не само што се физички неостварливи, туку и не се логични.

Слушаме мало отстапување кај поранешниот премиер, но на сите треба да им биде јасно дека одлуката за одржување на изборите ќе се донесе по постигнување на консензус помеѓу политичките партии и од тогаш ќе тече овој рок од 60 дена. Затоа, очигледно  нервозниот и вознемирен Зоран Заев треба да се вразуми и да разбере што значат изборите. Дали ни е поважно да имаме демократски и слободни избори или нелегитимни и недемократски избори, без учество на опозицијата, па и албанските партии, кои бараат консензус, со ризик драстично да се прошири пандемијата и да се изгубат голем број човечки животи.

Сепак и тој и неговата партија, односно тоа што остана од неа, тешко се вразумуваат. Денеска со цел ум и спротивно препораките на Комисијата за заразни болести тие почнаа “Корона кампања”. Така во сите градови во Македонија нивните тимови почнаа “кампања пред кампања”, со масовни собирања и делење на предизборен материјал, иако тоа е забрането и казниво според Изборниот  законик. Најсериозната кандидатка за смена на екс премиерот во партијата – Мила Царовска денеска цел ден води кампања, иако сме во вонредна состојба, токму во Струга, каде токму партијата СДСМ беа против црковната литија, за која тврдеа дека е причина за ширење на пандемијата. На сликите кои таа лично  си ги ставила на социјална мрежа, јасно се гледа дека таа дели пропаганден материјал на граѓаните без ракавици и со тоа ги доведува во опасност и го загрозува нивното здравје. Значи, почитувањето на законите апсолутно не ги интересира. Ова е навистина дијагноза. Да биде оваа “Корона кампања” поинтересна, во истиот период кога владата два дена размислуваше да прогласи три дневен полициски час, активистите на СДС масовно низ цела Македонија прават “кампања пред кампања” и за тоа постираат слики на социјалните мрежи. Па така на сликите може да се види и Сања Лукаревска, популарно викана ”Сања директорица”, како го прави тоа истото во Прилеп. Истото, се случува во сите градови во Македонија. Во Делчево, на пример, кандидатот за пратеник во ИЕ 3, Соња Михајловска си ставила на профил дека предвремената  забранета кампања ја правеле на пазар, каде што и така има поголеми групи на луѓе и опасноста од ширење на вирусот е поголема. Тоа се случува и во Охрид, каде што охриѓаните на својот добро познат дијалект им рекле на активистите на СДС, цитирам: ”Ојте си да н ве фрлиме в езеро”. Во непочитување на законите и правната држава, граѓаните се принудени да се заштитат сами, па макар и со сила. Но тие се појавиле и во Кавадарци, Кичево, Тетово и сите други градови. Од таму дали преку Форуми на жени или други органи на партијата, провокативно поставувале слики, а најчесто држеле говори пред групи на граѓани. На неколку места во ИЕ 1, во Скопје бил и новопечениот СДС-овец – Никола Димитров, кој сам си напишал дека денот го искористил за држење на митинзи и разговори со граѓаните. Во главниот град се разбира имало повеќе екипи, а сите знаеме каде има најмногу заболени.

После ова, јасно е зошто нема да успеат ни овие активности. Јасно е зошто се прогласи вонредната состојба уште петнаесет дена, за да се донесат економски мерки за повеќе таргетни групи како поткуп на изборите. Тие средства никогаш нема да се спроведат поради активирање на Членот 8-а од Изборниот закон каде што јасно стои дека во кампања не можат да се делат никакви буџетски средства, само ќе ги задолжиме идните неколку генерации со заеми за непродуктивни цели. Да не говориме за криминалните делења предизборен поткуп со компири, масло и расипани вафли.

Се разбира сето ова нема да помине кај граѓаните, поради продажба на виталните национални интереси, невидениот пад на економијата од осамостојување до денес, најголемата корупција, незамислива во историјата на државата.

Затоа и брзаат за изборите, но дали тие ќе бидат во јули или август не е толку важно, кога и да се одржат, народот во Македонија ќе ги казни за сите понижувања што му ги направија.

 

Проф.д-р Александар Даштевски

Парламентарни избори 2020