понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 47
home Колумни

КОЛКУ ЧИНИ СЛОБОДАТА И КОЛКУ Е ВАЖНА ВИСТИНАТА

КОЛКУ ЧИНИ СЛОБОДАТА И КОЛКУ Е ВАЖНА ВИСТИНАТА

“Вистината е поголема и од светлината, но кој може и сака да ја види” – Тодор Александров 

Често ја слушаме добро познатата фраза дека „вистината е како шило“, но тука пак, се јавува една друга дилема кога сме во прашање ние како народ, како да се избориме таа вистина побргу да излезе на виделина?

Како еден народ со грутка во грлото, кој е се повеќе биполарен, со спротивни мислења за се, со кавги и расправии, со политика во секое семејство и на секоја трпеза, со власто-држци кои имаат наведната кичма и наратив „нова вистина“ да успее да се избори со старо-новиот предизвик дека е „вештачки измислен“?

Колку чини слободата на припадност, чувството на свои на своето и која е цената што треба да ја платиме?

Веројатно одговорот лежи во историјата и однесувањето на Македонците низ годините.

Најновите тврдења кои ни се пласираат како нација, а со добро познатата стара теза дека во Бугарија комунистите правеле „присилна македонизација“ и затоа имало толку Македонци на првите два пописи по војната, е ништо друго освен гола политика. И тоа секојдневно се потврдува. Или пак, дека затворањата на поранешните припадници на ВМРО во комунизмот било затоа што не сакале со сила да станат Македонци па затоа ги затворале?!

Научно докажана невистина!

Македонија и Македонците треба да знаат  дека ние како народ имаме 5 клучни историски одредници во добивањето на нашата скапоцена слобода. Тоа е наша историја, македонска, нешто за кое сведочат илјадници историски документи кои се наоѓаат во македонските па и светските архиви.

За појаснување, четири од нив се слават како државни празници: 23 Октоври 1893 година, 2 август 1903 и 1944 година, 11 Октомври 1941 година и 8 септември 1991 година.

Првиот, толку многу оспоруван од „новата нормалност“, од нивни добро познати причини да не излезе баш таа вистина на видело,  23 Октомври 1893 година, е моментот кога во едни сложени и тешки околности, тогашната македонската средношколска и студентска младина е полна со револт заради тоа што и се случува. Покор, понижување, мачење на цели семејства што резултирало со зголемување на внатрешниот но и на надворешниот нивни револт. Од денешна перспектива, иако толку години подоцна, како ништо да не се сменило. Се пресликува од година во година, а последните три години е некако најзабележлив…

Бунтовничкиот дух на Македонецот тлеел и тлее, но кога ќе пукне, тогаш и историски гледано, се ослободува се што е наше! И тогаш и сега, Македонија е земја која е пример за општа и комплексна неправда, во која не постојат основни човекови права, а неправдини колку сакаш! Ни помалку ни повеќе, до крајност понижувачки.

Затоа обединувањето била и е единствена опција за успех. Тогаш, взаемното приближување и иста цел на блиските по идеја Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Андон Димитров и Христо Батанџиев на 23 Октомври 1893 година довело до одлука да се формира Македонска револуционерна организација (МРО) со цел да се добие автономија на Македонија, предвидена во членот 23 од договорот на големите сили постигнат на Берлинскиот конгрес во 1878 година.

Ако тоа можело да се случи во такви едни услови, со огромен притисок врз нив, се прашувам, зошто денес во 2021-ва година тоа да нека бидат нови Никола, Дамјан, Гоце, Петар, Димитар и сл. независно како се презиваат. Обединети и сплотени. Само така ќе успееме.

Првите чекори на формирањето на МРО наидувале на голем песимизам и на потценувачки приговори и коментари кај тогашните поразлични интелектуални и градски категории, кои за себе имале високо мислење, дека овие се неважни и смешни во своите намери.

И денес, нас не треба да не поколеба секоја негативна мисла и потценувачки коментар на „тастатура патриоти“, кои како стринки на чешма, оговараат се живо а на првото прашање: „ што предлагаш, кое е твоето решение?“ – се повлекуваат.

При влегувањето на Гоце Делчев во организацијата, со посредство на МРО бил испратен во штипското Ново Село каде постигнува голем успех во дејствувањето како учител, а на другата страна на тогашна Македонија ист таков успех бележи и Пере Тошев во Битола. Тие градови и околии се двата најголеми стожери на организацијата во тие години. Со приклучувањето на Делчев организацијата добива многу. Учителствувањето е за Македонија, македонски, македонска борба, македонски непокор, македонско обединување.

Повторно, обединети и сплотени со една цел – македонска слобода!

Ова е само дел од почетоците на македонската револуционерна борба во која МРО а подоцна ВМРО, има главна улога.

Да не ги заборавам и партизаните кои се бореа за ослободување од фашистичкиот окупатор и за создавање македонска држава. Тие се бореа за слободна Македонија и за реализација на идеалите на Делчев, Груев, Питу, Јане, Карев и останите чии имиња на чети ги носеа и чија жртва беше нивната водилка.

Но што научивме денес и колку е скапа денешната наша слобода? Веројатно, не многу. Потребно е обединување. Обединување на секој оној што ја сака Македонија од срце а не ја гледа како успешно реализиран тендер. Македонската борба за слобода ја доживува како вдишан свеж водух на Шар Планина а македонското подобро утре, како македонското сонце во јули.

Да сфатиме дека се што ни смета треба да си го кажеме дома, а не кај ќе стигнеме. Само така, на улица, ќе не слушнат за што се бунтоваме. Даме, Гоце и Христо немале Фејсбук, ама имале љубов и идеал кој им бил ѕвезда водилка во намерата да ја видат слободна Македонија.

Денес, македонското обединување нека биде гласното „ОДЕТЕ СИ“ на ненормалниот „животот за сите“ кој секојдневно не потсетува дека цената на погрешните избори во животот е огромна.

За крај, големиот Александров ќе рече: “Историјата се повторува, но длабоко верувам дека ќе се најдат родољубци да го запрат одењето удулу, за да се насочиме сите угоре и напред!”. Верувајте во себе, сакајте ја Македонија и заедно да ја продолжиме борбата до конечна слобода.

 

Викторија Трајков

Коронавирус