петок, 28. јануари 2022. Вести денес: 159
home Колумни

Колку чини достоинството?

Колку чини достоинството?

Достоинство по дефиниција е позитивна особина што се потврдува со високи морални вредности и самопочит.

Ова е по дефиниција, но кај нас во Македонија има разни толкувања, а уште повеќе различни манифестации. Можам да кажам сме предводници во регионов, а богами и пошироко во рушење на достоинството на секој еден граѓанин по разни основи. Имаме нарушувања на основни човекови права, недостаток на егзистенција, збришан идентитет, под закана на уште поголеми шокови и трауми. Здравје под тежок ризик со хаотичен и прескап здравствен систем, заглавена меѓународна политика, сега дополнително под закана од живот во темнина.

Сакам да звучам оптимистично, во случај и да не снема струја, нејзината цена ќе стане преголема и за извесен период ќе имаме граѓани кои нема да можат да ги плаќаат превисоките сметки и ќе живеат во темнина, како што живееја многу луѓе во време на пандемија. Нели” во знак на хуманост и солидарност”.

Најинтригантна појава во нашето општество е што во последниве години се посегнува по достоинството на народни претставници во ” највисокиот законодавен дом”.

Намерно не пишувам пратеници, туку народни избраници. Има пошироко значење. Бидејќи сите барања што ги претставуваме во собранието се барања на граѓаните, не наши лични. Значи, ако еден пратеник тежи 3,7,10 илјади гласови, зависно од која изборна единица доаѓа и во таа насока неговиот/нејзиниот дигнитет, достоинство не е само личен, туку на сите тие што го/ја гласале, дури и оние што не го/ја гласале.

Пораз на достоинството на сите 120 пратеници имавме на 11 ноември оваа година, кога снема еден пратеник. Не навлегувам ниту во начинот на спроведување, причините за тоа, но сакам да ги потенцирам последиците од тој моментум. Не постои друго работно место во државава на кое може да те снема, да те киднапираат за сметка на туѓ бенефит, не на државата, како што кажуваат овие од “прогресивното граЏанство”.

Туку исклучиво за свој личен бенефит ама не во името на тие што ги гласале,туку исклучиво за свој. Сите молчат ко ништо да не било, а всушност е голем удар на демократијата. Ударот врз достоинството на еден пратеник е удар врз 7 до 10 илјади граѓани кои го гласале и му дале доверба.

Во последниве години можеме да заклучиме дека поголемо достоинство имаат луѓето што ги чистат и одржуваат чисти, нашите улици, со должна почит кон нив отколку народните избраници. Се покажа и тоа дека достоинството на еден пратеник може да чини премногу, но и воопшто да не вреди. Инаку, достоинството и чистиот образ немаат цена и не се тргува со нив.

Барем така треба да биде…

Пишува: Жаклина ПЕШЕВСКА

Коронавирус