петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 160
home Колумни

Колективен во културата – кога, ако не сега!

Колективен во културата – кога, ако не сега!

Се обидувам пишувајќи секогаш да бидам актуелен и во тек со настаните, па планираната колумна која ја бев напишал, ќе почека, сега за минатонеделниот протест на културните работници пред Владата и Министерството за култура, со барање на нов колективен договор.

Иако многумина паѓаат во „севдах“ дека било совршено, дел мрчат дека излезноста била мала, реалноста е дека вработените во културата за прв пат излегоа во претставителен број и слободно можам де речам, повеќе од една четвртина од вкупниот број на вработени во фелата на територија на цела Македонија.

Проблемите кои се таложеле низ годините, почнуваат да ескалираат поради многу нешта. Прво, затоа што беше дадено ветување дека решавањето на истите ќе биде приоритет. Второ, поради дадените повисоки звања,а не добивањето на и финансиски надоместок, покрај титулата. Поради замрзнатите дополнителни дневници и платени патни трошоци. Поради „фарсичното“, нереално, субјективно и нетранспарентно доделување на средства преку Годишната програма. Поради паднатиот стандард со замрзнати плати, а драстично зголемени трошоци за живот… има и еден куп други нешта кои се однесуваат на актерите, на луѓето од заштитата на културно наследство, кустосите, балетските играчи, играорците од Танец, сценските работници, дизајнерите, водичите… едноставно, мора да се седне, договори и изнајде одржливо решение, кое на подолг период ќе значи решавање на начинот на функционирање на Институциите.

Денес гледам дека со закон ќе се крене минималната плата на 14.500 денари. Дали јавноста знае дека и со двете годинашни покачувања во културата (порамнувањето и покачувањето од 5% за септември) дека помошниот персонал зема законски минимум? Патем, каде е растот на платите за интелектуалниот кадар? Чим платите се туркаат од долу нагоре, следствено е пропорционално да растат и останатите. Токму затоа МОРА веднаш КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР, со јасни параметри за следење на раст на платите според растот на стандардот, стаж, систем на кариера…

За време на самиот протест на Владиниот кабинет реагираа, и закажаа средба со синдикалните лидери на 24 октомври. За недела дена ќе видиме дали намерите се искрени или само се купува време, како што и се правеше до сега.

Лично сум свесен дека претстојат промени кои се неизбежни во периодот кој следи. Тоа е пред се децентрализацијата во сферата на културата, што ќе значи преоѓање да значаен дел од Институциите (пред се домовите и центрите за култура, како и помалите музеи и театри) од централно на локално ниво. Знаејќи какви сме мајстори за импровизација, а и дека градоначалниците во внатрешноста не се нешто посебно насекирани за развој на култура, државата, а и севкупната јавност,  ќе мора да наметне стандарди и свест за тоа дека културата е значаен дел од животот на секој град во државата.

Законите, промените, напредокот и подобрувањето на се она што значи култура не се прави зад затворени врати, ниту во штабови, кабинети и слично… пред било што да Министерството за култура понуди пред Собранието, треба да ги ислуша сите забелешки од професионалците и оние кои се директно засегнати, а потоа мора да има широка дебата и да се прифатат сите конструктивни забелешки при собраниска расправа за истата тема.

Време е да се тргнат суетите на страна, поделбите и подметнувањата, и да се работи на страна на културата. Македонија има многу што да понуди на македонската и светската јавност. Да дозволиме сите, професионалците да ја работат својата работа, менаџерите да менаџираат, а публиката, критичката јавност и сите останати да уживаат во тоа што може да им се понуди.

 

Александар Ристевски