вторник, 14. јули 2020. Вести денес: 119
home Колумни

Кој ќе владее со светот?

Што всушност му се случи на светот? Како вирусот на стравот овозможи целосно надгледување и тотална контрола на граѓаните? Смртоносниот вирус Корона 19 ги победи сите, што значи и најмоќните (САД, НАТО, ЕУ, Кина, Русија). Во светот 5 542 056 луѓе се заразени, а 347 381 починати. Се поставува прашањето кој ќе владее сега со светот? Клучно прашање е кои и колкави ќе бидат правните, политичките, економските, социјалните и психолошките последици од оваа здравствена криза – вирус корона 19?
Кој ќе владее со светот?

Веднаш на почетокот се прашувам: После овој вирус, ќе дојде ли друг? Кој ќе биде следниот? Дали пак ќе не штитат со вонредни состојби, со изолации, со карантини? И тогаш ли ќе се случи, прво заразените непречено да шетаат?  Никој да не ги изолира, па пак сите ајде во карантин. И навистина, што всушност му се случи на светот? Што ни се случи? Нечија режија ли е ова или хорор? Ако е режија, тогаш надминати се и Холивуд и Дизниленд и Боливуд. А ако е хорор од опасен вирус и смртоносна зараза, зошто никој, ама баш никој не беше подготвен за брза, навремена и соодветна реакција.

Зошто сите тактизираа? Првин, Вухан и Кина беа далеку. Потоа, едногласно во хор се изјавуваше, подготвени сме, организирани и опремени. Не плашете се. Ама, кога вирусот-монструм дојде во Европа, прво падна Италија – короната направи пустош од здравството во таа држава. Не беше поштедена ниту Шпанија. И таму се случи корона-хорор. Помошта, солидарноста и хуманоста изостанаа. Се изгубија по ходниците на зградата на ЕУ во Брисел и заталкаа во бирократските процедури и канцеларии на невештите и не снаодливи лидери. Замислете ниту денес, после се, ЕУ нема единствена стратегија за борба против корона-вирусот – за што енергично се залагаше и бореше претседателот на Франција, Макрон (182 584 заразени и 28 367 починати).

Заслугата е на Меркел и Германија, кои најдобро се заштитија (180 505 заразени и 8382 починати), а останатите, се снаоѓаа кој како знае и умее. Велика Британија, најмногу рескираше, затоа и неславно помина. Починати се 36 793 луѓе, што значи, надминати се и Шпанија, со 28 752 и Италија, со 32 785 починати. Скандинавските земји, едни со поригорозни мерки, други со релаксирани мерки, ама и едните и другите, уште бројат мртви. Од првите, Шведска има 33 843 заразени и 4029 мртви. Од вторите Данска, со 11 387 заразени и 563 починати.

А кај најмоќниот, владетелот со светот, САД, состојбата е катастрофална. Трамп прво ликуваше, потоа велеше короната не е толку опасна, па САД се подготвени, ама кога мечката му заигра во дворот, те Кина е крива, море и Светската здравствена организација, сите по ред имаат вина, ама тој, неговата администрација и САД, не, никако. А замислете бројат 1 691 229 заразени и 99 398 починати. Ова ми личи, некако, некој повеќе гледал во туѓи дворови, а својот го запоставил до ниво на трагедија. А во туѓите дворови, бројките некако многу далеку и поразлични од оние во САД. Во Кина заразени 82 985 и 4634 починати. Во Русија пак 353 427 заразени и 3633 починати. Има еден босански израз: драаастична разлика! САД и ЕУ не го положија испитот, а Кина и Русија поминуваат, барем, сега за сега.

Добро бре луѓе, што ги снајде овие најмоќните? САД во секоја прилика истакнуваше дека има најдобар здравствен систем, а ЕУ се гордееше со ефикасноста на здравството кај нејзините членки. Ништо од тоа не било точно. Се било ветер и магла. Ајде организираноста, подготвеноста и опременоста, да речеме го изгубија натпреварот со “блицкрикот“ што им го приреди корона 19. Ама толку фалените солидарност и хуманост на тие системи се распаднаа како кула од карти или испукаа како меурчиња од сапуница. За кај нас, во Република Македонија, во оваа прилика само ќе констатирам дека корона 19ката најпрвин ни го зарази, а потоа и го разори уставно-правниот систем. Толку.

И што добивме, секако, освен голема пандемија и многу мртви? Во име на војна против “невидлив непријател“, од Кина, преку ЕУ, до САД, на дело е глобално надгледување(контрола) на општеството, групите и поединците во него. “Вашингтон пост“, одамна објави дека владата на САД побарала (читај се договорила, или наложила) од Фејсбук, Гугл и другите глобални социјални мрежи можност за употреба на американските геолокациски податоци во борба против корона вирусот. Во ЕУ, европскиот повереник за внатрешен пазар, се состана со директорите на Оранж, Дојче телеком, Телеком Италија, Водафон и се договори за соработка во смисла размена на заштитени лични податоци на нивните клиенти (граѓаните).

Значи, глобалниот надзор и тоталната контрола постојат и повеќе не припаѓаат на “теориите на заговор“. Чудно, апсурдно, контрадикторно, од аспект на слободата и неприкосновените човекови права за приватност, дискреција, слободни комуникации и слично, ама ете ни се случи “1984“, денес, во 2020та. Нешто подзадоцни, ама дојде. Тука да се потсетиме дека Сноуден во 2013та не опоменуваше, ама и тоа беше прогласено за теорија на заговор. Епа нека ни е честито тоталното спознавање на информации (Total Information Awareness).

Колку за потсетување: Владеењето преку страв старо е и колку историјата на човештвото. Ама парадоксално и апсурдно е стравот од корона вирусот да успее таму и во тоа, каде и во што не успеаја и пропаднаа сите анти-системски, алтер-глобалистички и против империјалистички движења. Не успеаја блокадите на глобалниот економски систем.

Пропаднаа сите напади против Новиот општествен поредок. Движењето на стоките и производите не беше запрено. Залагањата за колапс на финансиските системи не се покажаа ефикасни. Еко движењата не ги спречија зулумите против природата. Корона 19ка сето ова го сјеба за миг. Е па браво за короната! Тотално ги понижи светските хегемони: И НАТО, и САД, и ЕУ. И навистина, кој ќе владее со светот? НАТО се сокри во глувчја дупка и не бекна три месеци. Трамп со сите се расправа како маалска распуштеница или изневерена љубовница, а ЕУ веќе е виртуелна организација, откако во реалноста се покака од короната. Ќе се договорат ли “Азискиот тигар“ и Баќушките како да се изведе смената на светската власт?

П.С.

Име еден херој кој објави победа над короната, т.е. прогласи нејзина смрт, Тоа е реис-ул-улема Сулејман ефенди Реџепи. Ама тој е друга димензија и во сосема поинаква приказна.

 

Сотир Костов