петок, 26. февруари 2021. Вести денес: 7
home Колумни

Кој ќе лежи во Идризово за повторувањето на „Монструм“ без нови докази?

Еве веќе неколку дена слушаме празни и неефективни муабети за тоа каков бил Заев, откако Фатиме Фетаи практично не направи нипто освен што дојде до истиот резултат за Смиљковско Езеро како и во претходната постапка (барањето за ослободување на тој што претходно беше осуден како чувар, е само различно видување на доказите за настанот и ништо друго).

Демек, луѓето досега не знаеја каков и кој е Заев, па требаше „Монструм“ да се повтори за да дознаат. По сето ова, наместо експлозија од реакции, слушаме само како Заев бил поголем „монструм“ од убијците и тука отприлика завршува приказната.

Се чини, со тоа се постигнуваа две цели: едната, луѓето си го истурија бесот и се испразнија преку ФБ, се отвори издувниот вентил за да им се намали малку нервозата, па откако се испразнија, сега мирно можат да се вратат на своето сивило.

И втората цел: се замагли вистинската поента на крајот на овој случај (иако е далеку од крај бидејќи допрва судот треба да пресуди, па ќе има жалби итн. што не исклучува тие сепак да бидат ослободени, но за тоа подолу).
Имено, клучот не е во тоа каков е Заев, туку во изјавата на Фетаи дека „бомбите не донесоа поинаква вистина за убиствата кај Смиљковско Езеро“.

Оттука, прашањето за неа, за Катица Јанева која го бараше овој случај, за ортакот на Фетаи во судницата, Бубевски, како и за онаа обвинителката Спасовска која го менуваше Марко Зврлевски по разрешувањето и врз основа на чиј збор Врховниот суд овозможи повторување на целиот случај и пуштање на дотогаш осудените на слобода, значи прашањето е – е врз основа на што всушност бараа и водеа повторен случај.

Во стил на зелен и поднапиен тинејџер кој глуми Џејмс Дин фраер пред девојките, Фетаи своевремено изјавуваше дека „без да го расветли Монструм не оди никаде“ и дека за овој случај има „38 000 снимки“. Внимавајте, додека „не го расветли случајот, не оди никаде!“. Значи случајот не го сметала за расветлен, а со оглед на тоа што имала 38 000 снимки, тоа значи дека таму имала нов и поинаков основ за расветлување на случајот. Се покажа дека немала такво нешто и дека тоа било едно големо ништо. Врз основа на што тогаш Јанева го бараше случајот, врз основа на што Спасовска тоа го овозможи и врз основа на што Фетаи и Бубевски прифатиле да си играат играчки!?

Неуставниот и криминален Закон за СЈО, поддржан од онаа шарена шарлатанска тајфа од Правен, не велеше дека секој случај кој е завршен, ќе се обнови ако е спомнат во некој од телефонските разговорите, туку неговата смисла беше дека тоа е можно ако постојат сериозни основи дека, што би рекла, великоучената Фетаи, ќе донесе поинаква вистина. Дека е монтиран, што велеше Зекири. Дека луѓето се осудени, а се невини, како што велеше Заев. А, за да има такви докази, нели, треба да ги чуете разговорите. Ние не чувме врз основа на кои докази или индиции, како сакате, Јанева го презеде случајот, врз основа на кои докази или сериозни индиции Спасовска овозможи да се повтори, а Фетаи и Бубевски го водеа одново. Сега се гледа дека такви докази немале и дека најмалку еден од осудените на доживотен затвор, за кого Фетаи повторно бара иста казна (другите двајца се во бегство) без никаков материјален основ добија неколку години на слобода како подарок. Ако за ослободениот во повтрениов случај немало докази дека е виновен (кој сега верува во тоа?) тогаш постапка можела да се води само за него, а не сите да бидат пуштени надвор. Настрана што за двајца Фетаи го преиначи обвинението при исти докази од рпвиот случај – па наместо за тероризам, тие се гонат за помагање, поради што бара помали казни. Тоа го прави целиот повоторен случај уште покомичен.

Но, ако нема докази за тоа дека случајот бил конструиран, има докази дека Заев, кој му се фалеше на Тачи „војводата“ дека тие од надвор го спремаат за местото на Груевски, тврдеше дека осудените се невини. Има докази дека случајот е повторен врз основа на барање иа ДУИ. Тоа го призна и самиот Груби. И има докази дека целиот обвинителско-судски систем беше впергнат за да се исполнат овие политички желби. Внимавајте, не е ова бандитскиот закон за 33 милиони евра за Макпетрол. Овде станува збор за петкратен масакр на деца и човек кои не можат да се вратат.

Така се склопува целиот мозаик на овој криминален случај. Не мислам на убиството, тоа не е спорно, туу на криминалот со повторување на овој случај, за што, за жал, сите молчат, вклучувајќи ги и оние кои не треба да молчат, а од кои едни се занимаваат со сопствената величина, а други со сојузот со Заев.

Имено, ако е некој осуден на парична казна или на одредена казна затвор од неколку години, дали казната ќе ја плати или одлежи по првичната правосилна пресуда или по повтоерениот случај, и не е толку битно. Но, во овој случај, имаше неколку пресуди на доживотен затвор. Со поништување на првостепената правосилна пресуда и повторување на случајот, тие беа пуштени на слобода. На тој начин, ако на крајот од овој процес повторно добијат исти казни, најмалку едне од нив добил неколку години на слобода без за тоа да постои ниту еден релевантен доказ или макар сериозна индиција која би се претопила во доказ. Преиначувањето на делото за двајца кои помагале, само по себе е смејурија, но белким тие шарените од Правен ќе лапнат некој нов проект од странство и за ова.

А да му подариш некому од ракав неколку години на слобода во случај на петкратно убиство, само по себе е криминал. Настрана што не слушнавме што во првиот процес било неточно, измислено, фингирано и монтирано. Ни збор за тоа. Па нели Фатиме Чарлиева за која оние нарачани „новинари“ од Би-Би-Со правеа документарец тврдеше дека ќе го расветли? Нели случајот беше монтиран? Сега испаѓа дека тој не бил монтиран и дека без никаков основ, осудените во првиот случај добиле неколку години на слобода (го издвојувам оној за кого Фетаи рече дека немало докази за вина, а за кого, како што реков можеше да се повтори поединечна постапка, ако тоа навистина е така).

Во секој случај, станува збор за криминал за кој неговите играчи треба да одговараат (освен доколку сега не биде направен притисок врз судот па тој направи нова ујдурма со пресудата). Се разбира, тој малоумник кој шетал по улица и фрлал презервативи врз основа на тврдењата на Заев дека осудените се невини, нека седи сега дома и нека им објасни на своите деца како учествувал во пуштањето на слобода на убијци на други деца, но тој не е кривично правно одговорен. Како и загарско-новинарската банда која врз крвта на тие деца си обезедуваше позиции за да може потоа да ги полни џебовите и да ги гоштева своите деца. Тие се тоа што се – човечки отпадок.

Но, оние, кои без докази бараа, го презедоа предметот и без докази дека има поинаква фактичка состојба во случајот го повторија, истовремено овозможувајќи слобода за убијците, треба да одговараат.

Настрана тоа што Заев и неговата криминално СДСМ-ДУИ коалиција по ова требаше да си заминат од власт. Ако можеа оние Холанѓаните, кои учествуваа во воспоставувањето на овој систем кај нас, да добијат оставка на нивната Влада заради некаква си грешка кај детскиот додаток (тој скандал кај нив, кај нас би оминал онака, мазно, со една две прес конференции, со една–две контра прес конференции, малку мрчење на ФБ и толку), за поигрувањето со смртта на пет луѓе, дури не се ни дава оставка, туку тие се бркаат од фотелјите на клоци. Со по неколку презервативи во џеб, за да можат пак да фрлаат по улиците.

Дополнително, можете сега да замислите и да додадете уште едно парче во мозаикот – во држава во која Рускоска и Кацарска како ѓавол од крст бегаа од утврдување на причините, на мотивот за „27 април“, друга обвинителка од единственото ЈО на РМ, тврди дека не можела да го утврди мотивот кај едно дело за кое тројца луѓе ги води како терористи. Молам? Навистина?

Но, гледајте ја сега манипулацијата, односно посредниот ефект – Фатиме сега е двоен херој: кај Македонците зашто побара три доживотни казни, кај Албанците зашто чуварот е на слобода, а двајца од претходно осудените на доживотна робија сега не се терористи, туку само помагачи.

Што нас ни ја прави иднината многу посветла. Всушност, од последните зборови на Фетаи пред три дена, сигурно се чувствувате посреќно и повесело. Со фатени рачиња и со од кон хоризонтот, каде се гледаат сончевите зраци.

Коронавирус