сабота, 6. јуни 2020. Вести денес: 22
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Колумни

Кој беше во право

Кој беше во право

Насловот на колумната не имплицира конкретно или хипотетичко прашање кое се однесува кон властодржците во Македонија и нивните дезориентирани и задоцнети реакции во врска со пандемијата. Насловот се однесува на едно суштествено повеќе децениско прашање како концептуален политички спор за иднината и политичката организација на Европа. Европа која тежнее кон тоа да биде глобален актер и достоен конкурент на современата светска сцена во новите услови во меѓународните односи на мултиполарност.

Сепак во колумната неизбежно ќе мора да се допрат нашите дребности, манипулациите врз граѓаните, лажливоста, криминогеноста, неспособноста и суетноста на „политиките авторитети“ во Македонија.

Прашањето „кој беше во право“? се однесува на концепцискиот судир помеѓу администрацијата на претседателот на САД Ричард Никсон и Претседателот на Петтата Француска Република Шарл Де Гол. Овој судир не е во врска со прашањата за НАТО иако токму Де Гол ја изведе Франција надвор од НАТО и можеби тоа беше последица на заострениот концепциски судир помеѓу САД и Франција (не сум го проучувал овој аспект на тогашната Француска политика за излегување од НАТО), но самиот концепциски спор помеѓу Никсон и Де Гол се водеше во врска со прашањата за иднината на Европа, тогаш уште Европската заедница за јаглен и челик во рамките на која се гледаше тенденцијата за прераснување во Европска Економска заедница и многу повеќе од тоа. Всушност, децении подоцна Европа не успеа да го направи – усвои својот прв устав односно Лисабонскиот договор, а причините за тоа имаат длабоки корени токму во концептот на современа Европа и што се сака да се постигне.

Токму затоа прашањето од насловот се однесува на тоа дали концептот на „Соединети Европски Држави“ по урнекот на САД што го затапуваше Никсон или концептот на „Европа, сојуз на суверени држави“ според залагањето на Де Гол. Овде под суверени држави подразбираме држави во рамките на кои суверенот е граѓанинот и граѓаните ја создаваат државата, а според неа и нацијата. Повторно доаѓаме до современиот концептуален судир внатре во ЕУ (Европа на нации или Европа на граѓани). Затоа и реков дека во основа се работи за повеќедецениски судир на концепти.

Доколку ги разгледаме актуелните случувања во многу аспекти ќе можеме да извлечеме заклучок кој е во право, односно кој концепт се покажува како исправен за опстанокот на Европа. Пред се јас би тргнал од Македонија и токму од нашите дребности. Тука повторно ќе мора да се постави едно круцијално прашање кое не води до суштината, а тоа е: „Кој е носител на суверенитетот на Македонија, според Уставот“?

Одговорот е многу јасен, тоа е граѓанинот, секој од нас. Тука е основниот проблем и тоа е концепцискиот судир. Суверен е народот-граѓаните, а не политичките елити на кои им е пренесена волјата на народот да владеат. Но, единствен реален претставник на народот е Собранието, а токму тоа е суспендирано. Ете ги нашите дреболии на виделина, манипулација со суверенот, изигрување на Уставот, лажење за вистинските состојби не само во врска со економската ситуација и не преземањето реални, навремени и конкретни мерки, туку лажење и за бројот на заболени, бидејќи власта не знае колку луѓе реално се заболени на целата територија на државата (во моментов тестирани се околу 4.500 и утврдено дека се заболени над 430 со тенденција на пораст). Повторно прашање: „Зошто не се тестира целокупното население или барем што е можно поголем дел“? Нема да има одговор, како што нема да има одговор ниту на прашањето: „Зошто не се обидеме да прогласиме целосен карантин 2-3 недели како што за тоа размислуваат и други држави“? (деталите за тоа како би требало да се организира и реализира една ваква сложена операција за „замрзнување“ на државата можам да ги објаснам во друга прилика или доколку се донесе одлука за спроведување на оваа операција). Верувам дека тоа може да биде и најдоброто решение во однос и на економијата, бидејќи вака преземајќи половични мерки само се одложува епидемијата без јасна проценка за нејзино завршување. Само за појаснување, тука проценка не може да направат разузнавачките служби, бидејќи не се работи за био-тероризам кој не е навреме откриен и спречен, туку имаме класичен здравствен хазард за кој главната одговорност паѓа врз Министерството за здравство, ЦУК (во однос на примената на индикаторите за рано предупредување и следење на кризата), ДЗС и Владата во однос на организацијата и предвидувањето на мерките за управување со криза (ова како дополнително појаснување на некои „експерти“ кој читаат ама не разбираат и незнаат која е улогата на разузнавачките служби и што е тоа рано предупредување од ризици и закани кое најчесто не е поврзано со активностите на разузнавачките и безбедносните служби).

Јасно е дека нема да се добијат одговори на погоре поставените прашања и затоа овие наши секојдневни дреболии само ги споменав за да не заборавиме во која реалност за жал живееме. Секако дека и темата за која пишувам е многу реална и трае многу подолго во европските релации и има влијание во меѓународните односи, но затоа и се поставува дилемата: „Дали Македонија тежнее кон демократија или кон тоталитарно општество“? Игнорирањето на волјата на суверенот и упорното опстојување на идејата за „вонредна состојба“ наспроти „кризна состојба“, без согласност на Собранието е потврда дека власта во Македонија сонува за тоталитаризам или се обидува на манипулација да го живее истиот. За жал единствена можност за намалување на тоталитаристичките тенденции на владата можеше да биде МВР, но како што реков, за жал, бидејќи министерот колабираше (дали здравствено или психички се исцрпи не е познато), и тоа токму тогаш кога Пендаровски на Совет за безбедност во проширен состав (вклучувајќи ги АР и АНБ) образлагаше зошто треба да ја продолжи вонредната состојба, односно тоталитаризмот на владата на СДС (најавувајќи ни цели две недели порано).

Сепак, волјата на суверенот се сруши и тоа е факт во Македонија кој ќе има несогледиви последиици во иднина, пред се врз демократските процеси во државата и секако врз економијата, затоа што допрва ќе не очекува тешко време доколку оваа состојба набрзо не заврши.

На примерот на Македонија која самата се справува со пандемијата и примерот на европските држави, членки на ЕУ, видливо е дека секоја држава посебно се справува со настанатата криза, обидувајќи се да изнајде најдобар и за своите услови и ресурси најсоодветен начин за спречување на ширење на епидемијата во своите граници и нејзино задушување. Во овој контекст е и обидот за спас на сопствената економија, односно државите кои се со посилни суфицитни буџети полесно ќе го примат ударот, а во исто време се обидуваат што е можно побргу да ја завршат кризата барем на сопствената државна територија (над која владее суверенот и нели се има суверенитет) и да ја придвижат економијата барем на микро економски план.

Токму ваквиот однос на не солидаризирање на државите во ЕУ ја покажа слабоста на Унијата во однос на функционирањето како Европа на граѓани, поради што реагираа во Италија и Франција на начин кој можевме да го видиме. Одговорот на прашањето „кој беше во право“? е многу јасен. Судирот на двата концепти оној на Никсон, Европа по урнекот на САД како Соединети Европски Држави и оној на Де Гол, Европа, сојуз на суверени држави, историски и во актуелните услови на криза, покажа дека Де Гол беше во право.

Едноставно, Европа ја сочинуваат многу нации кои себеси се гледаат како државотворни на својата територија и суверенот – народот (граѓанинот) тешко прифаќа да биде само граѓанин, а неизводливо е да се изврши промена на воспоставениот концепт и врз Европа наметне нов концепт на мултиетничноста по примерот на Америка и со државно уредување да се спои во една нација и држава како што се тоа САД. Тенденциите на европските суверени и историски (од Вестафалскиот мир) и искуствено (како последица на многуте тензии и конфликти на територијата на Европа) се сепак многу силни во однос на опстојувањето на сопствените држави како меѓународно правни субјекти, но и како институции кои се грижат првенствено за својот суверен-народ.

На овој последен пример на светска криза го имаме доказот и патоказот (индикаторот) каде треба да се движи Европа. Во исто време ни покажува како да се засилат суверените држави и како да се врати меѓувладината соработка. Соработка во рамките на ЕУ во конкретен облик, а не низ призмата на комисиите во кој бездруго секако помалку или повеќе доминираат националните интереси на државите членки, а се супституираат преку повеќедецениски бирократски решенија и релативизација, што пак сега сѐ покажа како нефункционално. Свесни дека секој поодделно во меѓународните односи не претставува глобален актер и дека во новиот мултиполарен свет Европа мора да биде една од глобалните сили (глобален актер) која ќе има одлучувачко влијание врз сопствената територија или во рамките на Европската безбедносна област – регион или поточно безбедносна контрола на дистанца од 6.000 км оддалеченост од Брисел. Европските држави ќе мораат многу бргу да ги воспостават новите правила на игра и соодветни механизми вклучително и солидарноста. Потребно е да се надминат проблемите и да се најдат решенијата за имплементирање на концептот кој ќе гарантира сувереност на државите, почитување на волјата на суверенот, демократија, економска сигурност и развој, но и солидарност и заеднички одговор на сите ризици и закани врз безбедноста на европскиот безбедносен простор, особено несреќите и катастрофите во кои спаѓаат и епидемиите и пандемиите не само врз здравјето на луѓето.

Во меѓувреме, додека Европа ги реши своите недоразбирања и искуства од не солидарноста и бавното реагирање во услови на пандемија, а Владата нели божем се подготвува за почеток на преговорите и отварањето на поглавјата 23 и 24, нам на Македонија ни останува самите да се справиме со кризата, да бидеме дисциплинирани, да реагираме брзо и радикално за да не трпиме поголеми последици и да научиме веќе еднаш дека наш интерес е функционална и системски организирана Македонија, не празните зборови за очекувана помош или скапи кредити. Видливо е со какви ресурси располагаме и во каква кондиција е државата.

И да, „кој беше во право“?

Во петтата недела на Големиот пост (неделата на Св.Марија Египетска)

Колумна на вонредениот професор д-р Оливер Андонов

Коронавирус