среда, 23. октомври 2019. Вести денес: 77
home Колумни

Кога светците маршираат

Кога светците маршираат

Ова е композиција која го одбележа минатиот век, а популарна е и денес. Таа потекнува од Евангелието, а за прв пат ја снимил Луис Амстронг со неговиот оркестар во 1938 година. Но тоа е и начинот на кој се однесува во овие моменти македонската власт, предводена од СДСМ.

На сите афери кои ги направија без сомнение намерно, тие се однесуваат како светци, кои се безгрешни и прават само добри работи, па оттаму и автоепитетот”блескаме”. Овие денови ја објавија кованицата на “На прав пат”, која евидентно е украдена од хрватските социјалдемократи кои ја користеле во 2009, а во 2010 година овој слоган го користела  Српската демократска странка на Тадиќ. Крадењето на слоганот покажува колку владејачката партија е заинтересирана да смисли нешто вистинско, нешто оригинално за своите граѓани. Затоа уште на почетокот на патот, нивниот претседател Заев на трибина во Штип,изјави дека возот бил на шините, можеби тој ќе се клацкал лево-десно, но нема да имало излегување од шините, бидејќи возот бил на правиот пат.  Дека возот ќе се “клацкал лево-десно”, со сигурност  би  значело дека може и да излезе од шините, или да скршне од правиот пат, како што велат Србите за секоја незавршена работа “оде воз у кукуруз”.

На истата трибина со еуфорија беше кажано, дека ние со сигурност се движиме кон НАТО и ЕУ. На сите граѓани треба да им биде јасно дека ние влегуваме во НАТО, поради тоа што земјите од алијансата, одлучиле тоа да се случи. Отпочнување на преговорите со ЕУ значи долг и макотрпен процес, кој со сигурност оваа влада нема да го заврши. Но на трибината во Штип тоа беше претставено со таква реторика, како веќе да сме влегле во ЕУ, иако опцијата која треба да ни се понуди е полоша од одложување на почетокот на преговорите за следната година. Она што исто можеше да се забележи, веќе не се ни споменуваат старите ветувања.

Зошто овој слоган и оваа кампања нема да даде резултати? Затоа што е изгубена довербата на граѓаните во оваа власт. Изгубена е довербата на Македонците, но и на Албанците кои гласаа за СДСМ, изгубена е довербата и на дел од сопственото членство и на т.н. “шарени”. Тоа можеме да го забележиме по пишувањата на еминентни поранешни поддржувачи, кои ја сменија страната и сега се лути непријатели на оваа власт, а токму нивниот збор, нивното ”перо”, има поголема тежина.

Губењето на довербата е нешто што најтешко се враќа, или воопшто не се враќа, а со сигурност нема да се врати во овој мандат. Довербата е изгубена поради толку многу причини, што не можат да се набројат во еден текст.  Имаше ветување дека нема да се смени името, и за тоа Заев се колнеше во своите најблиски,  додека е жив,тоа нема да се случи. Но не само што се смени името, туку се смени и идентитетот, историјата, културата и образованието. Ние станавме држава без нација, или како што стои во Преспанскиот договор “Македонец/ државјанин на Северна Македонија. Значи, Албанците се Албанци,  бидејќи имаат своја матична држава, Србите се Срби, Турците се Турци и  др., само ние сме недефинирани. Ако тоа не беше јасно, се разјасни од писмото кое нашиот министер за надворешни работи го испратил на Грција, во кое се согласува, “македонска/и”, да се однесува само на државјанството, а не и на националноста.Во политичката наука поимот држава се изедначува со “нација”, а тоа е најчесто мнозинскиот народ кој живее во една држава. Кај нас, барем според договорот, такво нешто не постои.

Изјавата дека ние сме држава, која нема никакви проблеми со соседите е не само духовита, туку се граничи со луцидност. Преговорите за нашата историја со Бугарија покажаа дека тие не не признаваат за нација, а меѓудругото се повикуваат и на Преспанскиот договор и не ни признаваат ниеден настан, ниту личност од условно кажано националната историја, се и тоа како сериозен проблем. Дотолку повеќе што тие најавуваат кочење, односно запирање на преговорите со ЕУ, доколку не ги прифатиме сите нивни услови. Слична е состојбата и со Грција.

За да се добие целосна слика на губење на довербата, не треба да се заборави, дека економијата тоне, владата секојдневно ги задолжува граѓаните со астрономски кредити, странски инвестиции скоро и да нема, сериозно паѓа животниот стандард, младите масовно заминуваат во странство. Она што го уништува општеството во целост е невидената корупција, од распадот на Југославија до денес. Злоупотребувајќи го моментот на промена на името и подршката од странство, која патем веќе не постои, актуелната власт и директно и индиректно е вмешана во досега невидени коруптивни афери. Дали да започнеме од Рекет 1, каде што директно била замешана највлијателната личност во македонското правосудство – Катица Јанева, но и други политичари, или Рекет 2 каде што се гледа спрегата на политичарите помеѓу себе преку т.н.”Кичеец” кој бил во контакт со Ден Дончев, а во спречувањето на директната странска инвестиција учествува и министерот за здравство – Венко Филипче, против кои веќе е поднесена кривична пријава.Дури се поставува прашањето, дали покрај Јанева, и Русковска има право да гони сторители, бидејќи околностите од Рекет 2, укажуваат дека тоа обвинителство преземало дејствија за подршка на рекетарите, но кој ќе го проверува тоа, кога сите се замешани. Или со корупцискиот скандал на Драги Рашковски,  каде што разликата во реалната цена и таа која е исплатена е 1 700 000 евра во случајот “Леонардо”, на кој кривичнапријава му поднело обвинителството, а тој сеуште седи во државна фотеља. Тука се и наместените тендери за фирмите блиски до вицепремиерот Кочо Анѓушев. Конечно, поделените 20 000 000 евра за иновации на блиски соработници и партиски членови на СДСМ,од кои голем број се веќе завршени проекти, е врв на непотизмот и корупцијата. Не, тука не помагаат никакви кривични пријави,  монтирани процеси и театрални апсења.

Инаку, композицијата“Кога светците маршираат” е апокалиптична,односно го најавува крајот на постоењето.  Нејзините стихови се однесуваат на начинот на кој се објавува последниот суд. Затоа таа често се употребувала за погреби.