вторник, 19. март 2019. Вести денес: 113
home Колумни

КАЗНИ ЌЕ ИМА ПРЕСУДИ ЗОРАН ЗАЕВ

КАЗНИ ЌЕ ИМА ПРЕСУДИ ЗОРАН ЗАЕВ

Зоран Заев во врска со настаните од 27-ми април пресуди: “казни ќе има, но ќе бидат помали од 10 години”. Како главен државен јавен обвинител тој ја определи и правната квалификација за кривичното дело: “ членовите во законот што ќе доведуваат до идно казнување нема да бидат тероризам со над 10 години казни, туку ќе бидат помали почетни казни. Но, казни ќе има.”

Зоран Заев, како претседател на Владата на Република Македонија, се стави во улога на суд и на судија и во улога на јавен обвинител, Тој денес го пресуди случајорт од 27-ми април. Каков суд, каков бакрач. каков јавен обвинител, каква Добрила Кацарска, каква Вилма Русковска. Ништо од сето тоа. Зоран Заев е врховен арбитар и тој е и обвинител и судија, тој обвинува и пресудува, а судот и јавното обвинителство тотално ги маргинализира и омаловажи. Докажа дека не ферма ниту суд, ниту јавно обвинителство, ниту право, ниту правна држава.

Кој му даде за право на Зоран Заев да тврди дека казни ќе има, во состојба кога уште не е завршена  доказната постапка за случајот од 27-ми април, во кој на обвинителна клупа со месеци седат 33 обвинети лица за најтешко кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок од членот 313 од Кривичниот законик, од кои  многумина го изгубија и здравјето, кога не се изведени сите докази, кога сеуште не се дадени завршни зборови на јавниот обвинител и на обвинетите и нивните бранители?

Од каде Зоран Заев може да тврди дека казни ќе има? Тој дури определи дека казните ќе бидат под десет години!!!. Каков видовит судија?, Кој му дал такво право? Согласно Законот за кривичната постапка, судот може да донесе ослободителна, одбивателна или осудителна пресуда. Обвинението е во рацете на јавниот обвинител, а пресудата е во рацете на судот, а не на Зоран Заев. Каква пресуда ќе донесе судот, зависи од многу околности, докази и факти. Тоа  е работа на судот, а не на претседателот на Владата, кој  ја злоупотребува службената положба и грубо се меша и влијае во работата на судот.

Кој му даде за право на Зоран Заев да определува правната квалификација на делото? Кој му даде право да определува дека делото нема да биде тероризам, туку дело со помали почетни казни. Што е тој, јавен обвинител?. Врз основа на која ордедба од Уставот и врз основа на која одредба од Законот за Владата Зоран Заев тврди дека  идното казнување нема да биде за тероризам со над 10 години казни, туку ќе биде за помали почетни казни. Ова е безгранична дрскост. Претседателот на Владата нема функција на јавен обвинител.

Зоран Заев со вакви изјави директно се меша и грубо влијае во работата на судот и јавното обвинителство. Дали овие тврдења на Зоран Заев не се должат на прислушуваните разговори во јавното обвинителство и судот од 2016 до 2018 година?

Како може Зоран Заев да тврди дека овбинетите ќе бидат казнети за непостоечко кривично дело, кое сега сака да го прикрие зад поблага правна квалификација. Судот е тој што е надлежен да доднесе одлука за случајот, а тоа е еднинствена законска  одлука за ослободување на обвинетите, поради немање докази дека обвинетите го сториле делото за кое се обвинети.

Ова ли се реформи во судството. Ова ли се заложби за владеење на правото.  Во било која држава во светот, претседател на Влада кој ќе дадеше ваква изјава за грубо мешање во работата на судот и јавното обвинителство, повеќе немаше да седне на премиерското столче.

Влада ли е ова или инквизиција.

Михајло Маневски