сабота, 19. јуни 2021. Вести денес: 0
home Колумни

Кармата доаѓа по своето

Кармата доаѓа по своето

Последните неколку години кај нас порасна интересот за тоа што значи зборот “карма”, бидејќи тој потекнува од источната филозофија. Суштината на ова правило е дека секој ги сноси последиците на сопствените дела. Дејствувањето истовремено е изразување на волја, која е причински поврзана со тој што ја изразува. Така станува закон, од чие дејство не може да се избега. Секој ги наследува сопствените дела, а последиците од нив ќе ги почувствува подоцна. Нешто слично е и во христијанството. Таму, тој што правел добро ќе му се враќа со добро, а тој што правел лошо, ќе му се враќа со лошо. Но, слично е и во другите религии. Тоа значи дека ова е закон на природата, на традицијата, на етиката и моралот.
Во Македонија, тие што правеа лошо во последните неколку години се СДС. Од “шарената револуција” наваму, за која најголем дел од нејзините учесници сега признаваат дека биле изманипулирани, до насилното доаѓање на власт во собранието.

Да се потсетиме дека тоа противуставно и против деловничко избирање на претседател беше планирано со денови. Дека тој 27-ми април беше определен од нив неколку недели пред да се случи. Значи не може да обвинуваат и да затвараат, и да обвинуваат за последици, без да се земат во предвид причините поради кои се случи тој настан. Знаеме дека тој ден во согласност со деловникот седницата беше прекината од страна на тогашниот претседател Трајко Вељановски и електронскиот систем во согласност со истиот беше исклучен. Знаеме дека по завршувањето на седницата пратениците на СДС бираа претседател на скали, без записник и без никаков документ. Ни до ден денеска не видовме писмени докази за тој избор. Згора на тоа во македонскиот парламент беше испеана химна на странска држава, што дополнително ја вжешти атмосферата и надвор и внатре во собранието. Е сега, сето ова не се споменува, туку се почнува од влегувањето во парламентот, кое траело два-три часа, а нападот врз пратениците кои го предизвикаа ова грубо кршење на уставот се мери во минути.

Целокупната експертска јавност е согласна дека ова не може да се окфалификува како “терористичко загрозување на уставниот поредок”, но според дел од јавноста уставобранителите добија драконски казни, иако постапката почна седум месеци подоцна. Од тој процес се направи попара, бидејќи по неуспешниот “консултативен” референдум, со кој патем требаше да се поништи “задолжителен” референдум од 1991 година за уставното име на државата, па дојде до пазарење, во кое секој што ќе гласа за ратификување на Преспанскиот договор ќе биде амнестиран од одговорност, а другите ќе бидат жртви. Потоа, СДС противуставно и насилно го смени Уставот, а со тоа и уставното име на државата, имплементирајќи ги сите негативни последици од Преспанскиот договор со уцени, закани и кривични пријави на сите кои не сакаа да гласаат за тоа. Или што би рекол Јоханес Хан- “на балкански начин”. Методите на фалсификување покрај на неуспешниот референдум, продолжија на локалните избори, потоа и на претседателските. Во тие периоди многу работи останаа тајна, но видовме и гласење за седум секунди од гласач во последниот час на денот на гласањето.

Поддршката од странство беше само додатен мотив за Зоран Заев и неговите следбеници, за противзаконски тендери, мито, корупција, криминал, неконтролирано растурање на дрога и серија на рекети, скоро на целата олигархија во државата. Несреќа да биде поголема, кога некој цело време прави лоши работи, плановите брзо му се растураат. Така и сега, планирајќи да направат изборен фалсификат, бидејќи реално катастрофално губат, им се појави пандемијата, која покажа дека поради изборен фалсификат потрошиле многу повеќе пари отколку што е предвидено во буџетот, за превработување на партиски кадри во државна администрација, за поткуп на гласачите, за непродуктивни инвестирања во изборни цели. Оттука граѓаните можеа да се уверат дека дупката во буџетот е огромна, дека буџетските средства се злоупотребувале за партиски цели и за фалсификување на претходните избори, така што ја довеле државата на раб на банкрот, со огромни задолжувања без покритие и можно е веќе во јули да не се исплатат не минималните, туку никакви плати на граѓаните.

Отидоа толку далеку што и за време на најголемата светска криза и здравствена и економска, тие местат тендери, изнудуваат пари од граѓаните со уредби со законска сила, а немаат никаква идеја, ниту средства да помогнат на стопанството. Ароганцијата на тоталитарното владеење ги принудува на надмено однесување и неприфаќање на никаква корисна политика.

Затоа сега доаѓа време да платат за сите глупости што ги направија откако се дојдени на власт. Доаѓа време кога кармата доаѓа по своето. Но тоа нема да биде само губењето на власт, без оглед што ќе одземат мал дел од гласачкото тело на албанските гласачи. По губењето на власта ќе дојде до одговорност и тоа не балканска туку европска одговорност. Ќе мора да платат за што им го сторија на граѓаните на оваа држава, па дури и на “шарените,” и на дел од сопственото гласачко тело.

Знаејќи и самите дека паѓаат побараа собранието повторно да се состане, со единствена цел да се амнестираат противуставната одлука на претседателот за продолжување на вонредната состојба и амнестирање на противуставните уредби со законска сила, но и главната причина “брзи предвремени избори” во јуни, поради ублажување на поразот. Нив не ги интересира ни епидемијата, ни економијата, туку само и единствено сопствениот интерес.

Од состојбите на терен можеме да констатираме дека тоа нема да им помине, не само затоа што Џафери не сака да свика седница на собранието, туку и претседателот на ДИК – Оливер Дерковски денеска смета дека не е возможно изборниот процес да продолжи од таму каде што е застанат. Мора да се направи ажурирање на избирачкиот список, да се направат сите други дејствија кои што следуваат после тоа, и да се се определи датумот за почеток на кампањата. Значи денот кога ќе дојде силниот пад на Зоран Заев и бандата околу него, ќе биде во септември. Да се надеваме дека конечно и тие ќе ја сфатат сопствената неспособност и неизбежниот пад од власта.

Проф. др. Александар Даштевски

ЕУРО 2020

Македонија