понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 11
home Колумни

Издава ли Министерство за животна средина „лажни документи“?

Издава ли Министерство за животна средина „лажни документи“?

Проблемот со загадувањето не е проблем што се решава само со паушални реченици или со недоречени проекти. Ќе го започнам токму со нешто што ги опишува категориите од гореспоменатиот вид, а во насока на загадувањето во пелагонискиот регион, односно загадувањето предизвикано од РЕК Битола.

Заменик ресорниот министер Јани Макрадули лани во јули изјави дека „… до почетокот на месец октомври (2018 н.з.), кога се прават инвестициските планови за следната година ќе биде завршена процедурата и добиена таа А- дозвола”.

Златко Ќурчиевски, генералниот директор на РЕК Битола, во август 2019, значи една година, поточно 13 месеци по Макрадули, едноставно, многу убаво „пресече“. „Комбинатот РЕК „Битола“ во 2026 година ќе добие „А“ интегрирана еколошка дозвола, со која ќе ги исполни сите критериуми на Европската унија за еколошко производство на електрична енергија“, велеше Ќурчиевски.

Следува трет став, трета паушална, да не речам лажна изјава, иако фактот е токму таков. На средба со претставници на здружени граѓански организации и инцијативи, потписници на отвореното писмо упатено до претседателот на 30 октомври, поврзано со заштитата на животната средина, Стево Пендаровски на 14 ноември минатата година, вели „А-интегрираната дозвола за РЕК Битола ќе биде издадена во текот  на  декември  2019 година“!

Арно ама еве и јануари 2020 измина, а од сето тоа испадна една лажна по сите основи “НАЦРТ ДОЗВОЛА за усогласување со оперативен план”!

Лажна најпрво зашто самата форма на документот не е во согласност со Законот и правилникот на Министерството за животна средина, односно како таков веќе не е според пропишаната законска регулатива. Наводниот документ со незаконски наслов, нема нити архивски број нити валидна дата на издавање, а истиот стои на веб страната на ЕСМ како верификација! Или, напросто  – таков документ веќе не постои, ама може да се чита!

Доколку и натаму се сака да се манипулира и да се прави дека „проблемот е решен“, во истиот тој грешен документ на своја рака направени се интервенции во рокови и обврски, кои пак биле предвидени со некој веќе минат оперативен план.

Тоа пак што е најважно и најиндикативно дека проблемот се става „под тепих“. Имајќи го предвид јавниот интерес, термоелектраните имаа продолжен рок од три години за усогласување со оперативниот план, од крајниот рок 01.04.2014 година, заклучно со 2017 година. Според тоа Нацрт А интегрирана еколошка дозвола, смее да се издаде исклучиво само со претходно комплетно реализирани проекти, согласно исполнети најдобро достапни техники и позитивни законски критериуми за вредност на емисии. Наспроти тоа, денес, РЕК Битола „се бори“ со паднат тендер за електростатските филтри и со далеку од започнување на проектна задача за десулфуризација.

И сега? Кој го издал овој актуелен, пред се лажен  документ по основи “НАЦРТ ДОЗВОЛА за усогласување со оперативен план”? Какво е тоа Министерство кое издава документи без основа во своите документи?

Ова ги надминува празните флоскули, ова е вадење документи „од ракав“, само заради привидно решавање на проблемот. Тоа е грешна траекторија и таа грешка ќе го чини и комбинатот, а со тоа и вработените на чело со моменталното раководство.

Не е целта само од ракав да ги “штанцате” решенијата, а истите тие да предизвикуваат во иднина уште поголеми процедурални проблеми. Потребата од еколошки зафати на инсталација како нашиот РЕК Битола како мерка е незаменлива и треба истата да функционира согласно сите европски мерки и регулативи, но начинот и постапките треба да бидат во согласност со применливи практики и секако иднината во партиципирање на Република Македонија во ЕУ.

Мајсторството воздухот да го „чистите“ со виртуелни, само-декларативни и воноперативни мерки, не значи и решение, но веројатно тоа е и единственото што умее актуелната власт. И оттука еве и совет: доколку како политичка структура, не сте вични да ги почитувате законите и процедурите, за доброто за некои идни генерации, подобро ништо да не направите, зашто сѐ што направивте е тешко поправлива и немерлива штета.

Виолета Ковачевиќ

Коронавирус