сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 8
home Колумни

Изборни последици

Изборни последици

Секогаш кога во животот преземаме активности, особено крупни и одлучувачки чекори принудени сме да сметаме на последиците од истите. Последиците може да бидат позитивни и тогаш сме самозадоволни од извршената работа, односно од постигнатата цел, но доколку не ја постигнеме целта, направиме стратешка, одлучувачка грешка, лоша проценка или се прелажеме, последици се негативни и тоа долгорочно. За жал ние Македонците, сите Македонски граѓани искуствено знаеме што значи да се донесат погрешни одлуки, особено на избори. Тоа задоволство го имавме во 2016 година и давањето можност Заев да дојде на чело на Владата на Република Македонија.

Во тој контекст, задоволството е особено големо за „Волшебникот од Оз“. Тој јадниот упорно се фаќа за сламката (наречена Албанец Премиер) која самиот ја лансираше за да се спаси од политичка смрт. Така не мислеше 2016 година кога ги прекрши сите „принципи“ за кои дотогаш нели се бореше, а со што покажа дека за него и неговите пајташи нема принципи, односно дека единствениот принцип е „кеш и власт“. Затоа сега Муртинскиот замешател му најавува опозиција, а за да биде уште поинтересно со своите популистички и дневно политички идеи си создава невозможна приказна и кај колегата Мицкоски.

Впрочем, нормална е реакцијата на Мицкоски и може да кажам и храбра во самото предизборие да одговори негативно во однос на ваквите политички игри. Таквиот одговор е во основа отворена борба против уривањето на Уставните принципи на Македонија за еднаквост на сите и борба против внесување на Апартхејд на Македонската политичка сцена, а особено промоција на основните политички постулати дека влада ќе прави (а со тоа и мандатар ќе даде) онаа политичка партија или коалиција која ќе победи на изборите. Тука нема ништо нејасно и се е во духот на демократијата, дека на избори се оди да се победи и тој што победува формира влада и владее до следните избори.

Ете тука се последиците од изборите како општествено-политичка и социјална операција која определува кој ќе владее во следните години, односно каде и како со своите политики ќе ја насочува државата.

Изборните последици може за краток период на владеење да предизвикаат долгорочни последици со трајни историски импликации. Да не се занесуваме дека промената на името на државата и Уставот (алваџискиот тефтер) нема да имаат историски последици во проценката на Македонската способност за државност.

Токму затоа, на почетокот на изборната кампања апелирам до сите граѓани на Македонија, да бидат свесни за значењето на оваа „втора шанса“ за сите нас. Парите ќе се потрошат, шарените лаги ќе избледат како и секоја лага, писанијата ќе се искинат, но ќе остане нашата сиромаштија и пониженост, како и кредитите кои ние ќе треба да ги вратиме. Не велам дека не треба да му ги земете парите на Заев и СДС кои штедро ги делат на разни „легални“ и потполно криминални начини. Тие пари се секако ваши, на сите нас и сите ние ќе треба да ја вратиме „позајмицата“ на Заев, па зошто тогаш и да не ги земеме тие пари кои пак ние ќе ги враќаме. Сепак, тоа никако не нѐ обврзува да гласаме за Заев и да се чувствуваме должни кон него затоа што се обидува да не корумпира со наши пари. Така ќе ги избегнеме изборните последици, а тие можеме да ги конципираме во само неколку клучни точки:

1.Потполно уништување на Македонскиот народ и нација преку уривање на столбовите кои го карактеризираат народот и нацијата.

2.Девастирање на системот на функционирање на државата поради што дополнително ќе се поттикне несигурноста на граѓаните во сопствената држава.

3.Контрола и максимална корумпираност на судството, со што правната функција на државата и правната сигурност на граѓаните нема да бидат во функција, а во такви услови ќе биде едноставно невозможно да се живее и функционира нормално.

4.Фискална и бизнис несигурност при што корупцијата, рекетарството, изнудите и уценувањето на бизнис заедницата ќе бидат во подем, а што ќе резултира со ужасна бизнис клима и бегање на бизнисот, односно намалување на работни места.

5.Намалување на буџетските приходи што ќе резултира со дополнително намалување на капиталните инвестиции во инфраструктура, здравство, образование, социјала и многу други сектори со што го затвораме магичниот круг на тонење на целото општество.

Тоа се последиците од политиките на Заев кои  веќе ги гледаме на дело. Имаме избор, а тоа е да се спротивставиме на негативните изборни последици и да тргнеме во обнова на Македонија. Да не подлегнеме на тривијалните коруптивни дејствија на СДС, да не веруваме во шарените лаги на Муртинскиот манипулант, Манџурискиот кандидат, Марија Антоанета и целата булумента на дворски играчи од СДС. Бидејќи, таму нема здрав разум, патриотизам, грижа за татковината, хуманост и човекољубие. Таму има само и исклучиво себељубие и среброљубие.

На крајот на оваа колумна во самото предвечерие на почетокот на изборната кампања ќе испратам една порака до членовите, симпатизерите и особено до поранешните и актуелните функционери на ВМРО-ДПМНЕ:

„ВМРО-ДПМНЕ е единствената политичка сила која е способна да го победи СДС и да ја врати Македонија во редот на нормални просперитетни држави. Сите оние кои во некој период се нашле на партиски или државни – локални функции предложени од ВМРО-ДПМНЕ или во овој момент се наоѓат на било кое ниво на партиски должности, без разлика на личните чувства или перцепции за поединци во партијата, раководството или некои собитија, потребно е да ги надминат личните суети на големина, навреденост или важност. Надминувајќи ги личните суети сите можеме да се вклучиме во активностите во предизборието, но воедно преку личен пример да ги поттикнеме нашите соседи, сограѓани да не останат пасивни и апатични дома, туку да излезат на денот на избори и да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа власт нема да падне сама од себе и единствено затоа што граѓаните се разочарани од лагите на Заев и неговите секојдневни криминали. Оваа власт може да падне исклучиво преку масовна активност на секој поединечно и на сите заедно во ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата и граѓаните. Власта најмногу се плаши од масовна излезеност на граѓаните, бидејќи тогаш нема да може да сметаат на онаа маса што успеале на разни начини да ја корумпираат. Затоа ние треба да излеземе на браникот на татковината за да им помогнеме на нашите сограѓани да ги избегнат негативните изборни последици“.

Да се избориме за победа, бидејќи ова е борба за воскреснување на нашата заедничка татковина Македонија и сите граѓани без разлика на пол, вера, нација и политичка определба над оваа зло СДС и да воскликнеме денес, на 15-ти Јули и засекогаш: „Да живее Република Македонија“.

 

На денот на Св.Тимотеј Пруски

 

Вонреден професор Оливер Андонов

Коронавирус