четврток, 12. декември 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Изборни модели (втор дел)

Изборни модели (втор дел)

Повторно во пресрет на изборите дел од медиумите ја отвораат дебатата за тоа каков Изборен модел и е потребен на Македонија. Секако, штом ќе видите кој дава какви предлози, се ви е јасно, каде и како се тера. Откако веќе пишував за истово во месец мај, а се отвори широка дебата, време е да ја подразработиме темата.

 

Владејачката СДСМ упорно повторува дека сака една изборна единица, со отворени листи. Разбирлива е оваа нивна желба. Знаејќи дека моќта кај нив е централизирана во врвот на партијата, и дека дури отворени листи да има, дека мнозинството гласот ќе го даде за оние кои се носители или при врвот. Но, од СДСМ забораваат да објаснат едно нешто. Како би изгледало гласачкото ливче на кое секоја листа би имала по 120 имиња? Да претпоставиме дека на избори би се појавиле минимум 10 до 15 различни листи. Тоа значи дека секое гласачко ливче би имало едно 1500 имиња. Истото би било минимум 2 метри долго и секој човек зад параванот би стоел по 5-10 минути барајќи го човекот за кој што би гласал.

 

Предлогот на ВМРО за мнозински систем е интересен, делумно прифатлив, но исто времено сложен. Еве зошто! Мнозинскиот систем е најдобриот претставнички систем каде што секој кандидат го влече легитимитетот директно од заедницата која ја претставува. И доколку еден градоначалник, (на пример во еден Карпош или Аеродром) ги решава комуналните и инфраструктурни проблеми, неколкутемина пратеници од оваа општина би биле народните претставници, кои во интерес на тој електорат би ги застапувале граѓаните во Републичкото Собрание. Би имале пред се’ личен легитимитет, но и би биле директен глас на народот, а не фиктивен, претставен строго преку политичкиот субјект. Проблематичното е како сето тоа да се изведе во еден изборен круг, и секако можноста за супремација, еден политички субјект да освои 70-80-90 пратеници, додека веќе на следните избори да падне на два, три пет и па и НУЛА (како пример ги земам локалните избори и изборот за градоначалници).

 

ДУИ немаат проблем со изборниот модел. Навикнати се на овој изборен модел, кој очигледно им е добитна комбинација, и единствена цел, без оглед на гласовите им е да доминираат во албанскиот гласачки кампус, иако во неколку наврати имаат обиди да анимираат и не албански гласови во одредени средини, претпоставувам за да го поминат некаде прагот за уште еден пратеник, но и да излезат од стереотипот дека се моноетничка партија, иако де факто, токму тоа се (со исклучок на политичките тезгари, такви имаат и во Собранието).

 

На мое изненадување, најблиску со ставовите до тоа што го предлагав во месец мај, беше Зијадин Села со неговата Алијанса на Албанците. Тој се залага за зголемување на изборните единици, во 8, според актуелните плански региони. Хендикеп на овој негов концепт е што планските региони се несразмерно населени, па секоја изборна единица би давала драстично различен број на депутати во Собранието. Скопскиот плански регион би давал околу 40, додека Повардарскиот и Североисточниот по цирка 10.

 

Интересни ми се исказите на некои помали партии, кои воглавно гравитираа кон СДСМ или ВМРО ДПМНЕ, и се ценкаат пред избори тезгарски, не покажувајќи никаква ни идеолошка матрица, ни програмска конзистентност (освен декларативно), и кои редовно имаат еден, два или три претставници. Дали истите веруваат дека доколку настапат самостојно на избори, со една изборна единица, ќе освојат макар и еден пратеник? Јас, воопшто концептот за една изборна листа би им го прифатил под два услови: 1. Секоја партија да излезе целосно самостојно, и 2. Да има изборен праг од барем 3%.

 

Е тогаш во Собранието ќе има само 5-6 партии со сериозни пратенички групи. Во изминатите изборни циклуси, иако зборуваме дека се’ се сведува на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, сепак не е баш така. Се заборава ДУИ, но и останатите политички субјекти кои влечат легитимитет од гласовите на македонските албанци, но и еден куп мали парии кои одат коалициски, па во самото Собрание имаме скоро дваесетина различни политички субјекти, а се вели дека се само два блока.

 

Да се вратам повторно на мојот концепт:

Предлагам со мали територијални прегрупирања, актуелните 6 изборни единици, да се поделат на половина и да бидат вкупно 12. Секоја изборна единица би избирала по 10 пратеници, со што би се остварила разумна територијална застапеност на пратениците. Носителот на листата би бил фиксен ако се помине прагот за таа листа во изборната единица, додека секој по него би го влечел легитимитетот од лични гласови. Избирачот може да гласа само за партијата/листата, што ќе значи дека го прифаќа понудениот редослед.

 

Би се гласало на три начини, т.е. секоја од трите форми би била признаена како важечка.

  1. Гласање за политичка партија и прифаќање на листата таква каква што е.
  2. Гласање слободно за некој (еден) од кандидатите од десетте понудени на било која од листите, со што гласачот директно би влијаел на промена на редоследот на тие кандидати или едноставно со тоа гласа за личност, не за партија.
  3. Заокружување на ливчето на политички субјект и на истата листа, заокружување на еден од кандидатите.

 

Во основа секој глас оди на листата која сте ја поддржале, со тоа што ќе можете дополнително да влијаете на понудениот редослед за својата изборна единица. Доколку сметате дека редоследот е ОК, гласате само за партија. Доколку сметате дека некој од истата листа ви е личен фаворит, со заокружувањето на неговото име или број, можете да придонесете тој да оди погоре, повисоко на листата, и со тоа да биде на добитно место.

 

Која е предноста на мојот концепт? Дава можност гласачот по пошироката средина во која живее да гласа за партијата, но и кандидатот од неговата средина, од друга страна и да одбере директно кандидат, а не онака како што некој политички субјект определил. Ниту еден кандидат нема да биде маргинализиран и про форма, и посветено теренски би се ангажирал да има поголема излезеност, а и самите гласачи би биле мотивирани, затоа што сами би го избрале човекот, а не само политичкиот субјект. Помалите „пајтон“ партии ќе мора сериозно да трчаат, затоа што нема да им вреди ценкањето на некаква заедничка листа да бидат втори, трети или четврти, затоа што ако кандидатот не е заокружен, без оглед на тоа дали се исценкал да биде на висока позиција, благодарение на селекцијата на граѓаните, ќе падне подолу и нема да влезе.

 

Како и да е, сега е веќе предоцна за било какви промени и несериозно е да се дискутира за некакви брзи промени на само месец и кусур од избор на техничка „Пржинска“ Влада. Сметам дека тестирањето на отворените листи би требало да се случи на следните локални избори каде народот би можел да селектира за кого би гласал. Тогаш и партиите нема да експериментираат со ставање на недобитните позиции пензионери и деца, само колку да се пополни бројот. Тогаш секој би бил добитен, и никој нема да има загарантирано место.

 

Кога сме веќе на тема локални избори, за тоа во некоја наредна прилика каде ќе пишувам за тоа зошто треба промена на законот за Град Скопје и начинот и можностите за финансирање на единиците на локална самоуправа.

 

Александар Ристевски

 

#колумни #АлександарРистевски