сабота, 21. септември 2019. Вести денес: 12
home Колумни

Изборни модели – како понатаму?!

Изборни модели – како понатаму?!

Општествено политичките промени, желбата за напредок, мотивот за подобрување на севкупните услови за живот, генерираат потреба и од размислување за промена на изборниот модел. Очигледно е дека овој модел продуцира слаби парламентарни состави, во кои внатрепартиското и коалициското лактање е пресудно.

Идеите и предлозите за една изборна единица би била апокалипса за македонското Собрание. Дури тогаш се ќе се концентрира во Скопје и уште неколку градови, а дури тогаш ќе се уништи плурализмот и диверзитетот на различна политичка мисла.

Македонската држава од 1990 година наваму правеше експерименти со изборните модели, додека не се „заглави“ на актуелниот од 2002 година. Единствени промени кои се направија во изминатиот период беа со дадената можност за гласање на дијаспората во 2011 година, со која се додадоа три фиксни пратеници, кои по изборите во декември 2016 станаа условни, а готово невозможни да биде избран макар и еден.

По првите два изборни циклуси во 1990 и 1994 година, каде што пратениците се избираа со мнозинскиот модел, добивам впечаток дека изборите во 1990 година беа единствените избори кои вистински го претставија плурализмот, лепезата на политичките опции, но и индивидуалниот квалитет на секој пратеник засебно. Веќе следните избори, по бојкотот на вториот изборен круг од страна на опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ и тогашната Демократска партија на Петар Гошев, дојде до најлошиот парламентарен состав во кој се случи потопот на економијата, криминалната приватизација и целосното тонење на институциите на системот.

Изборниот модел се менува во 1998 година со еден компромисен, комбиниран модел со 85 пратеници избрани во мнозински модел и 35 по пропорционален. Тогашната опозиција составена од ВМРО ДПМНЕ и новоформираната Демократска алтернатива успеа да стигне до сигурно мнозинство и заедно со дотогаш исто така опозициската ДПА да состави влада.

Пропорционалниот модел со 6 изборни единици, со по 20 пратеници го востановуваме во 2002 година, и од тогаш на ист начин избираме пратеници во веќе шест изборни циклуси.

Кои се недостатоците на овој изборен модел?

Ги мотивираше најголемите политички партии (ВМРО ДПМНЕ и СДСМ) да ги соберат под себе сите можни човек партии и да направат (по мене) смешни коалиции со по 20-30 политички субјекти за кои повеќето од нас не ни знаат дека постојат, да во 5 до 12 се менуваат листите, имињата и нивниот редослед, па имам состојба со која пратен станува оној кој подобро се договорил и испазарил. Апсолутно е уништена можноста да влезат оние кои се по гласни, самостојните кандидати и оние кои неретко не се согласуваат со некое партиско раководство на локално ниво, а во суштина се подобри кандидати и имаат народна поддршка.

Постојано слушам за предлози од типот, една изборна единица, со дополнета можност за клизни листи, каде ќе може слободно да се одбере кандидатот, ап доколку има поддршка да се искачи погоре.

Не се согласувам со овој предлог, затоа што со тоа во целост ќе се уништат селата и помалите градови, уште толку ќе се втемелат квази елитите, а и партиите дури тогаш ќе станат апсолутистички.

Мојот предлог е следниот:

  • Креирање посебна листа за помалите етнички заедници (сите освен Македонските Албанци кои и така имаат политички субјекти кои ја изјаснуваат јасно нивната изборна волја) со 10 пратеници.
  • Исфрлање на можноста за пред изборно коалицирање. Време е секој политички субјект да излезе самостојно на избори, а по нив или да се спои, претопи, обедини со друг, или да згасне. Смешно е во држава со 2 милиони жители да има околу 50 партии, а постоеле уште најмалку толку во изминатите години плурализам.
  • Два можни изборни модели:

 

  1. Враќање на мнозинскиот изборен модел. 120 или 110 избирачки места, каде кандидатите дефакто ќе произлегуваат од средините во кои егзистираат. Партиите здраво ќе загризат да ги анимираат најдобрите кандидати, ќе има силна борба и независност до самиот крај, а ќе постои можност некој да изгази, или да доживее целосен дебакл во зависност од кадровските политики, но и ќе нема можност да се маргинализира внатрешноста. Точно ќе се знае кој кого застапува и претставува. Исто така границите на секое избирачко место ќе се менува и прецртува од избори до избори. Пример ќе дадам: Во општина Карпош, во Тафталиџе 1 во делот меѓу Митрополит Теодосиј Гологанов и улица Прашка изминатите неколку години се изградени и градат околу 2500 станови. Таму доколку имало незначајна бројка сега ќе носи најмалку еден па можеби дури и два пратеници. Слично е со Џеваир со нови 1300 станови, огромните згради во Топанско поле кај Принц, во Серава, ФлетАјрон и слични микро простори со огромен број потенцијални нови гласачи на едно место. Овој вид на изборен модел на прво место го става кандидатот депутат.

 

  1. Пропорционален модел ако актуелниот, но овој пат за 12 изборни единици со по 10 пратеници. Зошто? Затоа што актуелниот правеше огромни целини, невозможни за работа на терен, а и затоа што одредени кандидати поради Донтовиот модел кој ги форсира големите за мал број гласови правеше да не можат да добијат ниту еден пратеник иако освојува како политички субјекти по 30-40 илјади гласови. Земете ја само изборна единица 4. Во неа го имате и Ново Село струмичко од една страна, и Новаци и Могила, па дури и делови од Битола, од друга страна. Заедно со нив е и Кавадарци и целиот јужен дел на Повардарјето. Изборната единица 1 го има центарот на Скопје, Аеродром и Карпош, но во него е и половина Чаир, од друга страна тука се и Сарај, Студеничани, па дури и еден Македонски брод. По мене, поделбата на територијата на Македонија со 12 избирачки места со по 10 пратеници, со клизно гласање (да гласате за листата, но и кандидатот на истата, а не по редослед како што се поставени) ќе овозможи подобар избор на пратеници, со подобра застапеност и избегнување на моделот каде еден куп безгласни букви се кријат зад некакви носители на листа.

 

И двата изборни модели ќе предизвикаат битно нешта:

  • Ќе оневозможат на креирање на „вечни“ доколку истите не работат, а само успешно преговараат за добитно место кај големите.
  • Дури и оние „носителите“ доколку немаат народна поддршка, постои можност да не влезат во Собранието.
  • Професионализација во вистинска смисла на зборот и отсуство од дуплирање на функции. Или ќе бидат пратеници, или партиски оперативци, или функционери. Тогаш ќе добие државата, а и народот. Со неможноста на генерирање и концентрирање на моќта во поединци, секој ќе мора реално да работи, за да го задржи местото во партијата, во собранието, во општеството.
  • Ќе се исчистат малите и фиктивни човек партии, и ќе се ослободи од лажна контаминација и медиумскиот простор. Ќе мора да почнат нешто да работат, без византиски игри и сплетки.
  • На површина ќе испливаат вистинските авторитети во средините од кои доаѓаат или свесно ќе менуваат место на живеење за да можат да се докопаат до гласови и поддршка.

За крај би рекол дека мнозинскиот има и еден битен недостаток, а тоа е можноста за втор круг. Тука кај нас се прават најголемите игри, ујдурми и гласачки пренасочувања. Токму затоа Пропорционалниот со 12 избирачки места ми е по соодветен, освен доколку не се најде модалитет мнозинскиот да се изведе во еден изборен круг.

Овие мои размислувања се со една и единствена цел, да имаме силено и функционално Собрание, во кое сите народни избраници ќе гризат, ќе се борат, а нема да размислуваат за собирање на сметки за бензин и патарини, лобирања, вработувања, непотизам, приграбување моќ …се освен она за што реално се избрани, ДА БИДАТ КОРЕКТИВ НА ИЗВРШНАТА ВЛАСТ.

Да се надеваме дека ќе не биде еден ден. Време е да се преземе нешто!

Александар Ристевски