среда, 15. јули 2020. Вести денес: 33
home Колумни

Инквизицијата јава и шиба по народот

Да, точно е. Во 21от век политичката инквизиција во Македонија врз своите граѓани тренира строгоќа. Средновековен црковен дрил(правен, политички, здравствен, духовен и физички) во вид на најсуров и нехуман револуционерен макијавелизам. Преку миксерот на власта и корона вирусот, на народот му се нудат  мислата на Макијавели, лицемерието и праксата на инквизицијата и гилотината на Робеспјер.
Инквизицијата јава и шиба по народот

Колумната пред вас е испрвоцирана од лицемерието на Заев, Спасовски, Филипче и Караџовски, за кои кога е Велигден има корона опасност и затоа сите во домашен карантин. За Рамазан пак таква опасност нема, короната нели пиштолџијата Реџепи тогаш само што ја уби, и нема карантин. И   веднаш потоа се отворија рестораните за да се прослави убиството на короната. Се пуштија во промет и автобусите од јавниот превоз. Доаѓа Духовден и Задушница, ајде пак сите во карантин и нема одење на гробишта. Зошто?  Короната воскресна. Демек народот пак е виновен, не бил послушен. И така заразените се множат, а и бројот на починатите не е за занемарување. Ова лицемерие на власта го споредувам со лицемерието на папската и шпанската инквизиција од средниот век. Тие инквизиции, преку инквизиторите, подоцна и преку езуитите, го искористија Николо Макијавели и неговото дело “Владетелот“ и на неукото пучанство од средниот век му сервираа макијавелизам (ама црковен, крваво проверен во пракса, а не мисловен и теоретски, како оној на Николо Макијавели), со цел да ги дефокусираат од црковната примитивна, варварска, погубна и крвава инквизиторска практика, реализирана со амин на католичкото папство.

Е, па му пукна филмот на народот и бегајќи од корона аветот (баукот) што кружи над Скопје, ама бегајќи и од тие што не ги цени и не им ги прифаќа мерките, голем број граѓани на Скопје, во стампедо отидоа кон Охрид, Дојран, Маврово… и други излетнички места во внатрешноста. Домицилното население се буни, повикува на помош полиција, царина.  И ете ти поделба и проблеми што таа ги носи. Ова е грд пример како политичката инквизиција во Македонија макијавелистички го третира својот народ. Третманот е револуционерен макијавелизам (од типот на Робеспјер и Сталин), а пакувањето, т.е обландата е македонска. Тоа ти е. За жал и денес, во 21от век имаме обиди за воскреснување на ликот на Макијавели и неговата мисла како современ макијавелизам. Острото око на македонските објективни аналитичари забележува политичка интенција (намера и пракса) за кршење на правото и за руинирање на правната држава. За непочитувањето на законите и процедурите. Вчера еден чекор напред, денес два чекора назад. Нагоре високо (недостижни правни норми и морални принципи), удолу длабоко – бездна во која се паѓа кога се заговара аномија и не се почитуваат морални принципи. Правно-политичка лимбо состојба. Политички волунтаризам со максимално штетни последици. Платени со загрозено и нарушено здравје и човечки животи. Разочарани, резигнирани, ама и исплашени и во паника, луѓе од Скопје поитаа во внатрешноста. Резултатите од тоа стампедо-излет допрва ќе ги видиме. Ајде скраја да е, да не се оствари. Ама??? Кој знае? Се е можно со вакви узурпатори на власта. И ете, од незнаење како да се справат со короната, фрчат кривични за првиот опозиционер Мицковски, се отвораат истраги за владиката Агатангел, се обвинуваат и се казнуваат граѓаните за недисциплина и непослушност. Ама селективно, одредени средини и некои персони се недопирливи. Реџепи после каубојската фаза непречено си замина на меден месец, а за оној насилникот-советник на Зоран Заев, кој брутално го нападна Игор Дурловски, се чекало да се “чуе и другата страна“. А и повторното нацифашистичко однесување кон Рашела Мизрахи повторно воскреснало, а власта го игнорира и понатаму. Абе, ееј, на ушите си седите, со очите мижете ли мижете, ништо не допира до вас. И тоа, затоа мислам дека ни се случува политичка инквизиција и макијавелизам од македонски тип.

Еве и да ги објаснам. Вистинското прашање е дали волунтаристичката политика на ненародната и насилна власт, го повредува правото и ја осакатува уставноста. Има уште едно битно прашање:  дали, во ова актуелно македонско време, инсистирањето на  суровиот правен прагматизам не ги повредува перспективите на државата, на нејзиниот опстанок? Гледаме, слушаме, чувствуваме, дека врз Македонија е надвисната нова правна маглина во која повторно политиката револуционерно е надвисната над правото. Тоа е револуционерниот макијавелизам што го заговара дезориентирана власт, која не знае, не е кадарна, да се справи со корона пандемијата, па удри по народот, прогонувај владика, малтретирај културен деец и носител на листа, обвинувај лидер на опозиција. Еј, се активираа сите родови и видови полиција и безброј инспекции и инспектори. За една кафеана, за едно седење во неа на 3-4 луѓе. Море викај војската на Рада и право во апс. Тоа е акт против уставноста и безбедноста на државата. Што е сигурно, сигурно е! Следуваат брзи избори, барем така тие велат, и се знае, мора да се уништи опозицијата, да се обесхрабрат верниците, да се подзаплашат непосакуваните избирачи. И ова ќе го појаснам: се предлага, ама и така се дејствува, со недобри и грди дела да се направи наводно добро – добро за државата и народот во неа. Среде корона епидемија (со пик во втор бран) да се спроведат брзи избори. Демек да се активирале институциите и да бидат одговорни. Па што чекате бре, вие сте во институциите, одговарајте еднаш – ама вистински, не со лингвистичка и ментална гимнастика.

Токму пред 500 години филозофот и политиколог, Николо Макијавели, како прв мислител согледал дека постулатите во политиката не се темелат врз етичките принципи и врз правните норми. Аксиомата што му ја припишуваат, која тој воопшто не ја напишал, а според која “целта ги оправдува средствата“, е евидентно доминантна во македонската политичка практика на владата на Зоран Заев. Оваа максима, но и конкретна техника на политичка власт, очигледно е омилениот метод на дејствување на актуелното македонско политичко водство. Тоа водство на суров начин, заговарајќи револуционерен макијавелизам, создава нова, грда политичка култура.

И пак објективната диоптрија на македонскиот аналитичар ќе воочи дека во својата оригинална доктрина Макијавели никаде не го употребил терминот „оправдува“, туку го форсира поимот „одредува“. И сега, имаме двојна измама. Поточно еден фалсификат и една манипулација. Фалсификатот е дека зборот “одредува“ е заменет со “оправдува“. Манипулацијата е пласирање авторство за аксиома, која  човекот што се посочува воопшто и не ја напишал. Имено, со фикцијата “одредува“ философот упатува на ненасилни, на подемократски методи до саканите цели. На политичарите (особено на оние кои насилно менуваат Устав и име на држава), разбирливо, поблиска им е популистичката одредница „оправдува“. Ваквото именување на нивните неправни (неуставни и противзаконски) зафати, некој погрешно ги советува дека им обезбедува избор на поширок асортиман неказниви дејства. Тоа е залажување и самозалажување. Историјата ќе ја испрати фактурата, политиката ќе ја прими, а правото ќе ги направи реалност правдата и праведноста. Кога, тогаш. Што побрзо, толку подобро. Дотогаш ќе си го трпиме макијавелизмот како актуелен миг на македонската ненародна власт и на нејзината макијавелистичка политика. Со оваа политичка прагма, со овој грд правен позитивизам, кој во основата е неуставен, актуелната власт сака да го  инфицира целото наше општество. Во услови на  потурболентни кризи, какви што се уставната и корона кризата во Македонија, практиката на насилие врз правниот систем е се повидлива –  до ниво на очебијност.

Сега, разбирливо, судејќи според реакциите, овој актуелен не правен амбиент, посебно за многумина теоретичари легалисти, професори, правници, експерти, аналитичари, е очаен, мачен, фрустрирачки. Повторно се соочуваат со уставни контроверзи и правни дисторзии. Нов бран доминација на политиката врз правото. Бран, многу јак, силен, уништувачки. Правото го политизира до ниво на аномија. И тоа  општа општествена аномија, што е загрижувачки. За напред наведените луѓе од експертската и академската јавност, особено шокантни  се несмасните зафати(правни, политички) кои правната држава ја обезличуваат преку скрнавење на Уставот и нагрдување на законите. Да, таква е макијавелистичката еквилибристика на една забегана елита која владее со сурови (неморални) средства и остварува нечесни цели. Не задеси несреќата да го живееме времето на најдеструктивни уставни ломови, времето на anomos-от, на безаконието. Парадоксално, апсурдно, за жал, и вистинито. Тоа ти е како рефлексија во и од огледалото. Огледалото од средниот век. Векот на монархијата и тиранијата. Кога волјата за моќ и власт се искачуваше на политичкиот Олимп, а законите, нормите и принципите беа потиснати во средновековниот мрак. Денес политичките мутанти сакаат со средновековни практики(техники и методи), да остваруваат егоистички цели – спротивни на интересите на државата и народот. Со револуционерен макијавелизам суспендираат уставен и правен систем на државата. Таа правна обланда, тој вид на џиџе-миџе политика носи само лузни врз правото и уставноста, кои долго ќе ги лекуваме. Корона системот, “сад га видиш, сад га не видиш“ не помага. Тој систем не помага и во сузбивањето на пандемијата, ама таква ни е среќата, заробени сме во инквизиторските канџи на македонските макијавелисти.

 

Сотир Костов

 

П.С.

Во приликите што следуваат ќе биде до објаснето што претставуваат и кои се разликите помеѓу мислата и политичката теорија на Николо Макијавели, “макијавелизам“ и папската и шпанската инквизиција во контекстот Македонија и техничка власт која узурпира се што ќе зграби во режимските канџи.