вторник, 18. јануари 2022. Вести денес: 55
home Колумни

Инфлација, има или нема?

Инфлација, има или нема?

Политичката криза и неспособноста на актуелната владејачка гарнитура почнува на дневна основа да влијае врз грбот на обичниот македонски народ. И покрај „севдахот“ на Пинокио, дека стандардот расте, платите растат и дека се е подобро, фактот е еден, стандардот не расте, баш напротив, паѓа екстремно куповната моќ на народот.

Се качува цената на речиси се, и тоа вртоглаво, на дневна основа. Цената на струјата е само времено тампонирана со укинувањето на ДДВто. Со тоа се празни буџетот, а народот добива времена обланда, која ќе се скрши следната година. Дури и таа покачена цена на струјата, се очекува повторно да порасне, по нова година. A таман еден куп луѓе се откажаа со греењето на дрва, и се префрлија на инвертери на струја. Очигледно пак ќе зачадат оџаците.

Цели пет години, нема ниту една значајна инвестиција во енергетскиот комплекс. Ако ништо друго можеа барем ТЕЦ Неготино да го гасифицираат, можеа барем да почнат нешто со Чебрен и Галиште. Нема ништо за Вардарска долина, ниту пак за Луково поле и Бошков мост. Место да има институции со фотоволтаици, и истите да се стимулираат за индивидуална употреба, место да се користат сите расположливи енергетски ресурси, ние изминатите неколку години во целост ги испразнивме сите акумулации и езера за да продаваме струја, е сега немаме за наши потреби. Тоа е тој дилетантизам. Не само тоа, туку и во РЕК Битола не им функционираат трите блока, ниту пак со време ископале резерви од јаглен за подолг период. Браво цареви!

Бензинот расте,скоро иста цена е како на времето кога барелот беше 140 долари, сега е половина од тоа, а цените како тогаш, интересно нели?

Е па драги мои, сето тоа удри директно на џебот на обичниот народ. Кој оди по продавници, гледа и чувствува. Има производи кои се поскапени и по 50%. Во најголем дел, 10 до 20%. Трошоците, обврските и побарувањата растат, а платите се качуваат кога ќе има колективен договор во одредени дејности или несразмерно со растот на трошоците. Муабетот дека покачувањето на платите на најслабо платените ќе ги турне останатите нагор, се испостави неточен. Имено, на најголем дел од оние кои и претходно земаа меѓу 20.000 и 30.000 денари, платите им останаа исти, или пораснаа безначајно за 1000 или 2000 денари, додека трошоците за живот вртоглаво растат.

Настрана тоа, што Скопје стана град во кој се помалку има можност некој кој не го решил станбеното прашање, да се задоми. Цените на становите изминатите 3 до 4 години се пораснати во одредени населби од 30 до 50%.

Да, на хартија стандардот расте, но во реалноста, куповната моќ на обичниот народ  го допира  дното. Сево ова само дополнително стимулира иселување, бела смрт преку намалениот наталитет, намален број на ученици, студенти, а утре и на работна сила.

И наместо да се удри турбо на инфраструктура, да се продуцира раст и развој, да се реформира образованието преку креирање кадри за стопанството, ние имаме капитални проекти на ниво од 8% од буџетот, а и тие износи актуелната влада нема капацитет да ги реализира, па добар дел од средствата секоја година на крајот им прави пренамена. Место да се стави драстичен рез на ставката за стоки и услуги, а непотребни времени вработувања, повторно се оди на купување на гласови и фиктивен социјален мир.

Сево ова кое го наведов е само една општа фактографија и податоци кои се достапни за секого, а и ги чувствуваме на нашите плеќи секој ден, кога треба да бркнеме во џебот. Се надевам дека многу скоро, економистите и оние кои прават детални анализи ќе излезат со податок за тоа колкава инфлација имаме, и дали покрај оние две милијарди евра кои актуелната структура не заглави, има уште непријавени трошоци.

Се надевам дека сите веќе почнавте да се освестувате што ни се случува. Мислам дека на сите ни е доста. Жолтиот картон беше даден во октомври, време е и за црвен, и за шут карта.

 

Александар Ристевски

Коронавирус