понеделник, 9. декември 2019. Вести денес: 30
home Колумни

Империјата го возвраќа ударот(1) / Војна на забеганите елити за пари, моќ и доминација

Империјата го возвраќа ударот(1) / Војна на забеганите елити за пари, моќ и доминација

Се сеќавате, “Војна на ѕвездите“ – епизода 5: Империјата го возвраќа ударот(Star Wars: Episode V – The Empire Strikes Back), е американски научно-фантастичен филм од 1980 година. Филмот е најдобар од серијалот Војна на ѕвездите – вистинско ремек-дело. Атрактивен е и провокативен според стилот и техниката, а тајновит и мистичен, и влечи во темнина и очај, според содржината. Во филмот имаме комплексни меѓусебни односи, надмудрувања и борби на бунтовници-криминалци, Император, инперијална војска, предавници, принцеза, вонземјани, Галактичка империја, Ѕвезда на смртта, ледена таинствена планета Хот, свемирски бродови, астероиди, и што ли уште не.

Сите ги паметиме легендарните ликови Лук Скајвакер, Хан Соло, Леја Органа, Ландо Карисијан, Боба Фет, Дарт Вејдер, Оби-Ван Кеноби, Ц-3ПО, Р2-Д2, Јода, во изведба на познатите актери Харисон Форд, Марк Хамил, Ентони Даниелс, Алек Гуинес, Џереми Булох и др. Автор на сценариото и продуцент е ненадминатиот Џорџ Лукас, а режисер Ирвин Кершнер. Филмот изобилува со многу специјални ефекти, stop-motion анимации, дури и користење на интелигенцијата на Ајнштајн во вид на изобличени лица, дроиди и кукли со најразлични ликови. Буџетот на филмот беше 33 милиони долари, а заработувачката околу 600 милиони долари.

Токму таква е и најновата, досега најголема политичко-полициска-обвинителско-естрадна и новинарско-мафијашка-рекетарска афера наречена “Рекет“. На прв поглед не знаеш што е: најнова научно-фантастична приказна, смешно ријалити-шоу, или пак сурова, грозна, бескруполозна криминална рекет акција, изведена од страна на македонскиот мафијашко-криминален октопод. Недоумицата е само на прв поглед. Доколку малку по фокусирано се погледнат работите, по трезвено се резонира за нив и логички се анализираат, сепак сите криминални дејствија замрсени како шпагети, сами од себе се размрсуваат и го добиваат грдиот лик на композит од корупција и криминален рекет. И сепак, на почетокот да објаснам зошто насловот на мојот серијал за оваа афера е “Империјата го возвраќа ударот“.

Минатата година СЈО на Катица обзнани кривичен предмет “Империја“(против Орце Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски), кој беше претходно најавен од медиумскиот могул во раѓање – Бојан Јовановски, по познат како Боки 13. Денес, 7-8 месеци, подоцна, основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, објавува предмет “Рекет“, во кој се појавуваат истите актери, само во “малку“ поизменети улоги. Дел од пријавените во “Империја“, сега, во “Рекет“ се жртви, т.е. оштетени, т.е. уценувани, т.е. рекетирани.

И сега, бидејќи предметот не е на МВР, го пријавува еден од рекетираните бизнисмени(случајно или не почесен конзул на соседна држава), кој бара помош од странска држава, и ја добива, му се жали на премиерот Зоран Заев што го снашло, премиерот наводно во неврзан разговор ја информирал Вилма Русковска, која наводно во мај завела предмет, и сите си молчеле, нешто кобајаги работеле, ама всушност, ништо не сработиле, и се така, додека, Герчо не се одлучи, на 10 јуни годинава, да ни раскажува фикции, на рати, се до денес, за големо рекетирање од страна на Боки, Кики, Фрики, Каки, Заки, Трики, Раки, Шеки, Џеки, Жаки(наводно сите до еден познати ликови од политиката, членови на СДСМ, во улога на компањони, пајташи и асистенти-помагатели на Боки 13 во рекетот…врз определен број на македонски бизнисмени. 35 дена едно големо ништо, и потоа БОМБА – Боки 13 и Кичеец се притворени, а Катица даде/најави оставка, ама ја услови. Според кој закон и член, никој жив во државава не знае, ама, сите молчат.

Веднаш, голема тревога, се запали црвеното светло, започнаа прес конференции на обвинители, притворање на рекетарите Боки 13 и Кичеец(15. Јули), соопштение за оставка во најва (?1?) на Катица(истиот ден), соопштение на цел еден специјално-обвинителски тим, без неговата глава, за оградување од сопствената стручна глава, седница на ЦО на СДСМ, наврат, на нос, донесување на некаква Декларација за борба против корупција и криминал, ја снемува Катица (еј, министерот Спасовски не знае каде била таа), едниот телефон и е одземен за вештачење, другиот телефон наводно го изгубила, според кажување на синчето и, ама не било така, малиот подлажнувал, телефонот е најден, поточно лоциран кај сестрата на неговата девојка, која пак изјавила дека го добил на поклон, ни помалку, ни повеќе, од специјалната Кате.

Во меѓувреме премиерот Заев, изјавува дека во неговата партија нема Кики, Фрики и слични на нив рекетари, а на новинарите им вели, ајде бе батки да ве видам, бидете истражувачи, објавете имиња, па да видете како фрчат тужби. И види, чуди, на новинарите прпа им е, демек не се бавеле со истражувачко новинарство и затоа нема објавување кој се крие позади овие смешни имиња. Пред да почнеме нешто посериозно, да кажеме дека сето ова има и мал увод. Мал, ама многу значаен. Да не беше една телевизија, 1ТВ, и една емисија, најпомпезно најавувана во историјата на телевизијата, како најголем истражувачки новинарски проект, “Македонски инсајдер“, и еден бизнисмен, Зоран Азманов, кој прв обзнани дека емисијата е класичен новинарски рекет, заснована на пуста алчност за бизнисменски пари, можеби и немаше да го имаме предметот “Рекет“. Но, тоа ти е: живот пише романе.

“Најголемиот“ истражувачки и новинарски проект пропадна пред и да започне. Буквално се распадна како кула од карти, при што од најавуваните европски стандарди според кој бил замислен, скоцкан, стокмен и реализиран, не видовме ни “е“ од европски, ниту пак “с“ од стандарди како се прави истражувачко новинарство. Тоа е и нормално. Каде се видело балканска мафијашко-рекетарска шема, со македонски политичко-новинарски шмек, да има европски стандарди. Значи, тврдам, не Герчо, туку Азманов прв проговори за овие рекетарски вуцибатини, пред емитувањето на првата емисија “Македонски инсајдер“, и по нејзиното емитување. И, некако нормално е, со него, со Азманов, и да заврши првата, нејасна фаза од оваа афера. Тој вчера неочекувано, кога сите изгубивме надеж дека нема да дознаеме кој се се крие зад оние смешни имиња, дава изјава дека наводно политички моќник кој средувал во еден портал да се објавуваат компромитирачки информации за него, бил никој друг, туку Александар Кирацовски.

Е, ова за мене е почело, је почело, и најверојатно клопчето, од тука, па понатаму, ќе се размотува. Кругот се затвори со информацијата на Сител дека Сојузот на стопански комори пријавиле рекет и на друга компанија, нејзина членка. Ова многу битен момент, бидејќи бизнисот, очигледно тргнал решително да си ги заштити интересите од девијантното дејствување на криминалците поврзани и подржани од политката и медиумските моќници. Ова и за Заев е многу, за Катица, Боки и медиумските нарикачи и да не зборуваме. Од баруштината полека, ама сигурно, се појавуваат крокодили на суво. Редно беше, време е, а и морално. Нека извинат сите Пигиња во Македонија.

Ете зошто токму ова име за мојата колумна. Ниту полицијата, ниту државното обвинителство, уште помалку специјалното, а најмалку власта ја разоткрија оваа афера. Не! Орце Камчев, секако и другите рекетирани бизнисмени, а пред сите Зоран Азманов. И ако сите тие, минус Азманов се во предметот “Империја“, тоа не значи ништо друго, туку дека “Империјата го возвраќа ударот“.
Ајде сега да видеме дали македонската нација е глупа и тупа? Ова прашање, вчера, со право го постави Зоран Азманов, и заслужува да се обидеме да одговориме. Еве ги моите првични согледувања, а детална анализа, следува во наредните колумни.

Прво, против кој е насочено делото содржано во предметот насловен “Рекет“? Против бизнисмените од предметот “Империја“, и други, како Зоран Азманов – знајни и незнајни. Значи, против бизнис елитата во Македонија.

Второ, Кој го правел “Рекет“-от? Само Боки 13 и Кичеец?! Нема шанса! Многу брзо тие ќе си добијат друштво што си го заслужиле.

Трето, Како го правеле тоа? Искористувајќи ја медиумската моќ на 1ТВ и емисиите на истата, за што подготвиле посебен проект “Македонски инсајдер“, користејќи снимки од разговори прибавени од СЈО и користејќи ја близината со Катица Јанева, и повикувајќи се на нејзината моќ и можност, реална можност, да влијае во истрагите што биле спроведувани против бизнисмените.

Четврто, Од кого биле помагани рекетарите во нивните притисоци, закани и рекет? Од Катица Јанева, видно од снимките со кој располага Орце Камчев, но и од Финансовата полиција, според кажувањето на Зоран Азманов, факт што тој го слушнал од Боки 13. Арно ама и од “Дружината братско стебло“, составена од , Кики, Фрики, Каки, Заки, Трики, Раки, Шеки, Џеки и Жаки, политичари – пратеници и функционери на СДСМ, како што кажува Бранко Героски, факт кој Зоран Заев за жива глава не го признава, а амбасадорката на САД, Кејт Брнс, му порачува, дека во случајот се работи за сериозни обвинувања, подржува темелна и транспарентна истрага и дека Заев треба да бара одговорност од сите владини претставници, без разлика на нивото на нивната функција, доколку постои сомневање за нивна вмешаност во корупција и злоупотреба на службената должност. Заев како да не ја слуша новата амбасадорка, ама еве ти го од утре Рикер во Македонија, па да видиме што ќе се случи?!?

Петто, кој сето ова го крие? Лицемерните обвинители, а да бидам искрен, и некадарни, Јовевски и Русковска, Зоран Заев и СДСМ-то, кои носат Декларација со која се оградуваат од корупцијата и организираниот криминал, а сабџектите кои се нивни носители се во нивните редови. Потоа, министерот Спасовски и Ме-ве-ре-то му, кои не знаат каде била Катица, невешто купувајќи и време на госпожата, и, разбира се, Катица, која дава оставка, ја условува, ја снемува од јавноста, ја загрозува работата на СЈО, се појавува и вели “Јас не сум вмешана во Рекет, и ниту свесно, ниту несвесно, ниту пак со сторување или несторување сум направила нешто против законско, што значи моја вина и одговорност“. Море, чиста као бебешко, сакаш обравче, сакаш газе. Ама, заборава, дека на газето, чат-пат има и каки. И тоа доста смрдливки каки.

И за крај морам да ги споменам и двете епохални оградувања: Тимот на Катица, чии членови, колку до вчера ја воспеваа како икона на правдата и праведноста, и и порачаа што дробела, сама да си срка – уби их прејака реч, би рекле брача Срби. И секако, моите “симпатии“ македонските медиумски и новинарски нарикачи и наведувачи, кои откако цицката на Боки од која цицаа отиде во притвор, и секна, од никого прашани, најсрамно се оградија од Бокета, и ги снема – сви ником поникоше, и за нив би рекле нашите северни комшии. Па луѓе мои, тука немаме само “Војна на Ѕвездите“, туку и “Судар, расчистување и истребување помеѓу световите“ на забеганите елити: мафијашко-рекетарски – обвинителски, политички, медиумски, новинарски и полициски.

За крај, дали надлежните органи за прогон ја гледаат големата слика? Јасна ли им е? Ја разбираат ли? Знаат ли и свесни ли се во каква каша-попара се западнати? Не ми се верува, дека знаат што ги снајде. А како сето тоа да се расчити? Е тоа е друга приказна, и како тргнала работата, тоа ќе го прават некои други обвинители, полицајци, политичари, новинари. Од моите скромни истражувања, овие денови, видов дека само еден новинар-колумнист(Дарко Јаневски), еден адвокат и колумнист(Ѕвонко Давидовиќ) и машала, еден универзитетски професор, социолог(Ило Трајковски), успеале во целост да ја сфатат приказната, да ја видат шумата, ама и сите поединечни дрва во нејзе. Мојата анализа за рекетарско мафијашкиот мозаик во следната колумна.

П.С.

Ја довршувам колумната во момент кога премиерот Зоран Заев објавува Акциски план…..за…средување на медиумите…за….едукација на новинарите што известувале од Влада… море луѓе, пред месец-два не ви зборував дека доаѓа, а еве сега го живееме, ОРВЕЛОВСКОТО ВРЕМЕ на ГОЛЕМИОТ БРАТ. Тој, Големиот брат на се ќе не научи, ќе не едуцира и ќе не дисциплинира.

Сотир Костов