четврток, 3. декември 2020. Вести денес: 0
home Колумни

Имаме ли “Фирер-синдром“ – политички вирус во власта на Заев и СДСМ?

Имаме ли “Фирер-синдром“ – политички вирус во власта на Заев и СДСМ?

 

Угаснете и светлини! Мрак да биде – каракамен.
Има, има в темнината нешто живо пак да свети:
Има болка на душата, има души неранети…..

Бели мугри, Кочо Рацин

Дали ни се случува Принципот Фирер во аферите/скандалите на Зоран Заев и корона-бандитизмот? Нели е тоа флагрантно загрозување на здравиот хуманистички настроен Разум(Recta ratio)? Подготвени ли сме да се соочиме со “Фирер-синдромот“ на власта во Македонија?

Повеќе од 30 години ги проучувам феномените на апсолутна власт и нејзините “жолти минути“ и “црни дупки“, и кога ќе помислам дека прашањата и проблемите во тој контекст сум ги апсолвирал доволно, секогаш, како не пишано правило, непријатно сум изненаден од мојата наивност. Еве на што конкретно мислам.

Сведоци сме дека вонредната и техничка власт на Зоран Заев и СДСМ секој ден се соочува со атрофијата на сопствениот капацитет за решавање на горливите проблеми на секој еден што живее во Република Македонија. Нејзината шизофрена култура и налага спас да бара во темните долапи од минатото, каде се сместени папките (покриени со прашина) во кои се содржат облиците на афторитарна, тоталитарна, апсолутна лична власт.

Така воскреснуваат нови феномени (социолошки, политолошки, психолошки, правни, уставни). А кога ќе воскреснат нови(во суштина стари) феномени од минатото, народски речено “ќе вампират“, свеста и совеста налагаат да бидат посочени, објаснети, стигматизирани и анатемисани. Едноставно кажано, вратени на буништето/сметлиштето на историјата, каде им е и местото. Тука пред се мислам на начелото Водач (Фирер, Дуче, Гаудиљо), како есенцијата на фашистичките и нацистичките режими. И сега прашувам: дали нам ни се случува/го живееме токму тој принцип, доктрина, идеологија на владеење? Ни се сервира ли денес такво нешто како начин на размислување, зборување и дејствување?

Во ова време-невреме, на пандемија од корона вирус, кога се води беспоштедна битка за здравјето и животите на сите нас, зошто не е дозволено алтернативно – поинакво мислење, став и стојалиште? Мислам, море и тврдам, тоа е поради принципот на исклучивост и апсолутниот карактер на оваа власт. Е, да знаат, или поточно, еве ги опоменувам дека, тој принцип им е анахрон и вулгарно им се пројавува во “Фирер –синдром“.

Режимот на Заев, Шеќеринска, Спасовски и Филипче, од сите, ама буквално од сите, бара беспоговорна послушност. Слепа послушност. Послушност изразена со акламација која е крешчендо на идолопоклонството. Дискусијата не е дозволена. Има само подаништво. Наведната глава, искривен р’бет, и отечени колена – од коленичење. Поминуваат само бирократските апаратчици(сите директори, раководители и инспектори, кои ја прифаќаат свеста како несвест и несовесност и учествуваат во државната репресија) и интелектуалните техничари на моќта (експерти, аналитичари, колумнисти кои подржуваат тоталитарен начин на владеење).

Аферите за нацифашистичкото стигматизирање и сменување на министерката Рашела Мизрахи; Куманово и градоначалникот Максим, не/точните и не/валидните тестирања, времето на смртта на мајката и синот од Велес, илузијата на Филипче и “има-нема“ респиратори, директорката од Битола која со декрет забранува соопштенија за јавноста, забраната на прашања за министерот Филипче, случајот со злоупотребата на Армијата на Република Македонија и многу други вакви и слични нелогичности, апсурди и глупости, се показ и доказ дека Водачот е епицентар од кој потекнува се и мора да биде така, како што налага неговата волја и жед за моќ – во случајот(вонредна состојба) неограничена и неконтролирана од никого. Неговата догма е врховна норма и апсолутен акт.

Комуникацискиот простор се стеснува и затвора, јавниот дискурс се избегнува (во тв студијата веќе ги нема претставниците на власта), дозволени се само однапред договорените прашања. А има многу неодговорени прашања и многу апсурди: Зошто Максим не смее да размислува поинаку од Фирерот и суријата му? Па затоа што не го послушаа на почетокот кога предлагаше нешто поинакво од нивните ступидни мерки, кога укажуваше на состојбата која само што не експлодирала, кога предупредуваше на опасноста што му се заканува на Куманово.

Сега кој ќе ти признае грешка/ Никој! Затоа “Нека виси Максо!“. И види чудо, инфлација од бирократски записници на инспекции, казни, па дури и кривична пријава. (Се повеќе се прашувам, да не беше во право мојот сорговорник од емисијата “Само вистина“, кога го спомна “Преки суд“ за народ кој не е послушен. Еве, градоначалникот Максим си го доби “прекиот суд“ од неговиот Фирер).

После глупостите на Филипче со смртта на мајката и синот во Велес, наместо да следува извинување до јавноста, лакрдијата продолжува, па сега имаме спротивставување на експертизи на две државни институции. Филипче има право на тоа, ама за Максим такво право Фирерот не дозволува; Уште не знам до каде е “прекиот суд“ за докторот од Битола кој и се спротивстави на директорката и нејзините средновековни ен-ка-ве де-овски забрани, ама има време – ќе се разбере. И да не ги образложувам сите примери.

Сите до еден се суптилно насилие врз Човекот(авторство на Д. Апасиев). Море и повеќе – сведоци сме на срамно, безобразно и бескруполозно структурно насилство. “Тиранија без тиранија“, би рекла Хана Арент. И без да е нормирана во Уставот и законите, би додал јас. Токму затоа пишувам за овој срам, изразен преку Фирер – синдромот, кој преку воведување вонредна состојба, овозможи, нашиот парламентарен систем на демократија да се претвори во режим-тиранија, нешто што е дијаметрално спротивно на вредносниот, правниот и моралниот систем, нормиран во Уставот на Република Македонија.

А тоа драги мои Македонци е чист авторитарен државен тероризам и догматизам. Диктаторски децизионизам кој налага авторитарен прагматизам. Сето ова потекнува од мистичните темели и основи на авторитарниот карактер и менталитет на Заев и бандитската дружина. Тој(Заев) или тие(сите негови послушници и поданици) се слепи и глуви за состојбата, проблемите, потребите и барањата на публиката и аудиториумот.

Водени од ирационалното во политиката, нив ги третираат како маса(непослушна) и толпа(недисциплинирана), користејќи ги рецептите и триковите на Гистав Ле Бон, од неговата книга “Психологија на толпата“. И ги раководат со масовна хипноза. Ама за жал (нивна), или за среќа (наша), режијата им е многу слаба -нестручна. Пропагандата им е поставена на ирационална основа. Убедување без аргументи и факти – сувопарна персуазија. Критичкиот ум е недозволен. Неубеденоста(наша), не важи. Ама затоа императивните формули на црната државна пропаганда се множат и придодаваат една на друга. Така тие си ја градат нивната имагинативна политика, која нема благе везе со реалноста.

Не знаат дека рецептите и триковите на ле Бон се pase, откога францускиот социолог Серж Московиси, во книгата “L’age des foules“ ( “Време на толпата“), кој преку устата на Наполеон, поентира: „Во светот постојат само две сили – меч и дух, а на крајот, духот секогаш го победува мечот“. Јас тоа многу одамна(1994 – 1998г.) го нареков револуционерен макијавелизам практикуван од СДСМ (кој заслужува посебна колумна).

Тогашната сдсмовска елита, преку создадените од неа олигарси, го опљачка државниот и општествениот капитал, создаде армија стечајци невработени, а на социјален план воведе сиромаштија и битка за гола животна егзистенција. И видете сега: Денес тие луѓе се пензионери, кои за Фирерот и неговиот бандитизам се недисциплинирани, непослушни и едни од најопасните „разнесувачи“ на корона вирусот.

Ете тоа е трагикомиката на некомпетентноста, некадарноста и неумноста. Тоа ти е кога историјата ќе ти се повтори како фарса, ама фарса со трагични последици – загуба на човечки животи. И тогаш и денес тие се служат со макијавелистичкиот метод Crudelta Bene Usate – Лоши грозни дела добро употребени. Народски кажано со лошо добро да направиш. И тоа да го претставиш како нова револуционерна теорија и пракса на “чекан и танц“, а според новоговорот на Заев “чекич и денс“.

Од таа теорија-пракса јас видов само државна пропаганда, во која, наместо информирање со вистина, заснована на аргументи, факти и докази, имаме етикетирања, дискриминации, стигматизација, репресија и казни. Сепак, на крајот, после долго промислување, чинам дека “Фирер –синдромот“ што нашите властодршци по принципот “24/7 будност и ангажираност“, ни го ставаат пред нос, ден по ден, чекор по чекор, им се враќа како бумеранг во вид на “Лилипутански синдром“, во кој тие се препознаваат како ситни, безначајни, малечки Нерончиња, отфрлени од сите – луѓето, времето и просторот.

Дечки, поминаа времињата кога бевме овци кои не размислуваат и не расудуваат. Апсолутизмот, историски гледано, сепак е задоцнет поим. И само за потсетување: Во декември минатата година, со група млади поети, филозофи, социолози, го поставивме реторичкото прашање “Возможен ли е Рацин денес?“.Чинам, одговорот е јасен: Да! И повеќе од возможен е Рацин денес. Тоа е и мој одговор на “Фирер –синдромот“, од кој како вирус е заразена оваа власт.

Сотир Костов

П.С.

За читање ви го препорачувам есејот на Димитар Апасиев “Сиромаштијата – второ име на структурното насилство“, кој пред 11 години како да пишувал за денешните состојби. Нека му ја мислат во СДСМ, кој ќе им го загорчи изборниот колач од левата страна на политичкиот спектар.

Коронавирус