четврток, 16. јули 2020. Вести денес: 137
home Колумни

ИМААТ ЛИ ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЦИ ПРАВО НА КОРОНА ВИРУС

ИМААТ ЛИ ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЦИ ПРАВО НА КОРОНА ВИРУС

Независно од фактот дека постои формално прогласена вонредна состојба во државата очигледно е дека веќе извесно време живееме во услови кои се надвор од редовната пракса.

Имаме вонредно секојдневие со ограничено движење и одложени дневни навики на однесување. Кризата која по дефиниција подразбира нестабилни и опасни ситуации независно дали се однесува на индивидуа, група или цело општество е веќе евидентна.

Ако нејзини основни карактеристики се опасноста и недостатокот од нешто (или наезда на нешто), тогаш ги имаме сите. Имаме нов вид на корона вирус кој е потенцијална опасност за сите, а воедно имаме недостаток од заштитни маски, дезинфекциони средства, а во случај на ескалација можно е под прашање да бидат доведени и болничките капацитети.Единствено рационално однесување во вакви услови би било превентивното однесување и збир на мерки кои би требало да придонесат кон спречување на ширење на заразата.

За ваквите мерки да бидат ефективни пред се треба да бидат брзи, сеопфатни и со еднаков квалитет и облигационо значење за сите.

Со жал морам да констатирам дека во денешново македонско „едно општество“ за сите како да постојат под општества, кои и во време на криза егзистираат сепарирано и во посебни услови. Можеби ова е моментот кога треба да сфатиме дека поделбите можат да бидат животно загрозувачки и не можеш да бидеш апстрахиран и имун на нешто се додека си дел од истото, без разлика колку перцепцијата за себе ти е супериорна. Па така имаме поделба на вработени во државна администрација за кои постои „карантин“, и вработени во приватен сектор за кој никој не прашува како да се надвор од државата. Имаме поделба на позиција и опозиција иако мерките и предлозите од едната можат да бидат спасоносни или животозагрозувачки и за другата страна.

Имаме заслужни професии во време на криза (иако се уште не сме го виделе ефектот од сработеното), и професии кои во моментот се доживуваат како „товар“, бидејќи никој не им се заблагодарува и природата на нивната работа не е актуелна, а со тоа се доживуваат како вишок во овие околности. Имаме дејности за кои државата од старт донесе одлука како понатаму и сопственици на претпријатија, кои на сопствени плеќи треба да ја износат одлуката „како да се постапи“. За тежината од правото на избор расправа води и самиот Достоевски во „Браќа Карамазови“ каде истото го издига на ниво на дилема дали изборот е привилегија или казна, со суптилен акцент на второто токму поради моментот на одговорноста.

Конкретно за сопствениците на претпријатија од текстилно-кожарската индустрија и други трудоинтензивни дејности, не дека опции за избор не постојат, но тие се движат помеѓу одлуката да се продолжи со производствениот процес по цена на ризик да ескалира состојбата со корона вирусот во нивните редови и да колабираат претпријатијата како епицентар на зараза. Или пак, времено да се донесе свесна одлука за стопирање на работата и заштита на работниците, која ќе повлече многу извесен колапс на бизнисот заради доспеаните обврски и загрозени односи со странските партнери. Со други зборови кажано ДА, работодавачите имаат право на избор за тоа на кој начин сакаат да го затворат сопствениот бизнис.

Така ќе биде се додека државата не застане зад нив како зад рамноправен дел од општеството, и не ги поткрепи со бројни мерки на замрзнување на обврски и друг вид финансиска поддршка се додека не помине периодот на криза и намалена потрошувачка што видно влијае на односите (порачките) со странските партнери. Да не го заборавиме и банкарскиот сектор и кредитодавателите, кои исто така видно може да помогнат со замрзнување на обврските не само кон компаниите засегнати од кризата, туку и кон вработените во истите.

Се заборава дека станува збор за претпријатија, кои се големи носители на вработеноста.300-500 луѓе може да останат без работа само со затворање на едно од нив. Но дали прашањето на невработеноста е прашање од еднаков државен интерес и дали пропаѓањето на приватниот сектор ќе ги ефектуира примањата на останата популација?!

Слична е состојбата и ако гледаме од аспект на работникот. Каде е правото на живот на текстилните работници во услови на епидемија од корона вирус. Или пак, ќе се сведеме на Орвеловата „сите животни се еднакви меѓу себе, но едни се поеднакви од другите“. Дали и колку инспекциските служби (повторно во улога на државен апарат) излегуваат на терен и санкционираат работни услови кои без соодветна заштита (заштитни маски, просторна раздалеченост и сл.) се потенцијален ризик по здравјето на работниците. До каде сме со реорганизацијата на производствениот процес ако тој мора да тече?

Да ги провериме и принципите на сеопфатност и еднакво важење на воведените превентивни мерки. Ако една од првите антикризни мерки беше забраната за собири токму поради фактот дека повеќе луѓе не едно место се потенцијално жариште за ширење на зараза, тогаш дали 350 текстилни работници во една хала, на раздалеченост од неполн метар не се епицентар на зараза. Сакам да прашам, кој е ефектот од превентивно забранетата театарска претстава, кога имаме текстилни работници кои по завршувањето на работниот ден се дисперзираат насекаде?!

Принципот на брзината на антикризните мерки нема ни да го коментирам, бидејќи иако ја прогласивме долгодискутираната вонредна состојба во државата, веќе е доцна да бидеме држава ….безбедна, здрава, економски одржлива, држава во која граѓанинот е изедначен по правата и слободата која што би требало да му припаѓа, нееднаков дури и по однос на правото на суспензија на истите во време на криза. Ваквиот латентен период пред ескалација на заразата, всушност на површина го извади сето она од кое стравува секоја нормална држава.

Не велам дека нема да се извлечеме од кризата, само обзнанувам дека е доцна да бидеме општество без подмножества на привилегирани и оштетени. Доцна ќе биде кога ќе сфатиме дека трагиката на едните ја загрозува благосостојбата на другите. Доцна е да бидеме еднакви и сигурни!

 

Д-р Христина Серафимовска

Парламентарни избори 2020