вторник, 22. октомври 2019. Вести денес: 110
home Колумни

Има ли пилот во авионот

Има ли пилот во авионот

Има ли пилот во авионот Македонија или пилотира копиљот кој лета, но не знае да управува. Сарказам и подбив со државата и народот, со граѓаните на Македонија, бидејќи ете две години се движевме по инерција и сега е време-невреме кога никој а најмалку Заев знае каде треба да се движиме или да слетаме, а нема кој да го слета авионот.

Кога поставував прашање „Кој му даде на Заев безбедносен сертификат“? И кога тврдам дека платените аналитичари-советници на Заев и некои универзитетски професори немаат допирна точка со познавањето на хибридни, специјални или proxy војни, токму зборувам за загрозена безбедност на Македонија и тоа на државно ниво.

Каде се чуло и видело странска држава и служба да спроведува ПИ мерки во друга држава и тоа без знаење на домицилната држава. Само кај нас во Македонија, во останатиот свет тоа се нарекува „разузнавачка активност“. Реков јас дека треба да ридаме до небо, но ниту таа метафора никој не ја разбра сериозно, бидејќи очигледно е дека Македонската јавност живее во Орвеловска реалност, но затоа пак ЕУ и нивната јавност ја имаат вистинската слика за збрката во Македонија.

Резултат од оваа збрка е и повикот на Заев за лидерска средба, односно на истата треба да се измие од срамот и за потребите пред домашната, но и пред меѓународната јавност треба да покаже дека интензивно работи на расчистување со организираниот криминал, корупцијата и тоа во сопствените редови, а уште и дека е посветен на евро интеграциите. Целосен театар во кој очигледно ќе биде вовлечена опозицијата, бидејќи ДУИ и Алиансата веќе влегоа во играта, но со своја математика.

Нема простор за водење „хибридна„ војна како што милуваат заевите експерти да пишуваат, доколку тој простор не го отворија неспособната влада на Заев и корумпираниот СДС, а за што во континуитет цела година наназад укажуваа нашите партнери. Така и дојдовме до оваа траги-комична состојба во која соседна држава ни спроведува ПИ мерки за откривање на организиран криминал, уцена, изнуда и слично. Прашањето е: „каде се нашите служби, или зафатени со трансформациите (во своја политичка полза) во безбедносните структури немаат ниту насоки ниту волја да гонат случаи на висока корупција и организиран криминал“? Во овој дел на трансформацијата на безбедносниот систем своја улога има и опозицијата, но за тоа во друга прилика. Во моментов може да отвориме експертска дебата за тоа дали Заев води специјална војна против сопствената држава и да зборуваме за појавни облици на државен тероризам со што се создава страв и несигурност кај граѓаните. Но, сепак таквата расправа треба да даде и решение кое нема да биде насочено кон оправдување на политиките (ако воопшто има некакви политики) на Заев.

Токму оставката на Катето претставува чист пример за сите вас од шарените и од СДС паѓачите во несвест по Заев како и неговите експертски и универзитетски бранители, дека самиот Заев ќе ја употреби метлата (неговата или онаа што ќе му ја даде под принуда ЕУ-во овој случај соседна држава) единствено во случај кога ќе му биде загрозена неговата кожичка. Тогаш нема да има сентимент кон никого, па така и Катето која толку многу го задолжи, ја измете. Единствено себеси нема да се измете, него ќе треба да го измете возобновувањето на системот и тоа по сила на закон. Како дел од трендот за дорастурање на системот е и идејата на Заев за менување на здравствениот, пензискиот и социјалниот систем чии последици се обиде да ви ги објасни колешката Каракамишева, но конкретните последици од еден таков монструозен проект ќе ги почувствуваме многу бргу по неговото имплементирање.

Но, прашањето повторно се враќа на стручно-експертско ниво, а тоа е поврзано со функционирање на државниот систем и се однесува на тоа кој всушност управува со државата, без разлика дали наместо пилот има копиљот кој знае или не што прави. Во конкретниот случај при урнат (не нарушен), токму урнат систем на функционална држава нема потреба од глупави лидерски средби на кои на Заев ќе му се дава легитимитет и шанса за опстанок.

Ние сме зрели за принудна управа во обликот на експертска влада која ќе има поддршка и доверба од народот и од нашите партнери надвор, со краток но прецизен мандат и единствена задача да во ограничен временски период го возобнови и стави во функција државниот систем на Македонија како граѓанска држава. Времето за превенирање на состојбите особено во однос на државната сигурност со која е поврзано функционирањето на државниот систем во целост е поминато, време е за итна реакција.

Затоа нема простор за гледање сеир и ситење на глупостите на Заев и Орвеловско учествување во неговата „Животинска фарма“ со пишување по социјални мрежи или незнам какви просветлувачки очекувања на неговите лидерски средби. Одамна напишав дека сите ние ќе бидеме генерациски виновни пред историјата што со нашата неактивност ја донесовме државата до тука.

Секое понатамошно одложување на агонијата во која паѓаме како општество ќе носи неизвесност и запалива атмосфера во која е загрозена државната сигурност (тоа е сигурност на граѓаните во сите аспекти) во која ќе недостасува само уште пиљарот Мухамед Буазизи во наша верзија (а ќе се најде некој таков). Убеден сум дека тоа го гледаат и нашите партнери од НАТО и ЕУ.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов